Празниците се време кога се будат спомени, кога семејството се собира, а детството добива посебна боја. За писателот Горјан Петревски, кој со години создава литература за деца, празниците се и неизбежен извор на инспирација.
Во разговорот за „Мој збор“, тој раскажува како расказите и песните за деца го обликуваат значењето на празниците, како традицијата и семејните обичаи ја пренесуваат магијата на Божик, Велигден и зимските празници, и како книгата може да биде мост меѓу детството и духовните вредности во време на електронска доминација.
Петрески ја споделува својата лична приказна за растењето во село, за детските зимски ноќи исполнети со книги и раскази, но и за тоа како денес родителите можат да ја поттикнат љубовта кон читањето кај своите деца, без да ги ограничуваат нивните желби и слобода.
Колку расказите и песните за деца се задолжени за создавање на значењето на празниците?
− Празниците, по дефиниција, сѐ поубави и поинакви од секојдневјето, па оттука и им се придодава посвечено и поголемо значење во нашите животи. Нив, во мојот живот, ги делам, барем на две временски етапи. Едната е детството во поинаков општествен систем, кога в училиште ги воспевавме само државните празници, а верските ни беа во втор план, арно ама си ги величевме подома.
Кај нас, во тие времиња, во полните со живот села, за волја на вистината, дотолку не робувавме на догмата социјализам/комунизмот, на која, сепак, ќе да не ѝ беше „допуштено“ цеолосно да се забранат, да речеме, Божиќ и Велигден од државата, ниту, пак, од учителите. Така и нив наголемо ги празнувавме, со таа разлика што на државните и со отсуство од часови и учење.
А за расказите и песните доаѓаа од писателите и поетите, (нив ги доживувавме како величија!), а ги распознававме преку писанијата во списанијата за деца „Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“ што ги добивавме в училиште и преку читанките по мајчин јазик во кои изобилуваше идеолошка и државо-празнична тематика.
Ама значењето за верските празници, ни го доближуваа дома, дедовците и бабите, но и мајките, а татковците, главно, премолчуваа и ни оставаа на волјата − да веруваме или не.
Подоцна, по распадот на бившата држава, празнувањето на верските празници доби широка „слободија“, а мајките почнаа победнички да ни се лутат, затоа што дотогаш сме ги убедувале да не веруваат во Бога, а сега преку ноќ, ни се сменил и менталниот аларм… за арам и срам поради непочит кон Господ!
Така беше некогаш. Морало да се издржи товарот што го нудело времето. Некои од тогашните државни славја веќе се заборавија, а денес Божикот и Велигденот, со другите прзнувања, ни останаа да си ги славиме.
Дали во некоја од вашите книги опишувате некој обичај што се практикува за празниците?
− Во повеќе од нив! На пример, во лектирниот роман „Споменка“, кој ми е пишуван во неколку верзии уште во „раниот социјализам“ од 1965 до 1972, а објавен преку анонимен литературен конкурс, еден автор од членовите на жирито, ми стави забелешка да го отфрлам делот кој ми е врзан со Велигден. (На фудбалски натпревар меѓу деца од две дружини, „Соколи“ и „Црни стрели“, судија е момче, гостин од градот, а за правичното судење, како надомест, добива мноштво црвени јајца од двата тима, но и од публиката.)
А јас, вознесен од Велигден во детските години, не го послушав, затворив очи и „храбро“ се „прошверцував“.
Но и романот „Вечниот ветар“ ми е пишуван во таков набој, а и во други книги ги допирам обичаите и традицијата македонска. Пишувајќи, се обидував приказните да ги извлечам од рамката на времето во кое се случуваат, да одбегнам догми и идеологија, едноствно, да ја оставам приказната слободно да дише и да живее меѓу читателите.
Потоа, по распадот на федерацијата, морам да наведам и голем број куси раскази за списанијата, пишувани по нарачка за потребите со верска тематика, но, внимавајќи да создадам, сепак, нешто доживеано и блиско до читателите. Во еден понов период и како одговорен уредник на „Развигор“, во недостиг на текстови со кои ќе се одбележат празниците, морав и самиот да пишувам на одредени теми врзани со верските или со татковинските празници.
Сѐ во духот на концепциските потреби на списанијата, (кои некогаш беа не само поттик, туку и школа за нови автори!), а денес, за жал, веќе се згазени од времето и ѝ го препуштија местото на електрониката која стана и неопходност на сегашново време.
Дали е точно дека најубавите приказни за деца се инспирирани од зимските празници? Новогодишни и божиќни приказни, ликот на Дедо Мраз, Снешко и сл?
− Ќе се согласам дека има вистина во Вашава констатација. Зимските празници и снегот се прдизвик и инспирација. И пак, сакал или не, најпрво ќе се навратам кон моите детски години. Така е тоа и никако поинаку. Зашто, сите ние, кога допираме нешто детско, обично, го врзуваме и со нашите доживувања од раната возраст.
Притоа ќе се сетам на долгите зимски ноќи во кои имало време и да се наспиеме, а и порано да се разбудиме. Ама и да заспиваме со приказни. Тоа беа долги зими со големи снегови и почнуваа рано, напати во ноември, а се топеа дури во март. Ние бевме тројца браќа и сестра. Во тоа време не се живееше богато, не течело мед и млеко, но, јас, сепак, не заварив глад во нашиот дом.
Татко ми, уште пред моето раѓање, работеше во рудникот за железо и секој месец имавме рударска плата со која ни се покриваа животните трошоци, а и живеевме во новоизградена куќа. Ако требало да ни се купи книга, тоа се случувало. А и денес се сеќавам на татковите приказни кои ми беа и први четива во животот. Но и не знам од каде ги носеше приказните!? Тогаш немаше дури ни струја, а ни радио. (Кај нас и едното и другото дојдоа во 1962 година.) Тоа беа приказни за јунаци и јунаштва, за моќните кучиња Прослуш, Тригоратеш и Цепигорабалсам, потоа за жар-пилето, за алчни ламји и триглави змејови…
Штотуку научив да читам, ако не во прво… во второ одделение, на мижуркавиот пламен од газиената ламба, навечер, дома, ме слушаа како на глас им ги читам, дури и ги „напевам“ епските песни за Марко Крале од книгата „Јунак над јунаци“. Можеби со љубовта за читање влегував и во магијата на пишувањето.
Многу подоцна, веќе како писател, по татковиот пример, ја лете, ја зиме или во ноќи од есени и пролети, пред заспивање, со трите деца измислувавме приказни, блиски до нивното интерсирање. Им раскажував и за доживувањата од Коледе и Божик со обилни снегови, но и Велигдени од бујните пролети во моето родно село, во кое тие, и во лето и во зима, престојуваа и засекогаш го заскаа.
Дали празниците се идеално време да ја градиме навиката кај нашите деца за читање повеќе книги?
-Сепак, да не бидеме дотолку неверувачи! Книгата зад себе има традиција со векови. Ќе речат, агресивната електрониката сѐ повеќе ја оддалечува од децата, од младите. Ќе земеме од тоа нешто и за вистина. Денес тие имаат подостапни информации на интернет, во мноу нешта се поупатени, едноставно, го живеат своето време. А и да се запрашаме што ќе бевме без електронските уреди, без компјутери, без широко отворените интернетски врати?
Јас сум од оние автори кои се бо контакт со публиката и немам впечаток дека дотолку не се чита!? Никогаш книгата не ќе може целосно да се отфрли, ами ќе се изнаоѓаат нови начини за да не си замине од нас. А навиките за читање не само в училиште, туку и дома, се создаваат и главно, од родителите се пренесуваат и на децата.
Во недостиг на време, пожелно е, ете и за празниците да се биде со децата и да не се препуштаат самите на себе. Но не само во прзничните денови.
Што Вие како писател посакувате во 2026 година да се случи како промена?
−Тоа штро треба ќе си дојде. За времето нема сопирачка. Тоа ќе си го донесе она што треба. Во Новата 2026 г., нека ни се случуваат успеси, радост и среќа. Ќе им посакам на родителите да бидат горди со своите деца и отворено да разговараат за проблемите. Нив ги имало и ќе ги има. А еднаш, (тоа го насетувам!), младите ќе се презаситат од постојано гледање во телефоните и ќе побараат и нешто друго од духовните вредности.
Но и родителите да не настојуваат од своите деца да создаваат роботи. Тие тоа не се и не можат да бидат. Нека се почитуваат нивните желби и нека настојуваат што подобро да си ги проценат вредностите. Децата не можат во секоја област да успеат, а посебно ако тоа го бараат родителите од нив.
Да станат научници, музичри, писатели и поети и да не набројувам уште што. Таму каде што не успеале родителите, сакаат да им успеат децата. Тоа е премногу од нив. Нека ги пуштат до мила волја да се изнаиграат. Нека одберат, (и тоа безусловбно!), некој спорт што ги исполнува.
Спортувањето ја гради личноста, а и сигурноста, во физичка смисла на зборот. Дајте им го на децата она што им го бараат желбите, а со недоброј активност и побарувања од нив, немојте да им го одземате она што не ќе можета да им го вратите во животот – детството!
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

















