На целата мака на пожарникарите во овој период некој наоѓа момент на забава и возбуда. И тоа не еден, туку дури 7 такви ги има меѓу нас, па прават лажни пријави за пожар.

Се сеќавам, неодамна, можеби има 2-3 месеци, на краток престој во Струга, патувајќи покрај крајбрежјето на Охридското езеро, здогледав густ, сив чад кој се шири наоколу.

Погледнав околу немаше многу раздвиженост или сведоци кои би можеле да направат пријава дека нешто гори, оти нели викаат индексна е врската помеѓу знакот и означеното во случајот со чад и оган.

Ако има чад сигурно има и оган.

Се јавувам јас на 193, да пријавам пожар во Струга во близина на хотел Макпетрол. Ми се јавува пожарникар од Охрид, локациите се префрлале баш на тоа место. По едно објаснување кое веќе го дадов во вистинско време, но на погрешно место, требаше да дадам уште едно објаснување сега на вистинско место, ама во погрешно време, оти чадот се повеќе се згуснуваше.

Ми се јави дежурен пожарникар од Струга, по индиректна пријава односно преку пожарникар од Охрид, запиша податоци од пријавата и вети дека ќе прати возило на терен.
Кратко потоа, гледам како пожарникарско возило доаѓа на терен, експедитивно и подготвено за интервенција, забележувам дека се спуша по патот накај- Хотел Макпетрол Струга.

Понатаму не видов што се случи, оти мислев дека пожарникарите се на терен и дека ситуацијата ќе се стави за за скоро под контрола.

Го напуштив „местото на злосторството“. По неполни пет минути ми ѕвони истиот број преку кој контактирав со пожарникарот од Струга.

-„Се јавуваме од пожарна од Струга, поради пријавата што ја направивте, имено вработените од хотелот во Макпетрол, го чистеле местото и го ЗАПАЛИЛЕ ЃУБРЕТО, затоа имало толку чад“!

-Во себе, цела со прашалници, „МОЛАМ???“ – му велам. Како е тоа можно зарем не е забрането да се пали ѓубре, закон се донесе за тоа пред извесно време?!

-„Да ама знаете, кај нас во државата е така“.

-Добро му велам, мое беше да пријавам, понатаму е ваше. Пријатно

-„Пријатно!“

Немав намера да ја пренесувам оваа случка јавно, за да не настрада некој од вработените од хотелот, греота е си велам, работат и тие за мизерни плати.

Ама сега кога ќе видам, какви катастрофи се случуваат од невнимание, незнаење и од „наивност“, ми иде да тепам, не само да зборувам јавно.

И тоа замислете беше лажна пријава за пожар, оти пожар немало реално, си палеле луѓето ѓубре, чадот не се рачуна, а пожарникарите потрошија сили и ресурси да се појават на терен, само да ги предупредат дека не смеат да палат ѓубре.
Не е се до неагилноста на институциите и ние сме во голема мера виновни, што системот е крш!

Автор: Магдалена Стојмановиќ