Белите и сини куќи на грчките острови кријат приказна што нема врска со естетика и традиција
66
На островите како Санторини, Миконос, Парос и Наксос, куќите традиционално се граделе од камен, кој бил лесно достапен материјал. Сепак, темниот камен силно ја впивал сончевата топлина, па домовите во лето станувале речиси неподносливи за живеење.
Решението било едноставно – варосување во бело. Белата боја ги одбива сончевите зраци и помага внатрешноста да остане посвежа и поладна.
Дополнителна причина за ширењето на белата боја била епидемијата на колера во 1930-тите години. Тогашните власти наложиле куќите да се варосуваат, бидејќи варта имала дезинфекциски својства и помагала во спречување на ширењето на болеста.
Сината боја, пак, се појавила од практични причини. Рибарите често ги користеле остатоците од бојата со која ги бојадисувале своите чамци, а најдостапна и најевтина била токму сината боја. Со неа почнале да ги бојат прозорците, вратите и декоративните детали на куќите.
Во периодот на воената диктатура од 1967 до 1974 година, грчките власти дури донеле и закон со кој куќите на островите морале да бидат обоени во бело и сино, со цел да се истакне националниот идентитет.
Иако денес тие правила не се задолжителни, бело-синиот изглед останал заштитен знак на грчките острови и една од нивните најголеми туристички атракции.
