Во деморкатските општества, лидерот извира од заедницата, тој е близок до прототипот на обичниот човек и најдобро ги разбира, а потем и репрезентира интересите на својот народ.

Дека зад ригидните протоколи се кријат личности со своја хумана и топла страна, потврдува и денешниот разговор со премиерот на Владата на Република Македонија – Христијан Мицкоски.

Понекогаш, од формата која е присутна во рационализираниот концепт на управување не можеме да ја видиме суштината за нас скриена зад носителите на јавните и државни функции.

Но, празниците се вистинското време кога секој човек има потреба од припаѓање, кога семејството е приматот и кога радоста за новиот почеток и надеж дека тој ќе биде подобар од претходниот ја изразуваат смислата на човечкото постоење.

Токму затоа, по повод Новогодишните празници, премиерот Мицкоски во разговор за „Мој збор“ ни откри како во неговиот дом се празнува Нова година, како се искажува благодарност преку подароците, но и она што многумина ги интересира – традицијата претставена на маса – што содржини новогодишната трпеза на премиерот и колку таа е слична на повеќето трпези низ домаќинствата во Македонија.

Како течат новогодишните подготовки во вашиот дом? Кога се кити елката и дали сте љубител на новогодишните декорации?

– Нова Година и Божиќ мислам дека се најочекуваните и најубавите празници во нашиот дом. Уште од првите денови на декември започнуваме со подготовките –  се вадат кутиите со украси, лампиони, ленти, често оди празнична музика во позадина и домот почнува да дише со тој празничен дух.

Централно место, секако, има китењето на елката. Последните неколку години таа задача главно паѓа на децата и на сопругата, бидејќи моите обврски често ме држат надвор од дома, но кога сум присутен, многу се радувам да се вклучам во декорирањето.

Порано исклучиво јас бев  задолжен за поставување на украсите високо во домот, ама сега, фала му на Бога, поголемиот син може да ме замени. Инаку, кај нас дома секој има некој омилен лампион, фигура или украс кој задолжително треба да биде поставен на видно место – обично тоа се работи кои нѐ поврзуваат со некој драг спомен од минатото.

Мојата омилена декорација ја чувам уште од детството и секогаш ме враќа во тие безгрижни времиња. Дефинитивно сум љубител на новогодишните декорации – тие го прават домот да изгледа поубаво, потопло и свечено!

Што најчесто се наоѓа на вашата новогодишна трпеза? Дали сте љубител на традиционалните македонски специјалитети – сарма, руска салата, печени меса и дали лично помагате во подготовката?

– Секако, ние како семејство сме големи љубители на традиционалната македонска кујна и сè што го споменавте – сармата, руската салата, печените меса, но и тави или сукано, се задолжителни на трпезата во деновите на празниците.

Би додал дека кај нас не може да помине ниту еден празничен ручек без некоја свежа македонска сезонска салата, со печени пиперки, со рендан морков, цвекло, или нешто друго што одговара на зимата.

Јас лично, кога времето и обврските тоа го дозволуваат, сум задолжен за подготовката на салатата или за печењето на месото на скара или во рерна – тоа ми е омилен дел, бидејќи ми дава шанса да се опуштам во кујната. Празничните трпези се еден од најубавите мигови кога целото семејство се собира околу масата, заедно ужива во добрата храна, во убавите разговори, а општо во тој момент на вистинска сплотеност и топлина што тешко се наоѓа во секојдневието.

Новогодишните празници најчесто се поврзуваат со семејната топлина. Дали за вас тие се симбол за заедништво и имате ли некој семеен ритуал кој го практикувате секоја година?

– Да, општо празниците за нас се вистински симбол на топлината на домот и на семејното заедништво. Кога децата беа помали, новогодишните празници ги прославувавме исклучиво дома, кај нас или кај некои блиски роднини и пријатели, со полно дружење до доцна во ноќта.

Сега, како што растат децата, тие ќе сакаат да поминат дел од времето со своите врсници и пријатели, што е сосема нормално. Но, за Бадник и Божиќ остана традиција да бидеме сите дома, да јадеме заедно и да поминеме квалитетно време еден со друг.

Тогаш барем телефонот стои подалеку од празничната трпеза. Тоа време за мене е навистина бесценето – ги полни батериите за цела година и ме потсетува на она што е најважно во животот и на кое сме благодарни на Бога.

Како обично ја дочекувате Нова Година, во домашна атмосфера, во друштво или можеби на некое патување?

– Како што реков претходно, најчесто Новата Година ја дочекувавме во домашен амбиент – било кај нас дома, било кај некои наши блиски роднини или пријатели.

Многу ретко сме биле на некое патување за празник, бидејќи човек во тие динамични времиња едвај чека да има малку оддишка и да го посвети целото време на потесното или поширокото семејство.

Тоа е вистинскиот предизвик на новото време – сè е брзо, обврските се многу, па некогаш знаеме да си речеме дека страдаат тие убави моменти на дружење со пријателите, блиските, посетите и патувањата.

Но, токму затоа ги цениме уште повеќе кога ќе се случат. Се трудам колку што можам да ги негувам тие меѓучовечки односи, бидејќи тие се основата на сè.

Дали сте љубител на филмови и колку често успевате да погледнете нешто на Netflix? Имате ли барем за празниците за семејна филмска вечер пред телевизорот?

– За празниците дефинитивно да – обично организираме барем една или две семејни филмски вечери, кога се собираме сите пред телевизорот со пуканки и топли пијалоци. Како во кино.

Инаку, во секојдневието тешко се наоѓа време за филмови. Најчесто тогаш гледаме некои божиќни класици или филмови со библиска содржина, кои за жал поретко ги емитуваат на телевизиите денес. Кога децата беа помали, редовно гледавме заедно некој убав анимиран долгометражен филм или семеен филм.

Верувајте ми уште ги паметам моментите како се смеевме сите на сцени од „Ice age“ или „Сам дома“. Сега, како што растат, секој има свој вкус – јас сум малку „постаромоден“ и се радувам на класики или на филмови од осумдесетите, деведесетите и раните двеилјадити, додека другите дома следат и нови серии и блокбастери.

Па, благодарение на нив, и јас сум упатен во некои актуелни наслови, барем од разговор (хахаха).

Имаат ли премиерите одмор? Дали може да се исклучите и да се опуштите за време на празниците или обврските кон граѓаните и чувството на одговорност секогаш се присутни?

– Позицијата на премиер, за жал, не дозволува луксуз да се биде целосно на одмор. Тоа е огромна одговорност што сме ја презеле кон граѓаните и кон државата, и со неа мора да се носиме секој ден.

Дури и во празничните денови, кога е официјално „одмор“, телефонот постојано ѕвони, пристигнуваат информации, а поголеми или помали одлуки мора да се носат навреме. Така што, вистински одмор во класична смисла на зборот ќе почека – да сме живи и здрави, ќе дојде и тој момент.

Но, и во тие ограничени моменти се трудам да најдам барем малку мир со семејството. Нив сум им најмногу благодарен за разбирањето, силата и поддршката која ми ја даваат.

Кои обичаи и традиции од вашето детсво ги задржавте во начинот на празнување на Нова Година? Колку празниците се сменија оттогаш до денес?

-За Нова Година конкретно, освен китењето на елката и украсувањето на домот како главна традиција, останала и убавата пракса под елката да се остави по некој подарок за најблиските. Тоа го паметам уште од најраното детство и денес сè уште се практикува кај нас дома.

Многу работи се промениле од тогаш до сега – светот е побрз, технологијата е навлезена насекаде – и нормално е традициите да еволуираат. Но, неопислива е радоста на едно дете кога наутро под елката ќе најде подарок за себе. Дури и скромните, симболични подароци можат да будат огромна радост кога се знае дека некој ти ги подарува искрено и со љубов.

Се трудам токму тоа да им го пренесам и на моите деца – да ги ценат вредностите на вниманието и на љубовта кои стојат зад подарокот.

Дали празничниот период знаете да покажете благодарност и почит према подароци? Кога обично ги подготвувате – за Нова година или за Божиќ?

– Како што споменав, секогаш сум се трудел да подготвам по некој подарок за моите најблиски дома. Тоа останало како убав семеен ритуал кај нас. Но, подеднакво ме радува и кога добивам некоја срдечна честитка од пријатели или роднини.

Можеби пак ќе звучам старомодно, но навистина ми недостигаат тие класични новогодишни честитки што порано ги испраќавме и добивавме по пошта. Тие беа исто толку значаен гест на благодарност и почит како и самиот подарок.

Се сеќавам дека како дете ги редев сите добиени честитки под елката и многу се радував кога во поштенското сандаче ќе најдев нова. Дома, подароците за децата обично ги подготвуваме пред Нова Година, за да има изненадување наутро, додека за другите блиски и роднини знаеме да ги дадеме и до Божиќ.

Што обично ви подарува семејството за време на празниците? Дали сеуште го имате задржано тој момент на „изненадување“ кога ги отворате празничните подароци?

– Хахахаха, да, секако! Сè уште сум нестрплив како дете и многу се радувам да видам што подготвиле оваа година. Обично тоа е нешто практично – некоја убава кравата, елегантно пенкало или спортска опрема за планинарење и рекреација, но секогаш проследено со рачно нацртан цртеж или со некои топли, срдечни зборови во пакетчето.

Знаат некогаш да ме изненадат и со некоја испринтана маичка со духовита новогодишна порака, ама во тие маици најчесто ме гледаат само дома, во опуштена семејна атмосфера и во најкомотни изданија.

Моментот на изненадување го чуваме и денес – го отвораме заедно под елката и тоа е еден од најубавите делови од празникот.

Кога се во прашање граѓаните и Македонија – која е вашата новогодишна желба за 2026 година?

– На сите граѓани пред сè им посакувам многу здравје, семејна среќа и лична исполнетост, бидејќи без тоа ништо друго не има смисла. Посакувам многу лични успеси и напредок – секој индивидуален успех на граѓаните автоматски значи и подобра, посилна Македонија.

Ако секој од нас направи барем по еден чекор кон подобро, заедно ќе одиме многу понапред.  Исто така мислам дека секој во овие празнични мигови треба да помисли и да помогне на некој свој сограѓанин кој ја нема таа среќа вистински да се израдува на празниците. Споделената радост е поголема радост.

За 2026 година сакам да биде период на видливи подобри резултати во државата, на посилна и постабилна економија, на повеќе работни места и на поголемо задоволство кај луѓето, повеќе насмевки.

Тоа, секако, бара заеднички труд, посветеност и работа од сите нас – од граѓаните, од институциите, од секој поединец. Нека новата 2026 година им биде среќна, бериќетна и полна со оптимизам на сите граѓани!

Нека е подобра од претходната и нека постави цврста основа за сите идни години да бидат уште подобри и подобри.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов 

*Противзаконско е преземањето на авторски содржини без дозвола на уредникот