Во нашата средина луѓето обично избегнуваат да зборуваат за болести бидејќи се смета дека болеста повлекува општествена стигма. Болеста се чува во тајност и приватност, што во случај на заразна болест, епидемија предизвикана од смртоносен вирус е чист израз на лудило и глупавост. Никогаш не ми било проблем да ја жртвувам својата приватност ако сметам дека на тој начин ќе се менува јавното мнение или некој ќе извлече поука од мојата лична приказна, затоа немам проблем да ви раскажам се за моето искуство со коронавирусот. Пред да почнам сакам да ви нагласам дека болеста не е ни малку наивна и сите треба да се чувате да не се заразите со овој монструозен вирус кој го разорува целиот организам.


Како се заразив?

На семејна седенка стапив во контакт со заразено лице. Иако ретко прифаќам да се групирам, сепак по наговор на мои блиски луѓе одлучив да ја испочитувам семејната седенка. Тоа е моето прво попуштање пред колективен притисок што ме чинеше здравје, но ме потсети дека никогаш не треба да се потчинувам на туѓите наговори, мислења и судови.

Семејната прослава течеше нормално, се додека лицето кое ме зарази не се изјасни дека се чувствува лошо и дека има симптоми веќе неколку дена. Иако за мене тоа беше аларм што требаше да се вкучи кај сите, запрепастено ги гледав луѓето околу себе како со рамнодушност ја прифаќаат веста, а особено бев шокирана од тоа што заразениот убедуваше дека испил ладна вода која го „пресекла“ и тоа е причината да има температура 38,5??? Што медицински е невозможно, но тој одлучи да лаже и да ги загрози сите, а други одлучија да му веруваат без разлика на тоа што ги доведува свесно во опасност.

Моето инсистирање да се одалечиме од суспектното лице бидејќи тоа се знаци на коронавирус, заврши со групна осуда кон мене како воопшто сум се дрзнала да помислам дека драгиот наш близок, е болен од таа опака болест. Па ајде де, каков си е таков си е наш си е, ако гине тој, ќе гинеме и ние. Од прилика тоа е менталната матрица во која луѓето опстојуваат, за жал и мои блиски луѓе.

За среќа немаше жртви или поголеми трагедии од несовесноста на заразениот, инаку бев подготвена за поднесување на кривична пријава за загрозување на јавно здравје. Од начинот на кој се заразив сфатив дека не смееме никому да веруваме и на никој да се потпреме, освен на сопствениот разум. Каменот најчесто од блиску доаѓа.

Откривање на заразата

Иако постоеше голема веројатност дека лицето со симптоми е заразено и ми ја пренело болеста, наредните денови бев убедувана дека суспектното лице е прегледано од лекар и констатирано е дека нема симптоми кои се нужни за да се закаже тестирање. Тоа малку ме смири, неколку дена, се додека не почнав да ги чувствувам симптомите. Првите симптоми ми се појавија на 22ри, а како се влошуваа и следниот ден одлучив да закажам тестирање за 24ти.

Во меѓувреме добив информација дека лицето кое ме зарази има позитивен тест на коронавирус. Тоа беше 23ти минатиот месец, а од тогаш почна мојата агонија.

Занев за себе дека сум заразена поради симптомите, но се плашев дека и другите членови на моето семејство особено повозрасните со хронични болести се исто така заразени. За среќа јас бев единствената која доби позитивен тест, но тоа само ме ослободи од грижа, но не и од жестината со која вирусот ме нападна.
На 24ти добив позитивен резултат од тестирање на коронавирусот и официјално влегов во статистиките како нов потврден случај на коронавирус.


Фази

Во почетокот имав огромни болки во коските, зглобовите и мускулите и висока температура. На моменти мислев дека не постои клетка во моето тело која не ме боли. Таа фаза со болки и температура траеше неколку дена, а потоа почна кашлањето и респираторните проблеми.

На моменти кашлицата беше толку присутна што ве тера да се борите за здив. И најмалиот напор да станете од кревет ви се чини како најтешката работа на светот.

По респираторните проблеми следува долга фаза на умор и исцрпеност на телото и буквално не сте способни за ништо освен да лежите во кревет и одвреме навреме ако ви се посреќи да го посетите тоалетот.

Крвните анализи ми се влошија, изгубив осет за мирис и вкус што се уште не ми се повратија, тоа предизвика губење на апетит, проблеми со дигестија, а пиењето на лекоите најголем животен проблем бидејќи после секој испиен лек поминував неколку минути на шоља со силен нагон за повраќање.

За неколку дена завршувам со изолација и покрај тоа што во статистиките ќе се водам како оздравено лице, моето тело веќе не е исто како пред коронавирусот. Последиците ги чувствувам уште и со закашлување и со болка во градите и со изгубен осет за мирис и вкус, а најмногу од се ми пречи исцрпеноста на телото.


Живот во изолација

20 дена во изолација се измачување за здрав човек. Да затвориш здрав човек 20 дена дома без можност да излезе и до продавница е казна за него. Но за човек болен од КОВИД изолацијата е природен след. Секако не можете да станете од кревет па дури и да ви е дозволено да одите во двор, на тераса или до продавница не можете да го направите тоа. Природно, болеста ве тера да останете во кревет.

Од таа причина изолацијата како затворање дома не ми падна тешко, напротив единствена занимација ми беа книгите. Успеав да прочитам се од Харари (Сапиенс, Хомо Деус и 21 лекација за 21 век), изгледав неколку серии и филмови што немав време да ги гледам претходно а имав желба (Queen’s gambit, I land, The rain, Another life) само што најубавите празници како Нова Година и Божиќ ги поминав во кревет, поради што ми беше исклучително тешко на емотивна основа.


Што научив преку моето искуство со коронавирусот?

Сфатив дека паниката околу коронавирусот е сосема оправдана. Вирусот беше опасен и за мене што не спаѓам во ризична категорија, можам да замислам како го поминуваат хроничните болни и повозрасните лица.
Исто така заклучив дека од исклучително значење е да се остане доследен на своите принципи и разум и да не се отстапува по ниту една цена. Бидејќи ретко кој искрено се грижи за вас, а дури и да се грижи не значи дека знае што е добро а што не по вас. Факт е дека „патот до пеколот е пополочен со добри намери“ ама добрите намери се само исказ на прво лице што никогаш не можеме да ги провериме, затоа не треба да се верува целосно во намерите на другите луѓе, бидејќи се извесни само за нив, ние намерите не можеме да им ги видиме, ниту провериме.

Научив дека изреката „Здрав човек има илјада желби, а болен само една“ е вистинита и практично се потврдува. Ако немате здравје, залудно ви е се што сте го стекнале или го имате како капацитет и квалитет. Затоа здравјето треба да го чуваме од сите и што е најважо да ги чувате другите од себе бидејќи залудно е да ги чувате вашите блиски од другите ако не ги чувате од себе можеби токму вие сте најголема опасност за нив.

Живот после вирусот

Коронавирусот ми го смени животот од корен, ми ја промени здравствената состојба, ми ги смени когнитивните функции, ме научи на животни лекции и ми е пресек во животот. Ми донесе многу лоши работи во минатото, од кои извлеков добри поуки за иднината.

Содржините на моето доживувачко јас се разликуваат од она што можам да ви го прикажам како „раскажувачко јас“. Особено поради техничка ограниченост на пишаниот текст во форма на колумна, одлучив другите детаљи за моето исксутво со коронавирусот да ги откријам за јавноста во емисијата „Коридор 8“ на која ќе гостувам во петок во 19 часот.

Автор: Магдалена Стојмановиќ