Борислав Траиковски (роден во Битола 1917-1966), со своето тридецениско уметничко создавање претставува веродостоен показ за констатацијата дека ова наше поднебје изобилува со уметнички и индивидуални вокации, кои со силата на својот талент заземаат престижно место во Македонската современа уметност и пошироко. На ликовната сцена се појави во шестата деценија на минатиот век, и тоа, во време кога културниот и духовниот живот бил сведен на маргинитие на човековата егзистенција, време во кое секоја творечка свест и имагинација го губи својот квалитет.

Во оваа смисла, за тој факт говори непознатото богатство на уметникот Борислав Траиковски насловено „Без почеток и крај”, кое со збирот на мотивски техники и карактеристики храбро се спротивставува на таа временска турбулентост, оформувајќи свој цврст ликовен израз и став во тогашните општествено-политички случувања. Делата на овој уметник претставуваат значаен документ за толкувањето на неговиот сликарски јазик во кој доминира знаковната појавност на одредени форми (риба, спирала и сл.), но и фактот дека при задлабочувањето во истите, може да се забележи и присуството на една чудна тишина што е артикулирана низ специфична сакрална, интимистичка и амбиентална просторност во самата слика.

Во почетокот, како резултат на неговото класично академско образование во Белград, главна преокупација во творештвото е фигуралното сликарство (актови, портрети, цртежи), во кое постоењето на карактеристична за него впечатлива црна контурна линија ја поставува во двојна функција така што го поставува следното прашање пред гледачот: прво, дали таквото цртање е од чиста декоративна побуда и второ, дали тоа е одраз на длабоката внатрешна природа на уметникот?.

Во тој контекст, монолитографиите, каде што е силно влијанието на пулсирачката транспаренто и нераскинливо повелечена линија, тој ја индицира неговата поврзаност со поднебјето на родниот град Битола, а импресијата од таа глетка ја отсликува низ античките монети и старата архитектура. Иако, навидум декоративно сликарство, сепак, во својата суштина силно и промислено ја реинтерпетира традицијата водејќи сметка за личната поетика, ставови и чувства, и истовремено, покажува дека неговото творештво е најблиско до експресионизмот од нов тип во кој ги наслушува звуците на своето време.

Борислав Траиковски во техничка смисла посебно внимание обрнува на бојата, нејзината точност, звучност и својственост. Всушност, таа е смислата на неговата слика, преку неа тој ја дефинира формата, ја одредува идејата и има метафорично значење, т.е. претставува моќна енергија на времето во кое тој живее.

Во нејзината полност и густина длабоко врежува одредени елементи кои имаат симболично значење, но и укажува на свој извесен калиграфски ликовен ракопис.

Имено, станува збор за тн архетипски магиски знаци со чија помош создава една лична митологија во мистично обоен простор, во кој конкретниот мотив се појавува како граница помеѓу овде-онде, внатре-надвор и свесно-несвесно. Впрочем, тие ни ја предочуваат фрагментарната визија на некакво тегобно чувство или состојба на уметникот, како и тоа дека, низ трансформацијата на видливи форми во некакви апстрактни симболи може да навлеземе во некаков медитативно-гестуален свет на авторот ( „Стремеж”, „Незаситеност”, „Карактери”, „Копи”, „Две спирали”, „Извориште”, и др.). Истовремено, лесно се констатира присуството и на наненсени нијанси, тонови и валери на боја кои, исто така, би можеле да означуваат психолошки состојби и природни појави на пример: сина -симбол за небо и духовна суштина; црвена–крв, активност, егзистенција; зелена–природа и циклус живот-смрт; жолта–духовна димензија.

Она по што ќе се памети делото на Борислав Траиковски е умешното користење на сопствените внатрешни потенцијали, со намера да ги ослободи, контролира и моќно да ги нанесе креативните импулси на платното, и тоа со помош на неговиот осет за три основни категории: облик, квалитет на боја и задоволство во цртање.

Автор: Марија Стојческа