Повеќегодишното отсуство од ликовната сцена и не е така неоправдано кога станува збор за уметник каков што ретко се сретнува не само кај нас, туку и пошироко. Во тој контекст, творештвото на македонскиот сликар Рубенс Корубин (роден 1949 во Прилеп) добива историска вредност и значење во поглед на проследување на неговите понови дела насловени „Месечеви приказни”, кои се јасен показ за континуираното трагање по своето ликовно-естетско кредо.

На самиот почеток треба да се истакне дека основен белег и квалитет на неговите дела се: строгиот потег со четката, совршеност во композициската изведба, богатото чувство за боја и светлина и присуството на специфичен заситен колорит кој во својата компактност ја креира целата површина на платното. Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени единства помеѓу темата и својот начин на експресија.

При самата опсервација на неговите творби можеме, несомнено, да потврдиме дека станува збор за едно мајсторство кое, првенствено, е длабоко интимистичко и исполнето со голема доза на фантастичност, чудесност, магичност и естетичност. Во овој контекст ќе се надоврзам мислењето на надреалистот Андре Бретон кој вели:

Одлучен сум да ја направам немоќна онаа омраза кон чудесното која е така жестока.

Творечкиот порив кај Рубенс Корубин е особено значаен по својата оригиналност во изведбата која е јасно видлива во пригушената боја на позадината на сликата низ чија длабочина излегува силен отсјај и светлина преточена во фигурална претстава, што на сликата и дава поетски призвук во својата целосност.

Имено, станува збор за романтичен сликар, уметник кој ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи кои го сочинуваат нашиот свет. Модрата боја има егзалтирачка и поетична својственост слична на делата на романтичарот Вилијам Блејк особено поради нејзината моќ за потенцирање на иреалното и мистичната страна на нештата ( „Поглед”, „Мали тајни”, „Жонглер”, „Полноќен улов” и сл.).

Исто така, оттука произлегува неговата поврзаност со ремек-делата на ренесансните мајстори во техничка смисла (Караваџо, Ботичели), но и поврзаноста со пионерите на фантастичното и магично сликарство во емотивна смисла (Анри Русо, Марк Шагал). Ознаката со римскиот број на десниот агол од секоја слика можеби симболизира некаков своевиден код или шифра на тајновитост, но истовремено, како да укажува на една безвременост на делото секогаш загадочно, создавајќи одредена дистанца при секоја можна и повторна анализа на истото.

Во делото „Враќање дома (Тобиас)”, авторот како да се затскрива под непознат лик со име, со цел да не втурне во длабоките лавиринти на неговото минато, во детската игра и нејзината магична вредност, во неговиот непрекинлив сон на еден измислен свет полн со илузија што впрочем претставува и појдовна точка во дефинирањето на неговото ликовно проседе. Метафизичката нота во делата како на пр.: „Тишина”, „Ангелот и двата града”, „Езерска куќа” и сл., ја доловува благодарение на неговата луцидност во играта меѓу темниот тоналитет и светлината, додека пак, преку сликањето на препознатливите архитектонски елементи како да ја сокрива сета носталгија и спомени, задржувајќи го вниманието на набљудувачот со некоја чудна моќ на привлечност.

Главна тематска преокупација и, се чини, вечна инспирација во изведбата е фигура-лик, т.е. жена изведена како муза чие портретирање и раскошна облека е во сооднос и слична на античките ликови или митолошки претстави, поставувајќи ја во еден амбиент на божествена хармонија. Во делото „Веридба” иако на лицата се чувствува студеност во погледот, мистериозност и осаменост, сепак меѓу нив e присутна една магична врска која како да е дел од некоја претстава без почеток, а во која има некаква внатрешна поврзаност и оправданост само нему позната.

Сликарската иконографија на Рубенс Корубин е покриена со извесна меланхолија на нетрајност, извесна замагленост на спомени и загадочност на слики од детството, коишто се без почеток и крај, сликарство чиј никулец лежи во имагинарното творештво, поточно во чудесното и недоречено сликарство. Тоа е уметник чиј живот и дело не можат да се одделат и кој на повеќе генерации македонски уметници го пренесува своето богато виртуозно сликарство.

Автор: Марија Стојческа