Физичко и сексуално насилство во текот на животот погодува приближно една третина од жените во Европската унија, но поголемиот дел од тие случаи никогаш не се пријавуваат, покажува истражување објавено во вторникот.

Резултатите од анкетата, спроведена од Агенцијата на Европската унија за основни права и Европскиот институт за родова еднаквост, покажуваат дека само 11,3 проценти од жените пријавиле во полиција физичко или сексуално насилство извршено од лица кои не се нивни партнери. Само 6,1 процент пријавиле насилство извршено од интимен партнер.

Како најчести причини за непријавување се наведуваат срам, чувство на вина, страв и недоверба во институциите. Истражувањето покажува и дека ограничената информираност или отежнатиот пристап до сервиси за поддршка дополнително влијаат врз одлуката насилството да не се пријави.

Околу 30,7 проценти од жените во ЕУ изјавиле дека доживеале некаков облик на насилство, што претставува мал пад во однос на 33 проценти регистрирани во првото вакво истражување од 2012 година. Студијата укажува и на распространетост на други форми на злоупотреба, вклучувајќи психолошко, економско и онлајн насилство.

„Насилството врз жените претставува кршење на основните човекови права. Земјите членки имаат јасна обврска да го спречат насилството, да ги заштитат жртвите и да обезбедат пристап до правда, а овие резултати покажуваат дека пред нас има уште многу итна работа“, изјави директорката на агенцијата Сирпа Раутио.

„Нордиски парадокс“

Зачестеноста на насилството значително варира меѓу земјите членки – од 57,1 процент во Финска до 11,9 проценти во Бугарија.

И другите нордиски земји, познати по високо ниво на родова еднаквост, бележат високи стапки на насилство: 52,5 проценти од жените во Шведска и 47,5 проценти во Данска изјавиле дека доживеале насилство.

Овој феномен, познат како „нордиски парадокс“, според истражувачите може да укажува на реални разлики во искуствата на жените, но и на различни модели на пријавување и перцепција на насилството меѓу државите.

Новата студија се темели на интервјуа со речиси 115.000 жени на возраст од 18 до 74 години, спроведени во периодот од септември 2020 до март 2024 година.