За две децении, колку што постојат извршителите, од граѓаните, компаниите и од државата присилно се наплатени повеќе од 2,22 милијарди евра. Сумираните податоци за 2025 г. покажуваат пад на наплатата на долговите во однос на 2024 г. или реализација од околу 44 отсто на барањата за присилна наплата, пишува Порталб. Кај граѓаните на годишно ниво има пораст на должничката сума која била наплатена преку извршители

Компаниите се најголеми должници и доверители, од граѓаните присилно наплатени 50,8 милиони евра

Преку извршители во 2025 година биле присилно наплатени 137.368.058 евра што претставува реализација на 43,63 отсто од примените барања за наплата – покажуваат податоците од новиот Извештај за работата на извршителите во 2025 година. Во однос на 2024 г. присилно наплатената сума е намалена за 23.300.000 евра. Најголем дел од средствата, или скоро 63.500.000 евра се наплатени од „правни лица“, следуваат граѓаните од кои извршителите наплатиле 50.866.200 евра, а на трето место е државата од која присилно се наплатени речиси 24.082.300 евра.

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Во 2025 година е наплатен историски највисокиот износ од граѓаните – должници, за првпат надминувајќи 50.000.000 евра. Конкретно, споредбената анализа на податоците што ја направи „Порталб“ покажува дека само за една година, во 2025 г. во однос на 2024 г., присилно наплатената сума е зголемена за речиси 4 милиони евра. Кај компаниите и државата, на годишно ниво има пад на износот на наплатени средства.  

Правните лица односно фирмите се рангирани  како „најголеми должници“, но и како најголеми доверители. Лани компаниите преку извршителите присилно наплатиле над 105.000.000 евра. Од друга страна пак физичките лица, односно граѓаните како доверители наплатиле нешто повеќе од 31.170.000 евра, додека пак, државата во улога на доверител, присилно наплатила нецели 2.500.000 евра.

Во период од 20 години, или од почетокот на формирање на извршителите до крајот на 2025 година биле наплатени 2.220.801.014 евра. Податоците од Комората на извршители покажуваат дека најголемите износи се наплатени во 2017 година, повеќе од 166.000.000 евра, 2024 година над 160.600.000 евра и во 2023 година кога биле наплатени повеќе од 159.700.000 евра.

Целата вест на Мета.мк