Драг Дедо Мраз,
Одамна ти немам напишано ниту едно писменце, верувам дека многумина те заборавија, освен рекламите на Кока Кола, ретко кој и те споменува.
Децата веќе не те чекаат за Нова Година, немаат желби, се што сакаат им се купува сега и веднаш и веќе не мораат да чекаат Нова Година да им ги оставиш подароците под елка.
Возрасните со тебе се потсмеваат, мислат дека и оние малку деца кои те чекаат секоја година под оџакот се наивни и дека еден ден ќе се смејат сами на својата наивност.
Се повеќе убави работи исчезнуваат, остануваат само лошите, а и тебе те заробивме во друга временитост, те претворивме во песочните зрнца на дното од песочниот часовник. Ти, како и јас, драг мој Дедо Мраз не му припаѓаме на ова време.
Сега и тука луѓето немаат спомени, имаат само проекции, немаат вчера, имаат само утре, знаат што треба да јадат утре за појадок, но не се сеќаваат што јаделе денеска, нивните планери се полни со планови за наредните месеци, а албумите со фотографии се помалку бележат спомени.
Веќе на никој не му е гајле што е Нова Година, а ако не отидеш во Рамстор или Тинкес на пазарење, може и да утнеш ден за прослава. Едноставно е, веќе никој не те чека. Возрасните мислат дека е глупост да се верува во Дедо Мраз, а децата не го разбираат концептот на „подарок“ оти мислат дека по default се им припаѓа и ништо не мора да заслужат.
Еве веќе со години не доаѓаш, идејата за стариот дедо кој ги радува децата со подароци за Нова Година се претвори во современа приказна, па сега си перверзен старец, имаш сексуалност и плус си геј. Какво силување на нашите души во кои тлеат спомените за едно време во кое Дедо Мраз често доаѓаше и тоа исклучиво кај умните деца, нели?!
Драг мој Дедо Мраз, те молам оваа година да се појавиш, изминатите неколку години откако те нема е исклучително тешко да се живее. Ова се лоши времиња. Секој ден дознаваме дека добри луѓе не напуштаат, со роднините и пријателите се гледаме само и исклучиво на погреби, сите носиме маски и не смееме ниту да се ракуваме, а уште помалку да се гушкаме. Луѓето почнаа да се плашат од другите, згасна оптимизмот и веќе никој нема одговор дали ќе дојде некое подобро време.
Луѓето денеска избираат да живеат во страв од вирус кој за нив е невидлив пред да изберат да живеат во верување дека постои некој невидлив Дедо Мраз кој по заслуга ги дистрибуира наградите и заслугите. Дури и да може да те видат со свои очи, луѓето денеска се толку скептични, што сигурно ќе продолжат да го негираат твоето постоење или ќе ти дадат низа квалификации.
Едноставно е неподносливо да се живее во оваа време, без тебе, без спомени, без време, без носталгија, без детско мечтаење, без надеж дека сепак на крајот се ќе биде добро.
Затоа Дедо Мраз, во име на оние деца кои веруваат во тебе а кои се во тело на пет годишни деца или заробени во тело на возрасни луѓе, те молам оваа година да се појавиш. На децата да им го вратиш односот кон подароците, а на возрасните да им ги вратиш идеалите.
Јас стрпливо ќе те чекам, како и секоја Нова Година и се уште верувам дека на некоја од нив, ти сепак ќе се појавиш, а јас работам на тоа да го заслужам твојот подарок!
Искрено,
Магдалена