Весна Кираџиева е атлетска репрезентативка на Македонија повеќе од 20 години, поранешна рекордерка и шесткратна шампионка на Македонија во маратон. Коавторка е на книгата „Издржи кралице“, а неодамна ја промовираше и својата втора книга која го носи насловот „Кралицата ќе издржи“.

Весна Кираџиева беше кандидат за градоначалник на „Левица“ за скопската општина Аеродром на последните локални избори, при што постигна изненадувачко добри резултати за кандидат на помала партија, а нејзината кандидатура го одбележа растот на „Левицата“ на локалните избори во 2021 година.

Поради нејзините спортски успеси, амбасадорувањето на Македонија во изминатите две децении, поради тоа што нејзините лични успеси, се и национални и државни успеси, поради несебичниот влог што таа го дава за афирмација на спортот и афирмацијата на здравите навики во одгледувањето на просперитетна млада популација, тимот на порталот „Мој збор“ одлучи да ја прогласи Весна Кираџиева за наша „Личност која ја одбележа изминатата година“.

Мега, празничното интервју со Кираџиева прочитајте го во продолжение:

  • Неодамна беше промовирана книгата „Кралицата ќе издржи“, според насловот може да се заклучи дека таа е одговор на претходната книга која ја носеше пораката „Издржи кралице“ и е посветена на атлетиката како „кралицата на спортовите“. Од каде го црпевте оптимизмот за предвидувањето дека „Кралицата ќе издржи“?

Кираџиева: Мислам дека поаѓам од самата себе, како што и напишав во еден момент во книгата – додека сум јас „на стража’“ кралицата ќе издржи, бидејќи ќе има барем една личност која ќе се бори за тоа.

Предолго бев толку разочарана од целосната ситуација во македонската атлетика и функционирањето на федерацијата, непоправливо катастрофална и без никакви изгледи да се помрдне никаде. Потсвесно, ме плашеше идејата за второ продолжение на „Издржи, кралице“. Како би ја именувала? „Издржи, кралице – Негатив“, затоа што бев во толку негативна психолошка состојба, буквално не гледав светлина на крајот од тунелот.

Помислив и на „Кралицата не издржа“, но оваа опција ми звучеше некако финално, како засекогаш да е затворена вратата дека некогаш ќе успее да се врати, а јас сум многу работи ама не и откажувач, па таков наслов ми делуваше откажувачки, иако многу соодветен.

„Кралицата ќе издржи“ е на некој начин и ветување кон самата себе, но и кон оние кои полека креваат раце во разочараност, уморни да се борат како со глава во ѕид – борбата продолжува. Ако некогаш стигнам до трето продолжение „Кралицата издржа“, тогаш ќе се знае одговорот.

  •  Каков е соодносот на општествените појави и состојби врз спортот? Знаеме дека атлетиката во историјата била една од најпочитувани и најзначајните спортски дисциплини, а сега се повеќе се говори за други спортови, како фудбалот кој дури популарно се нарекуваат „ најважната споредна работа на светот“, дали е тоа резултат на потенцирањето на мас медиумите, маретингот, инвестирањето на коорпорациите во фудбалот, моменти на спектакл и катарза што ги има во фудбалот, а на кои не се инсистира доволно во атлетиката од современ аспект?

Кираџиева: Точно е дека атлетиката била најпочитувана спортска дисциплина гледано историски, не залудно се нарекува и кралица на спортовите. Дополнително, трчањето само по себе е основа на секој спорт. Уште од антички времиња, кога почнале да се одржуваат првите, Олимписки игри на Олимп, а со цел прекин на војните и обид да се измерат силите надвор од бојните полиња, атлетските дисциплини биле сржта на игрите.

Дури и маратонот, како атлетска дисциплина, воведена во модерната Олимпијада е инспирирана токму од тие антички времиња и онаа позната легенда за курирот Филипидес кој трчал од полето Маратон (каде се одвивала битката) до Атина, да им ја соопшти победата. Денес, во модерните времиња на олимпизмот, единствено свеченото доделување на медалите на победниците од маратонот, се одржува на церемонијата на затворање на Олимпијадите, со што се докажува вредноста на атлетиката.

Но, точно е и дека во масовната перцепција на масите, спортските игри, особено фудбалот имаат поголем фокус, токму од овие причини кои и ти ги наведе. Сѐ е сведено на комерцијала и профит. Во атлетиката го нема тој момент на драма, на трансфери, на размена на спортисти за вртоглави суми од клубови.

Нема предизвик за кладилници. Секако тука е и маркетингот, но и генералната поспаност на атлетските лидери глобално.

Ние не гледаме идеја, не гедаме ентузијазам за покренување на некои механизми за да се направи атлетиката попримамлива за масовната публика која би ја покренале од Светска атлетика, за да потоа тоа се пренесе и во националните федерации.

Тоа се иста група на луѓе кои си ги преспиваат мандатите и функционираат како да сме 1960г. Нема иновации, не следаат што ја примамува денешната младина. Сподер мене, не треба ни да се измислува „топла вода“, треба само да се искористат позитивните премери од фудбалот, американскиот фудбал, тенис или NBA кошаркарската лига и да се инвестира.

Во атлетиката не се инвестира воопшто, ниту со идеи, ниту во млад, енергичен и амбициозен кадар и ова не зборувам само за домашната атлетика, туку и глобално. Овие спортски дисциплини кои ги набројав, на пример прават светски спектакл на полувремиња, на тајмаути и сл. со анимирање на публиката, со музички настапи на еминенти имиња од домашна и светска сцена; со реклами, со менаџирање и форсирање на самите спортисти на ниво на поп ѕвезди; со фанови и поддржани навивачки тимови, навивачки реквизити, дресови, шалчиња…

Атлетичарите воопшто не се промовираат, а за домашната атлетика и да не зборувам – да застанете некого на улица да го прашате да ви кажат еден кој ја претставувал Македонија на Олимпијада во атлетика, нема да знаат. Да бидам фер, повеќето нема да знаат ниту да ви ги кажат и фудбалерите во македонска репрезентација, но повторно, тоа е хендикеп на спортот и менаџирањето со истиот кај нас.

  • Од твоите книги, па и јавни настапи може да се заклучи дека инсистираш на зачувување на идеалот и вредноста на спортот во израснувањето на „здрава“ и напредна популација. Што е тоа што си го научила преку спортот и спортската дисциплина како мото или максима, а го пренесуваш во своето политичко и општествено дејствување?

Кираџиева: Кога првпат, на околу 12-годишна возраст влегов во овој спорт наречен атлетика, учев повеќе од само правилно трчање, јаки тренинзи и техника; учев попатно и дека овој спорт е неизбежно проследен со болка, толеранција на болка, неоткажување, упорност и издржливост.

Издржливост на тренинг, издржливост на трка, но и издржливост вон патеката, преку секојдневните пропратни активности. Надвор од неа, соочени со сите пречки и сопки со кои една македонска атлетичарка се соочува 365/24/7. Токму ова „знаење“ го применувам и во моето политичко и општествено дејствување, а се обидувам да им го пренесам и на најмладите со кои работам како тренерка, но и сите останати – борбеност, неоткажување, упорност и издржливост.

Преку атлетиката, научив дека таа болка (не мислам само на физичка болка) значи растеж, дека таа болка е и опоменување и отпор на телото, но и праг на толеранција што го надминуваме за да пораснеме, за да бидеме подобри, за да знаеме повеќе, за да им пренесеме на другите и да ги научиме повеќе од она што нам ни било понудено.

  • Дали се согласуваш со увидувањето на голем број луѓе кои коментираат во јавноста, па и социјалните мрежи дека денеска во Македонија многу почесто може да се забележат луксузни казина, обложувалници и ресторани каде неограничено се точи алкохол, наместо спортски сали, уредени патеки и спортски центри воопшто? Дали и ти имааш впечаток дека спортот се истиснува од секојдневието на човекот, на сметка на стимулирање на раст на број на места каде се градат порочни поединци?

Кираџиева: Апсолутно се согласувам, токму затоа и инсистирам на поголема афирмација на спортот и атлетиката и сѐ уште „водам битка“ за тоа. На секое дете, најприродно му е трчањето.

На секој возрасен, природно му е да посегне по полесниот пат, стануваме мрзеливи и се двоиме од детето во нас.

Пример, за прекумерна тежина се нудат „магични“ пилули и чаеви за слабеење, кои нормално не функционираат и создаваат дополнитени фрустации, но луѓето упорно ги купуваат, бидејќи другата опција е физичка активност, движење во природа, трчање, пешачење.

Тоа е дел од социјалното опкружување и рефлексија на истото, која за жал се пренесува токму од родителите на децата, бидејќи најчесто децата се опоменувани со, „не трчај, ќе се испотиш и ќе настинеш“ или „не трчај, ќе се сопнеш, ќе паднеш и ќе скршиш нешто“ што е резултат на мрзеливоста на нас возрасните, да трчаме по децата, за да внимаваме и превенираме да не паднат, или да треба да се пресоблечат ако се испотат итн.

Особено се интензивира во последните децении, со развојот на технологијата, а физичка активност која ја разбира човековата ДНК учена со милениуми – од настанокот на човештвото, е сведена на минимум. Како на пример, за да опстане човекот, морал да работи цел ден на нива за да има што да јаде, да собира дрва, за да има за огрев, да ја поправа куќата за да не му се сруши или да гради нова, да бара вода или да прави бунари за да има вода, да лови во планина.

Денес, сето ова во најголема мера и за најшироката популација е прескокнато, па се бира полесниот пат, луѓе стануваат мрзливи, наместо оваа физичка активност, на копање во нива, копаат по интернет, копаат биткоини и сл.

Наместо прошетка со децата во природа, им се даваат мобилни за да бидат мирни, а родителите да имаат време за кафе или кафана со пријателите. На тој начин се оддалечуваме од природата, а овие негативни влијанија кои ти ги наброја, земаат поголем замав, бидејќи големите корпорации и профитери, не ги интересира индивидуалниот добробит на човекот, туку нивниот личен профит и знаат точно како да ги продадат своите продукти, со светкави реклами, од магичните пилули на фармациите, до грандиозни добивки на казината и кладилниците, сето непостоечко и лажно, но примамливо за така издресираниот мозок на просечен човек, дека без работа, седење дома, во кафани и кладилници, може да се постигне целта. Не може. Тоа е замка на профитерите. Само со труд, работа, физичка активност, повторна конеција со природата, може да се постигне позитивна промена.

Еднаквоста и правата на жените не биле дадени тукутака, затоа што на мажите им текнало дека сме еднакви. Не. За еднаквоста се бореле генерации и генерации жени пред нас, и таа борба се уште трае затоа што се уште не сме еднакви во секое поле и дефинитивно не насекаде низ светот.

Весна Кираџиева, извадок од книгата „Кралицата ќе издржи“

 

  • Дали книгата „Кралицата ќе издржи“ треба да ја читаме само како четиво за формирање на идни атлетичари и афирмирање на атлетиката како спорт или тоа е општ прирачник за сите кои сакаат да проникнат во суштината на спортот воопшто и да ја разберат благородноста на спортската дисциплина генерално?

Кираџиева: Книгата е универзална и е многу повеќе од само книга за трчање, или атлетика. Не е ограничена само за тркачката публика. Напротив. Ја пишував истакнувајќи ги препреките, падовите и успесите со кои сите ние секојдневно се соочуаме, но преку моите атлетски искуства.

Книгата е четиво за секој кој се соочува со секојдневието на животот и нередот и потешкотиите кои ни ги сервира. Денес сме опкружени со социјаните мрежи каде сите ние си бираме што да споделиме и тоа се најчесто оние убави мигови, како победи, или слики на плажа, или кафе со пријателите, со што на светот околу, несвесно му оставаме впечатокот колку совршен ни е животот.

Ова и мене ме прави загрижена, со мислата дека сите нешто убаво прават и постигнуваат во животот, освен јас. Но потоа ќе си го проверам мојот профил и ќе забележам дека сосема истото го правам и јас: постирам слики од победи на трки, интернационални настапи низ популарни туристички локации, прослави со блиски пријатели и семејство и голема е веројатноста истото влијание да ги имам и јас врз другите.

Токму затоа и поотворено зборувам за сите мои животни потешкотии и падови, но и начинот на кој сум стигнала до тие успеси во книгата, за кои верувам дека секој ќе се пронајде на свој начин, секој преку своите искуства, преку својата професија и социјално опкружување.

  • Сметаш ли дека спортот, вклучително и атлетиката се добра воспитна почетна основа која гарантира создавање на дисциплинирани, здрави и прогресивни единки? Колку треба да се инсистира на спорт од најмали нозе?

Кираџиева: Да, апсолутно сметам дека во денешното модерно живеење, физичката активност преку спортот, (а особено ја истакнувам атлетиката) ги гледам како ЕДИНСТВЕНО решение за создавање на дисциплинирани, здрави и прогресивни единки.

И ова не го говорам на памет, туку како факт, особено следејќи ги примерите на земјите каде спорот е на повисоко ниво, споредбено на пример со земји каде не е. Но се земам и самата себе си како пример и оние во моето потесно опкружување кои растеле со било каква физичка активност, наспроти оние кои немале за жал таква прилика од било која причина.

Оние деца кои биле најпосветени на тренинзите и генерално успешни на трките, тие секогаш биле и успешни во училиште, а подоцна и во работата која ќе ја изберат како професија.

Токму таа дисциплинираност се учи преку спортот. Но и чувството за тимска работа, дури и во индивидуалните спортови, ако не дури и повеќе, бидејќи така повеќе ја цениш и препознаваш тежината на тимската работа.

Тука се и интернационалните натпревари и запознавањето на светот, другите земји, нации и култури и почит кон сето тоа, стекнување на пријателства насекаде. Јас често знам да ја искористам познатата гоцева мисла која не ретко ја истакнувам, но во моја спортска интерпретација:

-Јас го разбирам светот како поле за културен и СПОРТСКИ натпревар меѓу народите.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ

 

*Дополнителна информација: Книгата може да се набави онлајн на страницата agenda.mk