Вангел Наумовски (роден во Скребатно, Охридско 1924-2006) припаѓа на категоријата визуелни уметници кои во својот уметнички жанр негуваат современ имагинарен реализам, органскиот надреализам и фантастичното сликарство, односно, неговото видување е подложено на постојани модификации и усовршување меѓу надреализмот и апстракцијата.

Ликовното имагинарно патување на Наумовски првично започнува во невиното детско перципирање и проектирање на една идеализирана стварност, составена од спонтана комуникација меѓу луѓето, флората и фауната, претставени преку различни тематски содржини со русоовски обоена, езотерична вегетација и студен колористички спектар, како на пример: историски теми, народни приказни и легенди, фолклор, пејзажи, портрети, мотиви од секојдневие, мртва природа и сл.(„Ѓурѓовден”, „Свадба”, „Кандисување”, „Настрадин Оџа”, „На бунар”, „Одмор”, „Сонување”, „Под зелената светлина” и др.).

Во најголем број дела изработени во техника масло на платно и акварел, станува видливо исчезнувањето на човечката фигура, а  се поприсутно станува асоцијативното сликарство со антропоморфни гео и биоформи, кои ја индицираат авторовата фантазија инспирирана од длабочините на Охридското езеро, на созвучјето на Скребатска река, на тревата, камењата и проектантската работа во Резбарското училиште.

При оптичка перцепција на деталите во една ликовна целина тука се сугерираат неколку состојби: присуство на метафизичко спокојство во визуелните и психичките сензации и органски раздвижено пијанство во процесот на импулсивно креирање.

Не робувајќи и на мигновената идеја, Вангел Наумовски создава интенција да појавното го сведе на минимум, т.е. во својот креативен грч преминува кон будно сонување, инстинкт и имагинација, допирајќи до неодгатнати мистериозни механизми на творечкиот дух, како што тој нагласува:

Сликарската претстава не е однапред утврдена категорија, таа е чедо на ликовниот процес. Јас сакам тотална слобода, секогаш директно да се раѓам на платното.

Во своевидните измислени светови на минуциозно исликани билки, цветови, црни ридови, огнени неба, виолетови жени без глави мултиколорни корали, јасно оддекнува интровертноста на Вангеловите сознанија или емоции, односно станува збор за необјасниво и недопирливо сликарство кое е во колерација со поетската убавината на изразот и на духот.

Всушност, таа метафизичка организација на сликата се разбива со една ритмичка игра на мали и големи, отворени и затворени, плошни и волуминозни формации, кои се поврзуваат како некакви езотерични марионети со линеаризми, асоцирајќи во крајна инстанца на лирска мелодичност во композицијата („Бела бура”, „Срце”, „Црна планина”, „Моето лето”, „Сини локви”, „Бејбунар” и др.). Во колоритниот дискурс тој е смел како фовистите, без дилеми и притисоци, со еднакво нанесување на индиско и венецијанско црвено, кадмиумово жолто и портокалово, париско сино и ултрамарин, малсинесто и отворено зелено, црно и бело, тиркизно.

При конструирањето на формата кај Вангле Наумовски обло е се, т.е. облината станува елементарна архетипска форма и суштина на категоријата за трансформација (топката, кругот, елипсата, калотата). Несомнено, таа наклоност кон тркалезните контури произлегува од неговото будно микроскопско набљудување на фауната на Охридското езеро и природата. Имено, морфолошките потенцијали на овој облик ги користи во нивен максимум и тоа: плошни ( сонце,ливада, месечина, цвет, облак, езеро), компактни и волуминозни (вселенски тела, балони, срца, ембриони, капки, бисери), пресечени и испреплетени (школка, фонтана, печурка, купола), перфорирани (прстени, алки, ѓердани) и меки (медузи, амеби).

Во овој контекст, она што е мошне необично, можеби коинцидентно или слично е поврзаноста на неговото сликарство со скулптурата на Хенри Мур, Бранкуси, Хепворд, Арп, како и со растреперените плочки на Калдер или симболите на Миро. Тие форми се трансформираат, се претвораат во организми со свој чуден танц и се мултиплицираат од еден во друг вид слично како во оп-арт.

Вангел Наумовски, на сопствен начин се поврза со светската уметност со помош на  тајните лавиринти на својата потсвест, губење на врска со реалноста и тенденција кон транцеденталната димензија во ликовниот израз, за чијашто вредност сведочи и посетата на Салвадор Дали на Вангеловата изложба во Париз.

Со ваквиот приод Наумовски и припаѓа на онаа оригинална уметничка визија која противречи на јасното класифицирање на конкретните форми, давајќи освежувачки бранови во македонската уметност како израз на тотална творечка слобода.

Автор: Марија Стојческа