Митови кои се виновни за најголеми поединечни несреќи се вкупно два. Првиот мит е дека секој родител најмногу на светот го сака своето дете и вториот мит е дека постои романтична љубов помеѓу маж и жена која води до среќно живеење до крајот на животот.

Поради големата раширеност на овие митови и нивното широко консензуално прифаќање, тие често се наведуваат како две најголеми универзални вистини, кои сепак само се засноваат на имагинација и на верување, а не на логичко-емпириски или интуитивни докази за вистината.

Не секоја мајка ги сака своите деца, не секој татко ги сака своите деца. Да беше универзална вистина дека родителите се најдобрите чинители и најчистиот извор на љубов немаше да постојат случаи во кои татковците си ги силуваат децата, убиени деца од родителско насилство, деца продавани како бело робје и куп други девијации.

Иако овие девијации се експлицитни примери дека родителксата љубов не е чиста и не секој родител најмногу го сака своето дете, постојат и кодирани злоупотреби на децата кои нардоните верувања преку хумор, песни и досетки ги напаравиле апсолутно прифатливи.

Како може да се зборува за родителска љубов, ако родители од низок социјален статус ја мажат ќерка си и пред 18 години за некој богат гастербајтер, со сета свесност дека го упропастуваат нејзиниот живот врзувајќи ја за домот, децата и мажот, само за да имаат богат зет кој ќе ги финансира нивните апетити и ќе ги извлече од беда.

Ако овој пример кој е многу почест одошто може да се претпостави не е класична продажба на дете, тогаш не знам што друго може да се подведе под поимот на баждарење.

Убеденоста дека родителите се жртви и најголеми доброчинители во животот на децата води до психички разорувања, бидејќи детето не може да си објасни како е можно родителот кој го сака, со кое убедување расте, да е сподобен да му нанесе суштинска неправда.

Пред два дена, умре легендарниот Ѓорѓе Балашевиќ, чија љубов кон човештвото ја покажа со мајсторство над зборовите, а луѓето му возвратија и го прогласија за најголемиот неакадемски и поетски психолог во нивниот живот. Иако на секој негов концерт стоеле по две празни места резервирани за неговите родители, тие не дошле на ниту еден негов концерт, бидејќи тие не го сакале Ѓорѓе Балашевиќ кој сите ние го сакавме, тие сакале некој замислен професор по географија чија улога требало да ја игра нивниот син.

Тој требало да им ги донесе погледите на восхит во нивното маало и да ги направи важни и битни за околината.

Родителската љубов во случајот на Балашевиќ не можела да биде посебична. Но тој остана Балашевиќ и стана омилен за сите, имаше доволно љубов за да ја супституира замислата за тоа колку родителите „искрено“ ги сакаат своите деца.

Не се ретки ниту примерите во кои децата не се плод на љубов помеѓу двајца, туку се задоволување на срединските побарувања да се има дете, со јасно нотирање на возраста во која тоа треба да се случи и партнерот со кој треба да се случи, па ако се падне женско да е живо и здраво, ако е машко може и да се прослави.

Да не зборуваме за тоа дека децата се дел од шемата по која човекот треба да живее и тоа нема никаква врска со неговата развиена љубов и свест кон децата како личности, туку со тоа да се спаси од осудата на околината.

Не е тајна и дека децата во многу случаи се злоупотребуваат за „спасување“ на бракови во кои нема ниту б од брак и ниту б од брачни партнери кои се заедно само заради тоа што се родители.

И куп други неправди за кои сме свесни, ама не сме доволно самосвесни да ги признаеме, па потоа и прифатиме.

И додека бројни примери докажуваат дека не сите мајки ги сакаат своите деца и не сите татковци ги сакаат своите деца, барем на искрен, замислен родителски и непатолошки начин, да се зборува јавно за таа тема е табу, бидејќи тоа ги разорува митовите, самопрогласените универзални вистини за родителска љубов, над која се формираат навидум здрави семејства со болни и несреќни поединци.

Човек не треба да се залажува, ако не е доволно сакан и почитуван, ако е злоупотребуван и лажен, треба да ја прифати состојбата и да раскине со митот за среќно семејство во кое царува љубов. На тој начин можеби нема да го направи својот живот поубав, но ќе ја направи праведната работа, нема да учествува во митови и лаги кои системски градат и создаваат подвоени личности.

Убијте го родителот во себе, секако на Фројдовски начин!

Автор: Магдалена Стојмановиќ