И покрај тоа што честопати слушаме дека луѓето треба да бидат креатори на својот живот преку одлуките кои ги носат, во пракса многу тешко може да се направи јасна дистинкција помеѓу одлука која е донесена самостојно и независно и одлука која е резултат на некое убедување, уверување или став кој ни го наметнува општеството. 

Не се ретки ситуациите во кои луѓето, без разлика на степенот на блискост со вас ви поставуваат прашања од кои понекогаш и се шокирате бидејќи ги сметате за премногу лични и приватни. Но, веројатно вие не сте ниту единствен, ниту редок пример на кој општеството му врши директен или индиректен притисок за носење на одлуки за брак, деца, семејство, избор на работа и посветеност во кариера.

Скоро секој од нас во некој период од животот се соочил со притисокот на општеството, некои потпаднале под тој притисок па одлуките кои треба да бидат само и исклучиво лични одлуки им ги препуштиле на другите. По некое време во животот поединците се соочуваат со чувството дека направиле погрешен избор на партнер, не сакале да имаат толкав број на деца, или можеби сакале повеќе деца ама го редуцирале бројот како би се прилагодиле на општествените модели. Од тука следува каењето и длабокото незадоволство од личниот живот.

Што треба да знаете кога ќе се соочите со ваков тип на општествени притисоци:

  • Без разлика на тоа колку некој ве сака или ви мисли добро, има различен животен пат од вашиот 

Понекогаш поради погрешните верувања оние кои ни прават најголем притисок се нашите најблиски луѓе. Истите само биле жртви на општествен притисок и потпаднале под него. Тие живеат под силни уверувања дека фактографијата на сечиј живот е иста и би сакале и вие да се прилагодите на неа.

Едноставно тие луѓе сметаат дека се што е поинаку е погрешно и дека ако не се прилагодите во општата рамка ќе бидете отфрлени и осамени. Но мора да знаете дека тоа е нивниот страв, а не вашиот. Стравот ќе стане ваш само ако го прифатите тоа уверување.

Во суштина луѓето кои ви прават притисок навистина ве сакаат и ви го посакуваат најдоброто, но тие имаат различни животни патишта. Секому од нас, поединечно, ни е доверен сопствен товар од маките, страдањата, но и убавината на животот и смислата на нашето постоење се сведува на тоа автентично да минуваме низ нашите искуства и животни сведоштва.

  • Луѓето сакаат слични на себе 

Кога е некој различен, најчесто тој е и осудуван и не е прифатен од околината. Тоа е закономерност на општествените односи и не треба да го сфаќате неприфаќањето на средината кон вас, доколку сте различни, како нешто лично.

Едноставно некои луѓе гледаат праволиниски во висина на окото и не можат да ја имаат истата перспектива како вие. Не се чувствувајте лошо поради тоа. Вашата задача е да останете свои и без страв секогаш да ја покажувате вашата различност.

  • Не ги правдајте вашите избори, уживајте во нив 

Што и да изберете во животот, дури и да се испостави дека е погрешно е ваша одлука чији последици ќе ги носите вие. Не паѓајте во замката да ги правдате вашите избори и одлуки.

Секогаш имате уште еден избор плус во таква ситуација, а тоа е да изберете да не бидете во средина каде што мора да се правдате, објаснувате или да се трудите да го избегнете остриот суд на другите.

Никој нема повеќе надлежности од вас ниту за судија, ниту за животен советник. Едноставно дозволете и на вашата совест и свест да ви биде најголем судија. Само така градите зрела и достоинствена личност.

  • Простувајте им на луѓето

Луѓето кои сакаат да ви создадат притисок или индиректно да управуваат со вашиот живот, веројатно контролата врз својот одамна ја изгубиле.

Простете им и не земајте им го гревот. Лутината кон нив само вас ќе ви штети. Тие секако веќе доволно страдаат поради своите одлуки.

Автор: Магдалена Стојмановиќ