Се ближи Осми март, се обележува Интернационалниот ден на жената. Овој датум историски се поврзува со заложбите на Клара Цеткин за работничките права на жените.

Од денешен аспект, 8ми Март е датум околу кој се организираат најмногу трибини, се пишиуваат најмногу размисли за состојбата со женските права и секако се планираат изненадувања за понежниот пол или организирани тури на патувања или дружења за жени-работнички кои немаат честа прилика во текот на годината да си приуштат излегување со пријателки или патување на нови места.

Нашироко се зборува за улогата на феминизмот како збир на теории кој го обмислува женскиот род и како движење има тенденција да го подобри статусот на жената во општеството, но малку се говори за тоа колку феминизмот и направи „магарешка“ услуга на жената од помалку развиените земји како што е Македонија.

Се почна со паролата „Жените тоа го можат“, но наместо да се задржи контекстот на паролата и да се ограничи потенцијата на жените во сферата на јавното делување и професионалниот живот, се чини дека таа парола доби дијапазон кој дополнително ја запостави жената и ја стави на тркачка лента во постигнување на сите „очекувања“ кои општеството и ги наметна.

Денешната жена во Македонија има работа, своја заработувачка, професија која ја врши исто толку добро како и мажот, жените се застапени во локалната, државната и јавната управа, скоро да нема професија во која нема жена.

Жените покажаа дека физичката инфериорност, што се наведува како главна причина за отсуството на жената од некои професии, не е пресудна во технократијата за успешноста со која ќе се извршуваат деловните и службените работи.

Жените бизнисменки не се само прото-модел од порно филмовите и не задоволуваат само фантазија и ниски страсти на мажи на кои им проработува либидото на моќни жени. Тие денеска се реалност, а многу претпријатија бележат примери на жени бизнис лидерки кои со децении градат успешни приказни и се на врвот на пирамидата.

Жените докажаа дека можат, но се отвори еден нов и непредвиден феномен од доброчинството на феминизмот и неговата примена во Македонија.

Жените прифатија нови улоги поврзани со јавно дејствување, бизнис и професионална автореализација, но не прекинаа со традиционалните улоги.

Грижата за домот и децата не е еквивалентна, машината за перење по дифолт ја собира и организира жената, таа има обврска да готви и добро да ги пречека гостите како „вистинска домаќинка“, се подразбира дека мажот и помага на жената кога ќе ги измие садовите, а не го претставува тоа како заедничка обврска кон домот.

Жените добија лидерство надвор од домот, но останаа и лидери на мал милион домашни работи кои се скриени за очите на економијата и се дел од неплатениот труд.

Тие останаа заробени во традиционалните улоги и уште е многу важно во CV да ви пишува дека сте сопруга или мајка на одреден број на деца иако таа информација е сосема исклучива за вашиот иден работодавец.

Феминизмот ги направи жените жртви на својата потреба да покажат дека се еднакво способни како мажите и по цена на живот да го разбиваат стереотипот за „жена како лош возач“, „жена како несериозен работник“, „жена како помалку интелигентен интелектуалец“ и секако „жена со сомнителен морал“ доколку одлучи да не им робува на традиционалните стеги и на псевдо-пуританскиот морал.

Во идеалот за жената сега се инкорпорирани дузина улоги – работничка, дама, мајка, сопруга, интелектуалка, мислителка, економски субјект, чистачка, готвачка, воспитувачка и негувателка – но се тоа само за по дома.

Се чини дека феминизмот начини поголема неправда на жените, тие сега го земаат и товарот кој им следува по еднаква прераспределба и оној кој по автоматизам се подразбира, се тоа само да покажат колку можат, додека зајадливи машки гласови и понатаму саркастично сугерираат со тенорско ехо дека „жените имаат и повеќе од што заслужуваат“.

И тоа е точно имаат и повеќе одошто заслужуваат, но обврски, а не ПРАВА!

Автор: Магдалена Стојмановиќ