Пандемијата предизвикана од смртоносниот корона вирус кој прв пат се појави кон крајот на минатата година во Вухан, Кина е се уште мистерија за научниците, стручњаците, СЗО, националните влади и светското население.

Вирусот се шири со брзина на светлината низ светот, а се чини дека не постои ниту едно ќоше во кое корона вирусот се нема населено.

Некои земји се позафатени од другите, некои поуспешно ги решаваат проблемите, други колабираа со здравствениот систем преполнет со пациенти со тешки последици што врз нив ги оставил вирусот.

Бројот на студии за вирусот во медицинските списанија е релативно мал, низ неколку лаборатории во светот се работи на изнаоѓање на вакцина против КОВИД19 но засега останува неуспешен обид.

Различни експерти и стручњаци различно ги толкуваат причините за заболување, причините за тешки последици, виралноста на вирусот, неговата смртоносност но и модусите на заштита.

До сега се веруваше дека вирусот се пренесува само преку капки во кои се состои вирусот, што значи дека човек може да се зарази: преку директен контакт со заболен или преку контакт со контаминирана површина да го внесе вирусот во себе преку отворите на лицето.

Нови медицински сознанија упатуваат на тоа дека корона вирусот може да се пренесе и преку воздух што фрла сосема ново светло врз начините на кој вирусот реагира, се шири и како да се заштитиме од истиот.

СЗО врз база на нови сознанија предлага нови мерки за здравствена заштита кои треба да бидат имплементирани од страна на националните влади.

Иако доказите за воздушно пренесување на вирусот не се цврсти и убедливи, постои веројатност дека вирусот се пренесува и на тој начин.

Ако досега беше дилема дали здравите треба да носат маски, сознанието дека вирусот се пренесува и преку воздух става задолжение сите да носат заштитни маски а особено здравите во својство на превенција за задржување на сопственото здравје.