Дали ВИ има капацитети подоследно да го спроведува моралниот закон од човекот кој покрај интелигенцијата во носење на своите одлуки се води и од други конативни компоненти како што се волја, мотивација и сл.? Иако не е едноставно да се даде одговор на прашање кое поставува избори со исклучителна дисјункција или-или, сепак може да се каже дека во одредени случаи ВИ може подоследно да го спроведе моралниот закон. А кои се тие случаи? Па на пример ако моралниот закон е апсолутен. 

ВИ е производ на енкодиран апстрактен јазички систем кој препознава и застапува апсолутни ентитети. На пример ако на ВИ и енкодираме систем дека секое убиство се третира како кршење на моралниот закон и е казниво со граѓанскиот закон, ВИ нема капацитети да земе предвид поединечни околности и контексти кои може да го релативизираат или разберат мотивот на убиство и во определена доза да го оправдаат.

На пример ВИ нема капацитети да разбере едно убиство како оправдано доколку е во самоодбрана, до кој степен се внесува нужна самоодбрана, а од кој степен е злоупотреба на сила. Таа не може ни да го разбере контекстот, ниту ги зема предвид условите под кои настанало да речеме некое убиство. Доколку ВИ во некоја иднина стане консултант во правосудниот систем, голема е веројатноста дека секое убиство ќе го квалификува како кршење на моралниот закон и по тој основ ќе бара казна за извршителот.

Иако оваа идеја изгледа далечна и за денешниот човек е контаинтуитивно наместо човек, на чело на судницата да затекне екран со софтвер на ВИ или андроид, сепак не е така лошо доколку токму судската власт е обогатена со присуството на ВИ. Во кои случаи ВИ може да биде пополезна од човекот во носење на судските одлуки?

  • ВИ покрај тоа што апсолутно ги толкува делата на извршителите таа и некомпромисно го спроведува апсолутниот морален закон.

 

  • ВИ не е пристрасна, не е водена од афекти, страсти, симпатии или антипатии кон поедниците како што се луѓе. Перцепцијата на луѓето е комплексен феномен во кој покрај когнитивни фактори учествуваат и културните и социјалните, па тие често може да бидат и учеснички фактор во носење на пресуди.

 

  • ВИ не се плаши да ја спроведе правдата бидејќи на ВИ не можете да и се заканите дека ќе ја укинети. Дури и да го сторите тоа, нема да промени ништо во начинот на кој ВИ ќе продолжи да функционира. ВИ го нема спознаено стравот од смрт како човекот, како и загрозување на безбедноста, бидејќи човекот покрај интелигенција поседува и инстикт за одржување во живот поради што смртта како феномен е многу комплексен.

 

  • ВИ не препознава корупција и при носење на одлуки нема да побара да ја компромитирате одлуката. За жал, судиите понекогаш носат одлуки кои се базираат на некој интерес или се корумпирани. ВИ не препознава интерес, себичност, користољубие поради што нивните одлуки и проценки можат да бидат многу вредни во правосудниот систем и помошна алатка тој да се исчисти од корупција.

Затоа можеби треба да размислиме за опцијата покрај судија кој суди по својата совест и чувство на праведност, во судските постапки да консултираме и софтвери на ВИ кои непрекинато ќе не потсетуваат на апсолутните постулати на моралниот закон и ќе инсистираат тие да добијат своја тежина во носењето на одлуките.