Според пресметките на „Евростат“ Бугарија е најсиромашна земја во рамките на ЕУ, веднаш по неа е и Хрватска. ЕУ нема многу фајде од Бугарија, но и Бугарија нема многу фајде од ЕУ. Факт е дека Бугарија доби ладен туш од земјите на ЕУ поради односот кон Македонија.

За малку Бугарите се замислија дека имаат исто влијание како Грција во ЕУ, па можат своите услови да ги наметнуваат на Македонија. Кутрите молиме, политичариве ни глумат голема пријателска и братска љубов со Захариева, Каракачанов и Бојко Борисов, ги ставаат на обвинителна клупа и ги караат како мали деца. Ама ако, така треба, тоа било цената што треба да се плати за влез во ЕУ.

Единствено што можеме да го заклучиме од бугарското членство во унијата е дека тие се класично олицетворение на српската народна поговорка: Магарац из Беча, магарац у Бечу. Самата унија не ја промени драстично Бугарија, а тоа најдобро ги сфатија чинам Македонците со бугарски пасоши кои си го потврдија своето бугарско потекло и си напишаа изјава дека се чувствуваат како Бугари. Отидоа во ЕУ, ама ЕУ не дојде кај нив. Освен по некој поскап часовник или тренерка по ништо не се разликуваат од луѓето кои живеат во Македонија.

Очекувањата од ветените земји им биле преголеми, бидејќи зад секое очекување се крие некое бајковито верување, дека Македонец во Германија е поуспешен Македонец од Македонец во Македонија. Македонците кои ја напуштиле родната земја барем немаат главоболки од рекла казала и од малограѓанштини што ни ја трујат душата секој ден, повеќе одошто енермно загадениот воздух. Бугарскиот пасош барем им обезбедил мир, не е важно кој си, ни што си, ако мораш да бидеш дел од средина која го гуши секој поглед кон иднината. Имам разбирање за Македонците со бугарски пасоши, имам разбирање и за бугарското население во Македонија, тие се факт, иако се помалку Бугари од Македонците во Бугарија.

Административни сведоштва говорат за бугарско население во Македонија – населението со бугарски пасоши, ама нема административни сведоштва за македонското население во Бугарија, тие одамна мораа да се Бугари од сосема други причини од Македонците во Македонција што мора да се Бугари. Гоце Делчев е Бугарин, јас лично го прифаќам тој факт, како што е факт дека има македонско население во поранешна Пиринска Македонија, фактите може да се негираат и премолчуваат ама дури ни тогаш тие не престануваат да бидат факти.

Најстрашно од се е што ова пајакова мрежа што ја плетеме со Бугарија, најголеми заштитници на македонските национални интереси ќе станат Албанците, оти нив би им одговарал сојуз на Македонците со друг близок народ. Тие ги сакаат оние прогресивните, еманципираното македонско граџанство што нема потреба да го потенцира националниот фактор, туку само меѓучовечкиот, оној на малцински права, 20% од населението се Албанци официјално, неофицијално се и повеќе (во нивните пресметки) или помалку (во нашите пресметки). Колку и да се Албанците, живеат во паралелни светови, свои културни енклави додека мнозинското население јури кон ЕУ и либерализација, според која на една група треба да и се даде привилегија само затоа што треба да се сочува посебноста од страна на оние кои посебност немаат ниту од Бугарите, ниту од Србите, ниту од Грците, ниту од Албанците. На целата оваа мака уште ни фали да дојдат Кинези и да почнат да не убедуваат дека сме ние неосвестени Кинези па да не грабнат во сојуз со нив.

Што и ќе се случи, евроскептицизмот во Македонија расте, веќе на секој Македонец му е јасно дека Македонија скоро во ЕУ нема да биде, мора да бараме алтернативи, џабе учите германски, за некоја година ќе мора да учиме кинески, бидејќи во Македонија можно е да се насели Истокот. Кина веќе почна да ја запоседнува Србија и со донации и со развој на свој пазар таму, на истокот му треба еден сојузник во срцето на Европа за да се пробијат. Македонија ќе се врати во сојуз со Србија, наредната влада предводена од конзервативна партија (како претходната) ќе се сврти кон Исток, а Бугарите од желба да го раскинат нашето „посрбување“ преку ЕУ само ќе не вратат кон Србија. Посакувам ова да се мои лоши прогнози кои никогаш нема да се остварат.

Важно е дека на Бугарите им помина приказната дека сме еден народ во две држави, точно е дека сме исти, ама исти ГОМНА, ниту тие, ниту ние никогаш нема да бидеме благородничко европејство, туку ќе продолжиме да се расправаме за тоа колку треба да ти е голем бркот за да се утврди дали си комита.

Автор: Магдалена Стојмановиќ