Само што го изгледав видеото на А1он со тројцата актери од НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, Анкица Бенинова, Ванчо Василев и Стојан Велков, кои се бунтуваат против именувањето на професорот по фискултура Васил Бубев за директор на установата во која што работат, кога новиот амбасадор на Јапонија во нашата мила Татковина, н. е. Хиронори Савада ме врати во живот со својата изјава за МИА, дека тој немал сомнеж во тоа дека Македонија е стабилна земја.

Во право е! Само ненормално стабилна земја може сè уште да постои, а да е партизирана до таква степен што еден партиски кадар назначен за директор водејќи се според логиката, јас си конкурирав, ме одобрија, кој ве ебе, бунете се колку сакате, има образ дури да се појави во емисија и јавно да каже дека нема место за дебата во врска со неговото назначување бидејќи бил избран со сите нишани.

Бубев не важен во случајот, колку и самиот тој да го мисли токму спротивното. Сепак во документите за своето конкурирање за прв човек на Центарот за култура во Струмица, ставил и учество во некаква манифестација „Денови на празот“ или така некако. Не! Тоа не е генијално сиже за комедија од епосот на Монтипајтоновци, тоа е нашата реалност. Токму затоа мислам дека е нормално, човекот да се смета за доволно голем за да одбие да одговори на прашањата на тројцата претставници на актерскиот плебс, кои си дозволиле да не бидат задоволни со неговото назначување.

Само во стабилна земја како Македонија, конкурс за директор, што е распишан на 1 декември и треба да трае до 15 декември, во пракса е само една игранка од којашто резултатот се знае уште на 5 декември. Во право е амбасадорот Савада.

Тоа е само еден пример, но прекрасно го отсликува лудилото во коешто живееме. Директор ваму, директор таму, директор и на Марс, ако на партијата на власт и затреба човек од доверба.

Имињата тука ништо не значат, Бубев може слободно да биде Иванов, Драганов или Петканов, важна е довербата и секако лојалноста кон партијата. Ма бил фискултурец, немал никаква допирна точка со културата, тоа нема никаква врска кога се е по пропис.

Кога се е потплатено со документи и cv во кое директор се повторува неколку пати, а како нацртан на школска табла машки полов орган скратено кур, со својата цврстина и егзотичност ѕирка фактот дека освен сите останати активности успеал да вложи труд и во манифестација за праз, кромид, лук, дињи или за било каков друг зарзават.

Само во стабилна држава, кондицијата во копањето дупка во дното не паѓа ни за 30 години од нејзиното осамостојување. Страшни ќе бидат следните 30, ако луѓето од доверба, лојалните партиски кадри кои се сликаат до локални моќници и најобични собирачи на гласови за време на избори ги снема. Замислете само…

Ќе има кадарни директори, ама тие нема да имаат врз кого да директоруваат…

Ќе има нормални партии, ама нема да има фирми кои да им ги испечатат предизборните плакати…

Има стабилност, ама таа е толку заглавена на дното, што мора масата народ што останала да ужива во стабилност, амбасадорот на Јапонија да ја теши, дека ете и неговата високоразвиена земја ја започнала вакцинација против коронавирусот во ист ден со нашата.

Ќе спијам мирно вечер…

Македонија е толку стабилна што може да си дозволи еден куп бурлески и водевили. Имаме мераклии за директори, имаме мераклии за пратеници и министри, ама на Македонија и ги снемува луѓето, кои стојат онака во сенка и работат како пчели.

На тие луѓе, што немаат директорски и други прилично добро платени амбиции, се сеќаваме само кога ќе ги видиме наредени пред бугарските дипломатски претставништва во земјата. Не се осудувајте да ги осудите! На нив им дојде преку глава од македонската стабилност и немаат време да чекаат приказните што им ги раскажуваат разно разни мераклии за директори за време на предизборните кампании да се остварат.