Новиот вид на корона наречен омикрон е три пати позаразен од претходните варијанти на вирусот, вклучувајќи ја и поопасната делта досега, а особено загрозени се оние кои веќе заболеле од Ковид, покажуваат резултатите од новата студија.

Истражувањето спроведено во Јужна Африка сугерира дека омикрон има способност да го „заобиколи“ имунитетот предизвикан од претходна инфекција. Овие резултати ги објавија Јужноафриканскиот центар за епидемиолошко моделирање и анализа (SACEMA) и Националниот институт за заразни болести (NICD), пренесува Bloomberg.

Студијата се заснова на податоци собрани преку јужноафриканскиот здравствен систем за околу 2,8 милиони потврдени инфекции со коронавирус помеѓу март и 27 ноември, вклучително и 35.670 сомнителни повторни инфекции, напишаа авторите во соопштението.

Тие открија значително зголемување на реинфекциите од првите познати случаи на омикрон.

-Податоците покажуваат дека сојот омикрон има способност да го заобиколи имунитетот на ковид-19 добиен од оние кои се заразени со претходните варијанти на коронавирусот. Ризикот од повторна инфекција со новиот вид е три пати поголем од претходните варијанти, рече Ен фон Готберг доктор на Националниот институт за заразни болести.