Кога станува збор за сликарството на познатиот ликовен уметник и еден од поранешните претседатели на ДЛУМ Кирил Ефремов (роден во Штип 1938-2020) се има предвид грижливо, педантно и подредено создавано дело работено во техника масло на платно, кое пленува со својата фантастичност и надреалистичност.

Како еден од водечите претставници на надреалистичкото сликарство во историјата на македонската ликовна уметност, Ефремов изградувањето на својот ликовен свет го подредува на убава техничка постапка. Имено, неговите дела се движат во доменот помеѓу реалното и надреалното, односно фантастичното станува стварност. Во стилскиот распон е посредно надреалистичен и непосредно фантазмогоричен, така што вешто ги комбинира предметите од реалниот свет со фантастични привиденија кои произлегуваат од неговата потсвест и сонот, т.е. од психичкиот автоматизам како главен надреалистички постулат од каде овој правец поаѓа.

Во желбата да направи нешто невообичаено тој својот немирен дух го изразува како кошмарни визии на урбаниот свет, акцентирајќи го предметот во него на мошне солиден сликарски начин. Потаму, посебен приод и значење и придава на бојата која е третирана во чист и претежно светол хроматизам, а нејзиниот распоред и разлеани соодноси ја определуваат ликовната содржина во сликата. Целото платно е разбранувано со немирни хроматски површини кои се претвораат во фантастични измислени светови, но и силуети-сенки на човеки фигури („Манекени”, „Медиокритети и сакрални остатоци”, „Ноктурно”, „Егзалтирана мисла”, „Човек”, „Летен сон”, „Терор I” и др). Всушност, авторот во сликата не воведува натприроден елемент, туку на симболичен начин ја мистифицира стварноста, разоткривајќи ја нејзината целокупна апсурдност.

Во понатамошното толкување на сликарството на Кирил Ефремов предметите и ситуациите немаат меѓусебна поврзаност, тие се поставени надвор од логиката и превидливоста. Исто така, во неговиот имагинативен дискурс луѓето и предметите никогаш не доаѓаат во контакт, случките се надвор од реално доживување и една иста реалност е обзервирана секогаш со поинаков поглед. Специфичниот амбиент во сликите е одраз на спонтаниот поетски дух на авторот, кадешто времето е сопрено и гледано од друг агол со цел да се пренесе во сосема непозната вонвременска надреална димензија.

Имагинарните простори на Ефремов се емотивно и експресивно обоени, а композицијата целосно претставува една спонтана надреална загатка, еден предел на подвлечени нишки од подсвесното во чии лавиринти се крие нашето љубопитство, провокација и имагинација.

Автор: Марија Стојческа

Марија Стојческа, колумнист на „Мој збор“

*Не е дозволено преземање на содржините без дозвола на авторот или уредникот. 

 

Можеби ќе ве интересира:

Современи структурни варијации на еден вајар