Синиша Новески (роден 1978 година) со своите ликовни тенденции спаѓа во редот на помладите македонски скулптори, кој со својата најнова изложба создадена во време на пандемијата предочи една негова континуирана консеквенца на нијансирање на фигуративната скулптура, сега доведена кон осовременета визија на стилизирана фигуративно-асоцијативна фаза.

Имено, во Културно-информативниот центар во Скопје во тек е најновата изложба на скулптури под наслов „Фамилија”, на која се претстави со повеќе творби работени во различен материјал  и тоа: дрво, бронза, оникс, камен и сл.

Определувањето за употреба на различен материјал во кој ги конкретизира своите творечки замисли потекнува можеби од желбата да ескпериментира, да постигне слобода во изразот, но и да даде нова димензија на скулптурата, што впрочем претставува појдовен мотив за за една своевидна идејна трансформација  на македонската традиционална уметност давајќи и современи белези во контекстот.

Доминантен елемент во неговата уметност е човечката фигура која ја изработува суптилно во цврст материјал и ја поставува во различни психолошки и емоционални состојби, имплицирајќи ја на тој начин примарната вокација за вековната борба на македонскиот народ, за неговата епопеја и денешните тешки времиња на живеење, кои како карпи отцепени парчиња симболично го прикажува борецот (човекот) во сите негови расположби и негови стремежи, отпор и немир кон подоброто и општочовечкото („Жена”, „Фамилија”, „Крилјата се тешки”, „Велигденски кули”, „Вода и воздух”, „Жена со гитара”, „Бремена жена”, „Татко и дете”, „Мајка и дете” и др).

Во скулптурите на овој уметник иманентна е е унииверзалната содржина што произлегува од романтичниот карактер на темата што ја обработува-фамилијата како темел и смисла на човековото постоење. Во таа насока, посебен акцент става на употребата на бронзата, за него веројатно најпогодниот материјал, кадешто доаѓа до тенденцијата и симболиката да ја претстави фигурата како да се пробива во времето, да го достигнува нејзиниот континуитет, константост и цврстина во просторот, не потклекнувајќи на неизвесноста на времето во кое егзистира за кое и самиот ќе каже:
Моите творби ги изработувам со цел да внесам посебна енергија и емоција за да можат тие да постојат сами за себе. Ако влезете во некој манир тогаш размислувате само ликовно и на некој начин ја исцрпувате скулптурата, а ако влезете со повеќе аспекти на ликовен, естетски, психолошки, социјален и општествен, тогаш се внесува и друга подлабока димензија на скулптурата.
Во креациите на Новески не можат да се разграничат двата поими: модерно и традиционално, бидејќи модерниот сензибилитет кај овој автор не ја исклучува сосема традиционалната ликовна постапка или идеја. Впрочем, овие две компоненти се поврзани во една нераскинлива целина, постои една хетерогеност во неговата постапка и стилски израз, црпејќи инспирација од праисторијата, неолитот па се до современите ликовни правци како што се кубизмот, надреализмот, симболизмот и апстракцијата.
Тука би се надоврзала на Карл Густав Јунг кој во книгата Психологијата и уметноста нагласува, цитирам:
Уметничкото дело се третира како дело создадено со мера и вкус и овој пристап често дава една сеопшта слика за тоа  како уметничкото творештво е преплетено со личниот живот на уметникот од една страна, и како тоа израснува од тој преплет, од друга страна.
Тоа особено може да се забележи во скулптурата под наслов „Откорнати” (за која и е добитник на прва награда на ДЛУМ за скулптура), каде што користи органски материјал како што се дрвени стапчиња за да потоа ги прелее во бронза, давајќи и на скулптурата една друга поинкава димензија на тотемистичко дело, кое најчесто ја претставува фамилија, но и не се само тоа.
Тој е модерен скулптор, меѓутоа неговата постапка која содржи хармонија и целосност во ликовно-естетска смисла може да се нарече и класична т.е. традиционална во онаа смисла која означува ред и јасност на проседето.
Донекаде, овие скулптури може да се означат и како поетски реализам, бидејќи авторот при творечкиот грч се обидува што попрецизно низ материјалот со кој ја обработува фигурата да ги пренесе специфичните чувства кои ја дефинираат фигурата што ја ваја. Низ изнијансираните белези на движењето и ставот на птица, како и низ стилизираните форми и благо рустичната фактура на фигурите, успева да го изрази распонот на најголеми расположенија и најсуптилни психолошки чувствувања, такашто добива карактеристики на автентичен, инвентивен и исклучително оригинален автор.
Во секој случај, творештвото на Синиша Новески се состои од симболизам на интимни реминисценции и во основа го има реалистичкиот приод во постилизирана форма. Преку своите дела може да се согледа како уметник кој кова и заварува, кој создава проекти со трајни вредности на дела во кои се препознаваат формалните структури, во подруг контекст и замисла. Во основа, останува неговата класична чистота и дефинираност на волумените кои се универзални, техницисизарни и посебно интимни, што на овие скулптури им ја обезбедува нивната виталност и живот во просторот.
Воедно, би потсетила дека изложбата е се уште отворена и ќе трае до 14 ти март годинава, и со еден збор би го потврдила заклучокот дека тоа е исклучителна изложба со настојувања во спектар од повеќе правци и области во ликовната уметност која дефинитивно и дава нова димензија и вредност на македонската современа скултпура во поширок светски контекст.
Автор: Марија Стојческа