Со делата на Горјан Петревски растеле и се обликувале голем број на генерации и тој го носи епитетот „најистакнатиот писател на литература за деца и млади“. Како писател на литература наменета за деца и млади, Петревски учествува во создавање на естетичките и етичките вредности на голем број генерации и поединци, а скоро и да не постои човек кој не се сеќава барем на една дидактичка порака од неговите романи што ја разбрал како животна лекција. Покрај тоа што неговите дела сме ги читале како лектири и биле дел од задолжителниот образовен процес, сме растеле и со списанијата наменети за млади кои токму тој ги уредувал. 

Во интервјуто за „Мој збор“ Петревски говори за вредносниот аспект во творештвото за деца и млади, за одговорноста како важен сегмент од авторството на литература наменета за деца и млади, за педагошката функција на писателот, но и за љубовта како тема која најчесто се обработува во неговите романи.

Горјан Петревски, еден од најистакнатите македонски писатели на литература за деца и млади
Дали постојат универзални етички и естетски вредности кои се пренесуваат преку литературното творештво за деца и млади или сметате дека секоја генерација бара различен вредносен пристап во нивното обликување како личности и општествено функционални единки? За кој пристап како писател на литерратура за деца и млади се залагате?

Горјан Петревски: Всушност, од никого како поединец или од ниедна генерација ништо, не почнува и не завршува со него или со неа. Така е и со секој автор кој ќе влезе во литературата со увереност дека ќе остави нешто зад себе за паметење. Но, прво со што треба да се соочи е предизвикот дали она што го создава како творештво, ќе го издржи судот на времето не само во кое живее, туку и по својот замин на крајот од животот. А времето, сепак, е неминлива категорија и ние протрчуваме низ него, оставајќи свој белег за паметење или заборав.

Но и како генерација е неминовно да се соочиме со долгот и одговорноста што ги носиме во себе.

Оттука, универзалноста, во етичка и во естетска смисла на зборот, конкретно во литературата за деца и тинејџери, не само што постои, туку и неминовно треба да ја има.

Уште и кога возраста е кревка, кршлива и неотпорна, кога карактерот и однесувањата се формираат во период на возрст „ни мали ни големи“, дотолку повеќе и авторската одговорност е понагласена. Секоја генерација треба да понуди свои вредности и доблести на однесување, арно ама, не и да ги занемари и претходните кои, бездруго, настојувале да го изнедрат и да го понудат најубавото од себе и од своето време.

Како автор, отсекогаш и најмногу се плашев, (а тоа чувство ме држи и денес) од времето и настојував темите што ги обработувам, по „слободна проценка“, да содржат и колку-толку, да бидат универзални. Притоа, се обидував да ги извлекувам од временската рамка и од опасноста да застарат и да стануваат занемарливи не само за актуелните консументи, туку и за оние што ќе дојдат по генерацијата на која ѝ се обраќаме. Кога пишувам за деца и млади, се залагам одговорно да им пристапувам, да ги испочитувам како да се возрасни, со што ќе ја здобијам нивната доверба. Но, ако она што го создавам за нив допре и до возрасните читатели, исто така, и ним да им биде прифатливо. Држам до тоа да не правам поделба на литературата на „детска и возрасна“, ами на добра, (која ќе ја прифати секој) или недобра (која нема да го освои никого.) Колку во тоа се успева треба да потврдат читателите, без оглед дали се деца и тинејџери или, пак, некогаш биле тоа и нештата не ги заборавиле. Зашто, проблемите на децата и младите, исто така, се проблеми и ги засегаат и возрасните.

Со однос на тоа дека многу често во вашите книги пишувате за првите детски и тинејџерски вљубувања, но и за љубовта како начин да се излекува страдањето на една човечка душа, како би го дефинирале значењето на љубовта во животот на еден човек?

Горјан Петревски: Во право сте, тоа ми е најекспонирана тема. Во романите, (но и во расказите), ја допирам темата љубов. Во прв план привте вљубувања, но и проблемите што произлегуваат од нив, од тој прв и несопирлив навев на чувствата. Но, нема и да се согласам со констатацијата на некои критичари дека моите романи се „љубовни“, туку повеќе психолошки, можеби семејно-социјални. Нивната содржина ја допира љубовта, ама и проблемите кои се неминовни кога ќе се случи таа, затекнувајќи не неподготвени да се соочиме со тоа новодојдено, а неочекувано чувство, кое не секогаш и не секој умее и може да го исконтролира и да го насочи во правилна насока.

Да речеме, кај мене првовљубени романи се насловите од трилогијата: „Споменка“, „Спомените за Споменка“ и „Сонот со Споменка“. Тоа се приказни на тема од моите рани години во животот, но и во авторството кои, на мое задоволство, ги сакаа, по педестина години кога се и пишувани и тогашните, а и сегашниве генерации. А можеби е така, затоа што во ова време „како да нема таква љубов“, чиста и незаматена од ненадејни порои, кревка и неизвалкана, а со оглед на возраста на која се случува, како писател, но и родител, држам до тоа дека првата љубов треба да биде само убав влез во животот, а не нешто кое дотолку ќе нѐ збуни и ќе нѐ воведе во непосакувани ситуации, па дури и последици. Иако, нештата во нашите животи, сепак, не се секогаш онакви какви што ги посакуваме. Оттука, во следните романи имам и поинаков приод кон приказните и темите кои главно допираат некоја вистина. И тоа преку илјадни зачувани анонимни, но и „отворени“ писма со име и презиме, што рамно триесет и шест години ми ги испраќаа читателите на „Вљубената страница“ во сега непостоечкото списание „Наш свет“.

По „Споменка“ дојде и „Марта“, исто така работена по вистинска случка. Кога девојчето посегнува по себеси (или само се обидува тоа да го направи со неколку таблети по навредата на мајка си), грешката е веќе направена. Тоа е и вистината на писмото под шифра „Несреќната Емона од Скопје“. Ако не беше тој момент, немаше да го напишам романот. Но, читателите го прифатија како приказна од своето време, а романот доживува високи тиражи преку бројни изданија и преводи и надвор од земјава.

Како одговор на првиот дел ја напишав и „Другата Марта“ која, пак, е ода за животот. Всушност, од проблемите на младите во романите, се обидувам да создавам јунаци, а на тој начин и да нагласам дека сѐ е решливо, но и да се внимава длабоко да не се заглиби во проблемот. А љубовта, бездруго, е она што нѐ движи во животот уште од неговата рана возраст и во текот годините што доаѓаат, но, само ако се умее да ѝ се пријде на правилен начин, исконтролирано и мудро, умешно и безболно да се совлада, а не да ни донесе трауми, па, дури и трагедии со последици. Ако не се успее во тоа, проблемите се неизбежни. Сето тоа се учи уште од раната возраст, отворено и доверливо во опшествените институции, но, безусловно и во кругот на семејството.

Дали сметате дека писателот на литература за деца и млади има поголема одговорност кон тоа што ќе го напише одошто писател на литература наменета за возрасни со однос на тоа што првата категорија не може независно да разликува добро од зло, убаво од грдо, а втората категорија се претпоставува барем дека има можност да каже што е добро, а што зло и е покритична во однос на делото?

Горјан Петревски: По дефиниција е така и никако поинаку! Одговорноста во литературата за деца и млади во однос на онаа за возрасни, е многу поголема. Возраста е кршлива и неотпорна на проблемите, еве, нека бидат тоа од раната љубов, првата која, обично, актерите ги затекнува неподготвени да се соочат со неа на правилен начин, иако во период кога се размислува исклучиво со срцето, а не со разумот. Впрочем, сите сме поминувале и заталкувале низ тие загатливи лавиринти. И тоа на возраст кога од нив не можат лесно да се отплеткаат и многу поискусни и повозрасни. Тогаш, како ќе го направат тоа беспомошните и збунетите?!

На што сметате дека е најважно да ги научиме децата и младите и која е пораката која ја носат вашите книги наменети за деца и млади? Што е основата во воспитание и образование на младите со однос на тоа што вашите книги се дел од образовните програми и учествуваат во воспитување и образување на младината?

Горјан Петревски: Ах, на што… Во прв ред да им се укажува, во никој случај, да не се препнат уште на првата љубов, која е минлива и од неа, главно, треба да остане само убав спомен. Вистинските љубови се случуваат подоцна. Сето тоа еден ден ќе биде дури смешно. Но, авторите да не се обидуваат да воспитуваат преку лоши примери, во прв ред, во она што го пишуваме за нивната возраст. Се разбира, не и на пренагласен начин. Да им се понуди творештво од кое самите спонтано ќе носат заклучоци. Ама не и со натурена, ајде, нека биде нагласена педагогија, во стилот „правете вака, а не онака!“ Моите романи, на мое задоволство, (колку и да е нескромно од моја страна), во лектирата влегуваа на ненаметлив начин по избор и препорака на самите ученици/читатели, но и наставниците. Зашто, тие, македонистите, се најмеродавни да ја одредат содржината на книгата. Им се допаѓа или не на учениците. Сакаат да ја прочитаат или ќе ја занемарат лектирната книга за часовите. Ако не им се допаѓа, ќе ја остават уште со првата страница.

Не поднесуваат долги, здодевни воведи. На пример, романот „Марта“ го почнувам со заплет преку речницата: „Мамо, кажи ми кој ми е татко?“ Сѐ со намера да насетат дека во приказната нешто загатливо ќе се случува. Или „Далечна љубов“ со шлаканица на девојчето, (од љубов, се разбира), кон момчето кое не умее тоа да си го протолкува. Влезот во романот е битен за темата која на авторот му е предизвик за обработка, a и романот „Снеговите на Климентина Евин“, (за кој бев напаѓан и навредуван од една индивидуа), ми е пишуван. Исто така, по вистина во добиено писмо. Но, подмолноста Горјан, како автор, да биде уриван, сосема случајно ми го донесе и „Името ми е Вивиен Ли“, која допира друга вистина на девојче од едно училиште во Скопје, кое со солзи во очите ми довери дека нејзе ѝ се случува истото она низ кое поминува и Климентина Евин.

Тоа значи, мошне одговорно, во романите ги обработувам нивните сериозни проблеми, што ми ги доверуваа преку бројни писма, а притоа дојдов до сознание дека треба да ја издигнам и возраста на новите генерации малку повисоко од вообичаеното.

Дали сметате дека книгите за деца и млади треба да бидат пишувани во духот на времето за да бидат подобро прифатени и разбрани од публиката? Дали можеме денеска да зборуваме за доброприфатена книга без притоа да се осврнеме на фактот дека живееме во ера на техника и технологија, игрите се разликуваат, се разликува начинот на користење слободно време, организација на семејните односи, домаќинството и многу други аспекти на чии промени сведочиме? Дали книги како Пинокио, Хајди и сл. треба да бидат прогласени за книги од историјата или сепак имаат универзална литературна вредност?

Горјан Петревски: Писателот треба умешно да навлезе во интересирањето и светот на младите и, сепак, да го следи нивното време кое го живеат. Погрешно е да не се излезе од доживувањата на своето детство и да се занимава со анахрони настани. Во романот „Сама“ критиката во средношколските учебници забележа дека, како автор, прв го внесов комјутерот преку комуникација на двата лика Симеон и Теодора, од што, преку пораки, но и графити кои го допираат духот на времето во кое живееме, ќе се роди и љубовта која и двајцата ја сонуваат, а не знаат деке веќе се во електронска комуникација. Треба да се следи моментот и трендот на времето, но, авторот, сепак, мора да наметне некој свој вкус кој ќе го допре светот на младите.

Ако се тргне по сѐ она што ним им се доаѓа, може да се случи да се премине дури и во невкус кој нема да го задоволи естетскиот критериум преку кој се обликува и личноста на индивидуата, како млад читател. Патем, оние дела што опстанале низ години и години, како „Пинокио“, „Хајди“ и многу други, имаат свој универзален досег и во никој случај не можеме да ги отфрлиме и да ги препуштиме само на историјата. Вкусовите на читателите се различно израфинирани. Впрочем, треба да се умее и како да се чита. Класиката си го носи здивот и навевот на своето време, а напати убаво е да се нурне и во она што денес го нема.

Ќе речам, „Децата од Павловата улица“ од Ференц Молнар е четиво на моето детство, книга на која постојано ѝ се навраќам. Преку игра се војува за ширина, простор кој треба да се одбрани како да е татковина. Пораката е беспрекорна, со многу родољубие, изнедрено пред повеќе од еден век. Две групи деца во градот Пешта се борат за парче земја за играње топка. Но, нивната борба има правила по кои се раководат возрасните.

Оттука, пак го допираме почетокот од разговоров и безвременоста и се враќаме на неодминливоста на темата. Само така ќе се постигне универзална вредност и ќе им се пренесе на идните генерации. Ако во тоа не се успее и му се препушти на времето реско да пресуди, залуден ќе ни биде и трудот како писатели. Во прв ред во литературата за деца и млади на која, главно, сме ѝ го посветиле сиот свој труд преку времето во кое сме живееле.

Разговорот го водеше:

Магдалена Стoјмановиќ – Константинов

 

Можеби ќе ве интересира:

Зоран Пеневски: Суштински ми е важно како страда автономниот поединец поради неговата духовна доследност и автентичност