Еден од најголемите визионери на уметноста на 20 тиот век што ја поврза науката и техниката и воспостави релација која исклучиво е во служба на убавото е уметникот Виктор Вазарели(роден 1906-1997 во Печ, Унгарија).

Кон создавањето на својата естетика тој направи еден пристап со помош на исклучителноста на својата интуиција и интелектуална длабочина така што силно веруваше дека технологијата радикално може да го трансформира нашиот свет, користејќи се со креативни модули во проектирањето. По содржина Вазарели се издвојува како уметник со автономен ликовен јазик посебно во делот на новото сфаќање на уметничкото дело, кое не е психички исклучително ниту друштвено изолирано, туку кохерентно споено со новите структури на технолошката цивилизација. Притоа, во тој сегмент го отфрла рационалниот креативен чин и романтичарското вдахновение и се определува за програм кој содржи математичка кодификација на целиот процес.

Во таквата замисла ги формира знаковните елементи со основна намера да го демократизира и десакрализира уметничкото дело. Во време кога енформелната уметност ја разорува формата, се јавува едно револуционерно технолошко движење кое, пред се, ја валоризира подреденоста на геометриските облици позната во светската современа уметност како оптичка уметност или оп арт. Во таа т.н. демократизација на делото, геометриските облици и форми ги користи како универзален јазик и средство за комуникација помеѓу луѓето, како што вели Деван: „Уметничкото дело најнапред е средство за луѓето да се поврзат меѓусебно. Сликата станува мајсторска конструкција која е разработена со сето она што во уметникот е непроменливо, здраво, восхитено, она најсвесно, најинтимно врзано за работата , трагањето и творештвото на сите луѓе на неговото време…” .

Во таа насока, Виктор Вазарели го привлекуваат апстрактните и линеарните форми кои се повторуваат и најчесто сликал серии на арлекини, тигри и зебри, теми на кои често се навраќал, преобразувајќи ги од фигурални форми и линии во се подлабоки пред-облици („Зебри што трчаат”, „Прегрнати зебри”, „Зебра-линија”, „Шаман”, „Геа”, „Фолклор”, „Црно-бел и кинетички период” и др.).

Во суштина, препознатливо е неговото иницирање на еден програм кој може да се изведе во различен простор и медиум, како еден вид на движење на мултипли што ја покренуваат пластичната имагинација на набљудувачот која продолжува понатаму сама да создава облици и форми. Оваа оптичка илузија самиот Вазарели ја опишува како пластично единство на две константи: јадрото на формата и квадратот во неговата позадина кој го опкружува.

Но, интересно е да се потенцира дека во тоа единство на би-форма, има и аспекти на би-боја како позитив-негатив и хармоничен или контрастен ентитет. Всушност, низ тој процес на геометриски елементи кои се мултиплицираат, умножуваат и движат авторот создава разновдина оптичка илузија и низи на практично неограничени метаморфози. Кога ги набљудуваме делата на Виктор Вазарели, несомнено, имаме чувство како да сме во некаков транс кој ги трансформира сувопарните геометриски облици, но и како некој дервиш да се заиграл по црно-белите подови, а потоа со изменета свест ги репродуцирал своите визии на платно.

Во таа чиста композиција и едноставност на формите, уметникот го потенцира својот став дека формата може да се потврди само во функција на еден прецизен квалитет на бојата и обратно, дека бојата го респектира квалитетот само кога е ограничен со извесна форма. Исто така, евидентни се илузионистичките ефекти и антиципирањето на тродимензионалноста со поставување на елементите на сликата кои набљудувајќи ги се одбиваат во различна насока, со тенденции да ги преминат границите на платното и да ги задржат посакуваните вибрации на површината.

Надоврзувајќи ја секогаш својата уметност на размислувањата на неговите идоли Василиј Кандински, Пит Мондријан и Казимир Малевич, уште на самиот почеток омилени техники му биле сериграфија и литографија, а понекогаш и правел нацрти за таписерии кои и не му биле баш омилени. Во неговата магична естетика покрај црно белите односи произлезени од своевремените проучувања на фотографијата, посебно место заземаат делата со структурализирање на споевите на бојата, кои го одразуваат односот кон затворање на формите слеани една во друга, како ќелии во кои релевантен е ритамот на композицијата ( „Тигри”, „Арлекин”, „Студија на светлината”, „Змејови”, „Акробати”, „Шилон”, „Илам”, „Бопал”, „Кашпо”, „Белатрикс”, „Дела во развој”, „Модерни тродимензионални дела”, „Искра” и др.).

Во текот на 60-тите и 70-тите години на 20-тиот век иновациите на Виктор Вазарели во доменот на оптичката илузија и бојата станаа дел од популарната култура и генерално неговите влијанија силно се почувствуваа врз идната архитектура, компјутерска наука и модата.

Тој го преминува мостот меѓу класичен и постмодерен мајстор и со јасната мисла и идеја прави синтеза на науката, технологијата и уметноста што ќе влијае на новите тенденции актулено меѓу европските уметници.

Автор: Марија Стојческа