Последниве 20 тина години сме сведоци на комплетна ерозија на воспитно-образовниот систем во Македонија како и на комплетно губење на честа, достоинството и дигнитетот на професијата учител, наставник, професор.

Се повеќе кај родителите, кај општата неедуцирана јавност се создава перцепција дека ние просветните работници не работиме ништо, дека приватниот сектор не хранел, дека сме товар на буџетот.

Во ова лудо време ништо не ме чуди. Работник се смета само ако нешто физички работиш, или ако крадеш па ќе речат -„Се снашол човекот”.

Па лудаци дај не ни треба образовен систем, не ни требаат школи, испуштете не сите па нека владее хаос, па после нека создава некој доктори, инженери, шофери, угостители.

Во едно не така далечно време, за време на бившата СРМ а и првите години на независноста, се беше поинаку.

Прво учителот беше почитуван и ценет, вреднуван и мотивиран.

Учителот беше поим за чест, одговорност и почит.

Татко ми беше 40 години учител (10 години директор), од прв до последен ден со иста жар описменуваше генерации, неговата креативност и ден денес се раскажува (за што има живи сведоци кои кажуваат примери).

И секогаш одеше во костум!

Но што доведе до ваквата состојба?!

Прво девастација и обезвреднување на образовниот систем и тежок удар му се нанесе со Грујовата политика да се отвори факултет во секое село. Целта беше да се обезвредни знаењето, да дојде време кога приучените и недоучените ќе им попуваат на учените! Дојде време на одмазда на приучените и недоучените кон учените! Па дајте бе луѓе, побогу, како може секој да заврши факултет, секој втор да е магистер, а да ги прашаш површина на квадрат не знаат или страни на светот!

Ние кои завршивме во стариот систем, нашето знаење во споредба со дипломираните по приватни факултети и дисперзирани студии е рамно на доктор на науки! Слободно нека ни потпишат!

Некој паметен човек рекол: Ако сакаш да уништиш одредена нација уништи го образованието! Тоа веќе се случува!

Вториот фактор е демотивацијата на учителите, непотизмот (татко др. на науки/син или ќерка го наследува.), мешањето на политиката во образованието и слабото вреднување на трудот на учителот!

Во новиот закон за основно образование се вметна (за што заслужни се наши колеги кои станаа пратеници), еден несреќен критериум за избор на наставници кој се вика просек на студии! Да господа, просек да, но надополнето со рангот на универзитетот на Шангајската листа!

Не е исто да дипломираш со просек 9 на приватен универзитет и со просек 9 на Уким. Значи просек но и рангот на универзитетот на Шангајската листа! Плус социјален статус секако, а и други критериуми за кои не би зборувал.

За демотивацијата на наставниците и слабото вреднување на трудот доволен податок е фактот дека платата на учителот во Македонија е на најниско ниво во регионот (за споредба во Косово плата е 600 евра). Третиот фактор е претворањето на учителот во писар а со тоа запоставување на воспитно-образовната работа.

Обичен дневник, Е-дневник, портфолио, досиеа, чек листи, професионален развој, Национална платформа, Мајкрософт тимс, Класно раководство…Што уште не!

Учителите се принудени да се фокусираме на формата а не на суштината! И затоа квалитетот на образовниот процес опаѓа.

Четвртиот фактор се јавноста и родителите. Во трката по материјални добра се запостави се, па и сопствените деца.
Нека игра на телефон, таблет и комјутер, само да е мирно детето. Нема воспитание, домашно воспитание, влегуваат деца во автобус без основна култура да кажат „Добар ден“, да станат на повозрасен човек…

И на крај за лошите оцени и лошо поведение се криви учителите, а вас дома не ве виделе.

Петтиот фактор се самите учители. Немањето свој став, полтронството, додворувањето на родителите, поклонување оцени… Не може никој да те цени ако самиот не се цениш!
А за репрезентативниот синдикат не вреди да се трошат зборови! Претходно изнесеново е на база на факти така да секоја аргументирана дискусија ја прифаќам, а се што е од лични причини ќе биде само последица на наведените фактори!

Автор: Гоце Кузески, просветен работник

May be an image of Goce Totti Kuzeski