Среќата е именка за која се врзуваат многу значења. Таа е исконска човечка стремеж и идеја која ги матела умовите на голем број филозофи. Тери Иглтон, Бертранд Расел и уште многу други филозофи посветувале книги и текстови на тема среќа, а среќата стана и неотуѓиво човеково право откако Томас Џеферсон стремежот за среќа го нарече индивидуално човечко право и го смести во Декларацијата за независност на САД. 

Но, ниту еден одговор на прашање Што е среќа не е потполн. Не постои една прифатена дефиниција што е среќа. Општоприфатено стојалиште е дека секој има право на среќа и дека среќата е субјективна категорија. Секој од нас точно знае дали е среќен или не во секоја единица време. Но среќата не зависи само од нас, таа е последица и на објективни фактори.

Јасно е дека доколку во животот на некој човек се случила трагедија, за него дури и зборувањето на тема среќа е незамисливо. Но она на што современиот човек е жртва, не е правото на среќа, туку обврската да биде среќен. Присуството на зборот среќа кој не е дефиниран и со самото тоа е празен збор во комуикацијата помеѓу луѓето создава засилување на нерационален стремеж за среќа.

На прашањето што е среќа нема често успешна артикулација. Луѓето среќата ја дефинираат посредно, со добро расположение, хумор или моментално чувство на радост. Толку сме опиени од идејата за среќа, што постојано ја бараме во вештачки стимуланци и супстанци за поттикнување на хормони на среќа.

Никогаш повеќе од сега нема да сретнете млади луѓе кои злоупотребуваат наркотици или алкохол, во бегство од тага и потрага по среќа.

Никогаш повеќе нема да сретнете луѓе кои се осамени кога се тажни или болни и луѓе кои си поставуваат обврска да зрачат среќа и радост, затоа што општо правило е дека „треба да бидеме позитивни“. Погрешните обиди да се пронајде среќата, без да се знае што точно е среќа даваат непредвидлив и лош исход.

Злоупотребата на алкохол и наркотици создава зависници, а игнорирањето на реалните емоционални состојби создава психички болести кај луѓето.

Општеството погрешно ги наведува луѓето дека треба да бидат силни и дека се ќе биде во ред. Во таа спрега на социјални односи во кои сме заглавени очекувајќи нешто од другите или оптоварувајќи се со тоа што другите очекуваат од нас создаваме емоционален амбис во кој на крајот се ништиме под сила на гравитација на амбисот.

Во суштина доволно е луѓето да ги нарекуваат емоциите со вистинско име, да не ги избегнуваме луѓето кога се тажни, да не се срамиме од себе ако некој не види поразени и скршени од болка, да не очекуваме ништо од некој друг и да не се лажеме себе си дека се ќе биде во ред кога во стомакот ни стои голема празнина која ни го голта битието.

Среќата не е метафизичка категорија, неа не треба да ја бараме во совршена сабота навечер, во совршен партнер, или успешна кариера. Среќата не е преголема за да ја собирате во сеф, огромни куќи со дворови, забави од рангот на Големиот Гетсби или девет цифрени бројки на банкарските сметки кои не можете да ги потрошите сами на она што навистина ви треба.

Среќата е прилично достапна, кога знаете како изгледа, ќе го научите точниот одговор на прашањето дали сум среќен. За среќа е потребен барем еден искрен пријател, слободата да не му должите никому никакви одговори, да го имате мирот додека го пиете утринското кафе и да можете секому во секој момент да му ја затворите вратата од вашиот живот доколку почувствувате потреба за тоа. Среќата не зависи од вашиот однос кон другите или обратно, туку исклучиво од вашиот однос кон себе.

Доколку не се лажете себе за тоа како ќе се чувствувате, тагата ќе ви биде добар учител. Ќе сфатите дека тагата не е тука да ве потсети на вашите грешки и неуспеси и да ви ја донесе заслужената казна, туку да ви го даде заслужениот одмор кој ви е нужен од една ситуација конечно да почнете да барате решение наместо да продолжите да правите грешки движејќи се во погрешен правец.

За човекот да биде среќен, мора да научи дека освен право на среќа има право и на тага!