Голем дел од луѓето со кои дневно остварувате комуникација немаат високо ниво на самосвест и често се склони кон тоа другите луѓе да ги гледаат како свое средство или себе да се ставаат во позиција на средство за нечији туѓи интереси и цели. 

Доколку одбиете да ја играте улогата која тие ја избрале за вас во нивната креација, се соочувате со ризик да ве перципираат како „себични, студени или бесчувствителни“. Во суштина ова се само зборови со кои луѓето имаат тенденција да ги дискредитираат другите како одмазда бидејќи не играат по нивните правила.

Но, како да бидете сигурни дека вашиот однос кон другите е одраз на самопочитување, а не на себичност и бесчувствителност во односот со другите луѓе? Одговорот на оваа прашање не е едноставен, но кога јасно ќе можете да ја видите демаркационата линија помеѓу себичноста и самопочитувањето секогаш ќе бидете сигурни во своите одлуки и избори, но и полесно ќе можете да ги разберете намерите на другите луѓе.

Самопочитување го изразува зрелиот однос на индивидуата кон себе и кон другите. Себичниот поединец е незрел и се однесува кон другите како тие да се средство за негова (зло)употреба

Не сте подготвени да преземате туѓи обврски 

Доколку по консензус сте се согласите дека ќе преземете туѓа обврска или должност, во ред е да се „жртвувате за другите“, но никој не е должен да се жртвува за другите целото време.

Сте го почувствуале оној момент кога ако еднаш појдете во аптека и купите лекови на барање на вашата повозрасна соседка, постојат шанси во иднина таа да мисли дека вие таа улога на „неформална негувателка“ сте ја преземале за довека.

Доколку ја одбиете, ќе ви создаде одвратно чувство, како да не сте зрели за вашата одговорност.

Што е важно во тој случај? Важно е да знаете што е, а што не ваша должност и одговорност. Вашите должности и одговорности произлегуваат само од вашите избори, а не од туѓите. Тоа што соседката ве избрала вас за неформална негувателка, не е ваш проблем. Но доколку вие се согласувате да и купувате лекови секој ден и имате мотивација да го правите тоа, тогаш сте ја избрале вашата улога.

Не е важно колку правиме или не правиме за другите луѓе, важно е само колку од нашите дејства сме ги избрале ние и колку самите сме го уредиле нашето време и дејствување.

Себичност од друга страна се карактеризира со тоа постојано да инсистирате некој друг да ги преземе вашите обврски кои настануваат како резултат на вашите избори и животни одлуки. Едноставно не можете да очекувате дека некој ќе ви го носи детето на прошетка додека вие седите во друштво само затоа што луѓето треба да имаат обзир дека вие не сте наспани и ве боли грбот. Вашето дете е само ваша одговорност и секој што ќе прифати да ве замени е резултат на негова добра волја и човечка величина.

Имате јасен однос кон тоа што е ваше 

Како што не сакате да ги презимате туѓи заслуги и да се „китите со туѓи перја“ не сакате и некој да ви ги презема вашите заслуги или да ви упаѓа во вашиот личен простор.

Доколку покажете отворен отпор кон тоа некој да биде дел од вашиот личен простор и да ги презема вашите заслуги и улоги, тоа не е безобразлук, туку одраз на самопочитување и самосвест.

Замолувате за помош, не повикувате на одговорност 

Ако некој треба да ви го причува миленичето додека сте на одмор, го замолувате да ви помогне за нештата кај вас да функционираат нормално, не затоа што него тоа му е одговорност без разлика на тоа во колку близок однос сте.

Ако вашата сестра одбие да се грижи за вашето милениче додека сте на одмор, немате никакво право да се лутите затоа што тоа не е нејзина обврска и нејзино милениче туку ваше.

Човек кој има самопочитување, има и почитување за туѓото време и туѓите обврски. Само себичен и инфантилен човек се поставува како да е центар на светот и сите треба да се ориентираат согласно неговите потреби само затоа што ја имале (не)среќата да бидат во негова роднинска или пријателска близина.

Автор: Магдалена Стојмановиќ