Новите истражувања покажуваат дека нетрпеливоста не е само минлива реакција, туку посебна емоција што се јавува кога чувствуваме дека непријатна ситуација трае подолго отколку што треба. Во такви моменти, трпението не е само доблест, туку начин на кој се справуваме со сопствените емоции.
Во време кога одговорите се очекуваат веднаш, а сè е достапно со еден клик, трпението станува сè поретка особина. Луѓето тешко поднесуваат чекање во сообраќај, редици или дури неколку секунди побавен интернет. Истражување на експерти од Универзитетот во Калифорнија анализирало како луѓето реагираат во секојдневни фрустрирачки ситуации.
Во студијата учествувале околу 1.400 лица кои замислувале различни непријатни сценарија, како чекање во ред, сообраќаен метеж или гласно дете во кино. Резултатите покажале дека нетрпеливоста најчесто се јавува кога човек чувствува дека е „заробен“ во ситуација што не може да ја контролира или забрза.
Научниците издвојуваат три главни причини за губење трпение: чувство на непријатност, силна желба што побрзо да се постигне целта и убедување дека некој друг е виновен за проблемот. Особено силни реакции се јавуваат кога луѓето мислат дека ситуацијата можела да биде избегната.
Истражувањето покажува и дека трпението не е исто кај сите. Помирни остануваат луѓето со подобра емоционална контрола, поголема флексибилност во размислувањето и подобра способност за препознавање на сопствените чувства.
Психолозите предупредуваат дека хроничната нетрпеливост може негативно да влијае врз менталното и физичкото здравје, зголемувајќи стрес, нервоза и анксиозност. Според нив, техники како длабоко дишење, свесно смирување на реакциите и прифаќање дека некои работи бараат време можат значително да помогнат.
Во меѓучовечките односи, партнерите кои покажуваат поголемо трпение кон постапките на другиот кои претходно ги замерувале, најверојатно веќе „кренале“ раце од врската.


















