Да, имаше казино деливери, веројатно со казината ќе се расправате на врата повеќе одошто со Јеховините сведоци.

Во доба на епидемија се се базира на „деливери“ сите потребни и непотребни производи, нарачани и ненарачани ви стигнуваат дома.

Домовите ни се претвораат во простор каде што упаѓаат рандом луѓе или што би рекла Агата Кристи со еден наслов „Неочекувани гости“.

Никој досега не слушнал дека има деливери казино. Казината се обично места во кои луѓето седат пред апаратите или околу масата за рулет и го заложуваат своето време во кокетирање со неизвесното, неочекуваното што предизвикува адреналински скок.

Како може да изгледа деливери казино? Ви доаѓаат до дома со товарен апарат, ви овозможуваат да изиграте неколку серии, повторно го товарат апаратот и го враќаат во казино?

Според зборовите на премиерот, единствено таква претстава за подвижно казино можете да си произведете.

Оти нели, во казина, нема бре луѓе, а не не, казината се празни, бидејќи владата овозможила протокол за комарење, подоследен и од протоколот во здравствените установи.

Деливери на казино е само една од морето изјави поради кои премиерот се изложува на потсмев, со месеци се дискутираше – одозгора на тога, ту д мор секси лејди ин Јуроп, један ушо други изашо, компир гласови во Теарце и куп други.

Не мора да гледате забавно шоу, пуштете си компилација на смешни изјави на Заев и имате забава и смеење до течење солзи.

И додека сите коментираме за тоа дека изјавата „деливери казино“ се граничи со идиотизам, Заев се ситуира на македонската политичка сцена како еден од посимпатичните ликови. Еве како:

Кога човек има суета, тој има потреба да ја покажува својата потенција, знаење, моќ, сила, елоквентност, убавина.

Но суетата сите најсилни адути може да ги претвори во најголеми слабости. Пробајте паметен човек да го наречете глупав, да видите како неговата мудрост исчезнува во милисекнуда, а бесот го јаде неговиот лик и дело.

И додека суетните луѓе имаат преголема екстензија на адутите со кои сакаат да се презентираат, тие во одреден период стануваат иритантни кај публиката.

Противникот на Заев, Мицкоски нема ниту една глупава изјава од истиот тип како Заев. Важи за „даскал“ меѓу неговите партиски кругови, во јавноста неретко го истакнува фактот дека е универзитетски професор и својот имиџ го гради на својота стручност и ум.

Сепак, Мицкоски неретко ја иритира јавноста со многу побенигни постапки. Ако се сеќавате на аферата „теретана“ во која тој беше во центар на скандалот, една од неговите најиритантни изјави беше цитирањето на пораката што ја пратил до заменик министерката во МВР компонирана од многу точки, па дури и по неговото му пресвето име – Христијан Мицкоски.

Такви потези, Заев има веројатно секојдневно, но неговите потези не иритираат, туку се сфаќаат сосема несериозно, оти народот тргнува од хипотезата „Јебеш будалу“.

Истото што ќе му се аминува на будалата и ќе се гледа низ смеаа, на „паметниот“ многу ќе му се замери.

Просто Заев вешто си поставува двојни критериуми за мерило на постапките. Однапред си создава алиби за се што ќе направи погрешно.

Додека ние се смееме за деливери казината, тој веќе спрема некоја афера во позадина, која ние не можеме да ја препознаеме, пошто си викаш глуп човек не може да биде вешт во манипулација.

Заев успева да не манипулира со тоа што нема проблем и суета да се прикаже како глуп човек со изјави кои се ефтина забава за народот.

Несуетен човек не може да ве изиритира. Тргнете од себе, дали човекот кој прави шега на своја сметка постојано во друштво може да ве изиритира вас? Напротив ви е бескрајно симпатичен со самото тоа што за себе го кажува она што другиот никогаш не би го кажал и покрај тоа што не е во ништо подобар од првиот.

Таа психолошка игра го држи Заев на власт веќе втор мандат. Оти Заев нема да може да изиритира како Груевски и да сакате да му подготвите шарена револуција. Тој е навидум лидер од сенка, ќе се појави неколку пати во јавност со смешни изјави и сите ќе го памтиме по глупавоста, никој нема да го памти по сериозните изјави кои го инкриминираат или го откриваат неговото лошо управување со државата.

Просто тоа е така, не може да не го сакате оној што ви е смешен.

Затоа во овој момент најмногу ме загрижуваат вашите потсмеви и мајтапења – премиерот ни е глуп. Тоа што за некого ќе кажеме дека е глуп нас не не прави по автоматизам паметни.

Време е да престанеме да си правиме деливери на суети, додека еден несуетен премиер ни ги насочува мозоците и симпатиите многу перфидно и лукаво.

Се што е комично не е безопасно, во овој случај напротив е многу опасно баш затоа што нам ни е комично!