Гледам како една мала нација желна за добри историски случки, исклучително ретки, се радува на можноста македонската фудбалска репрезентација да игра на Европското првенство за прв пат во скоро 3 децении независност.

Истата таа мала нација, преку ситните успеси на спортските терени или уметничките остварувања, за момент ги заборава сите свои неуспеси и понижувања.

За момент заборава дека сме една од ретките европски држави која нема ниту еден Нобеловец, ретко имаме технолошко значајни патентирани производи, скоро и да немаме наука ако таа не е врзана со настава, а за возврат имаме корупција, мито, сиромаштија, беда на духот и абнормално голема стапка на одлив на мозоци.

Не е проблем што си одиме од тука, скоро сите сме свесни дека нашата поединечна иднина и среќа не може да се оствари ако останеме.

Единствено нешто што врзува за родното место е родољубието кое од нас ја бара жртвата да бидеме сведоци на многу неправди и да водиме секојдневна сурова борба за опстанок.

Полека, но сигурно, во еден момент сите ќе ја донесуваме клучната одлука – да заминеме од тука борејќи се за подобра иднина.

И ќе ја донесеме, секој со свои причини, разбирливи и за оправдување, но ќе дојде време кога ќе посакаме да се вратиме, а нема да имаме каде.

Македонија ќе мириса на старост, ќе се соочуваме со регресија, со остатоци од претходни ригидни системи на уредување, ќе се соочуваме со традиција во изумирање, со демографиски феномени како стареење на население, ќе се соочиме со дегенерација и декаденција.

Она што го оставаме, нема да го најдеме кога ќе се вратиме тука.

Тука ќе живее некоја стара генерација во изумирање, повеќе ќе посетуваме гробови од ресторани, ќе среќаваме луѓе кои не го зборуваат нашиот мајчин јазик и со поголема носталгија ќе се сеќаваме на она што сме го живееле кога ќе бидеме тука, одошто кога сме далеку од „дома“.

Секој се бори за подобра иднина, ама ако е подготвен да ја плати цената на целосно раскинување со минатото.

Доколку некогаш се случи, да го посакаме минатото и да се вратиме тука, за неколку генерации, ќе видиме поголема туѓина, одошто таму каде што сме заминале и од каде што сме се вратиле!

Автор: Магдалена Стојмановиќ

ИЗВОРМој збор
претходниот член,Која количина на пиво е здрава за нашиот организам
Следната статијаЕМА со нова препорака: АстраЗенека да не се дава ни на лица над 60

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде