Вчера прочитав едно патриотско писмо, насловено Македонија на Македонците, напишано од Македонската заедница во Пјаченца и објавено во дневниот весник „Нова Македонија“, кој веќе 75 години, не ја изневерува својата мисија да стои во одбрана југословенскиот македонизам, посебно кога се работи за било каков напад врз истиот од страна на Бугарија.
Верувам дека за никого не е тајна дека таа македонска заедница ја создадоа бугарските пасоши на нејзините припадници, но тоа се детали.
Браво за патриотскиот елан и секако за посветеноста околу заштитата на македонските национални интереси на декларираните во Софија Бугари, кои напишале писмо за да ни кажат дека се револтирани од односот на едни други Бугари пак во Софија. Лудница!
Сепак се поставува едно многу важно прашање: Дали тоа писмо навистина е напишано од измачените македонски патриоти со бугарски пасоши во Пјаченца или е скоцкано на брзинка во некоја очадена од цигари соба во која неколку глави мозгале како да ја зачукат поредната шајка во сонуваниот бугарски мртовечки сандак? Мислел мислел трустот на мозоци пред полните со опушоци пепелници и измислил. Писмо против Бугарија ќе напишат луѓе што со бугарски пасоши се спасиле од сиромаштијата во Македонија. Тоа ќе му дојде како доказ плус дека поголемиот дел од Македонците што искршиле нозе за да земат бугарски пасоши, декларирајќи се како Бугари си остануваат Македонци. Исто како Гоце, ем Бугари ем Македонци, како што би рекол проф. Драги Ѓорѓиев.
Другари од Пјаченца, не знам дали сте свесни ама и вие влегувате во заедничката македонско-бугарска историја. Отепани од паметните глави во Македонија, преку бугарскиот пасош сте нашле спас во Италија, ама вие сте горди Македонци и таа гордост книжулето бугарско не може да ви ја одземе. Пасошот не, ама декларацијата да… но тоа се детали.
Ако писмото навистина е пишувано од измачените Македонци-Бугари печалбари во Пјаченца, би сакал да ги поздравам за тоа што не ја направиле грешката со име и презиме да се потпишат под нивниот патриотски текст. Како што запнале лошите Бугари, да се закануваат дека ќе одземаат пасоши на лица кои водат антибугарски кампании, како ништо ќе земаат да изгласат некоја измена во Законот за бугарско државјанство и ко за беља ќе изгорите заедно со ликови како Антонио Милошоски и Петар Богојески…
Авторите на писмото се едни незнајни јунаци застанати во одбрана на македонштината. Нивниот крик ќе биде запишан со златни букви во македонската историја. Мислам дека ќе продолжат да бидат толку силно бучни во Италија, колку што ќе бидат тивки и смирени додека одат во Бугарија или во дипломатските претставништва на источниот сосед за да си ги продолжуваат бугарските документи за идентификација. Како што тргнала работата, уште долго време ќе им требаат пашапортите со лавови на корицата. Затоа мирно, тивко, патриотски и пред се анонимно.
Автор: Атанас Величков