Сојузот на синдикатите на Македонија го повикува Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија која се однесува на оспорениот Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, којшто во својата содржина опфаќа „работа во недела” бидејќи, како што велат, е спротивна на Уставот.

Според ССМ, со иницијативата ќе се задре во веќе утврдено право на непрекинат неделен одмор што се состои од најмалку 24 часа, за период од седум дена, на илјадници работници во државата.

Го повикуваме Уставниот суд веднаш да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора која е спротивна на Уставот, а ги охрабруваме почитуваните судии разгледувањето на иницијативата и нејзиното отфрлање кое е предвидено за во среда, да ја одложат точката и седницата да ја закажат оваа недела и расправата да ја продолжат и неколку денови во денот недела. Да ги повикаат сите работодавачи од Стопанската комора на Северна Македонија кои се многу загрижени да им се дозволи да работат во недела за да почуствуваат како се чувствуваат и нивните колеги работници кои досега работеа во ден недела без ограничување и без за тоа да бидат платени. Но се сомневаме дека газдите ќе дојдат, поради тоа што сите или 90 отсто од нив ќе бидат по монденските одмаралишта на продолжени викенди на грбот и од потта на работниците кои со нивниот труд им го ствараат капиталот, а ние работниците и оваа недела и секоја наредна ќе бидеме во судница на покана на Судот, се наведува во денешното соопштение од ССМ.