Човекот е склон кон разубавување на работите.

Погребите се претвораат во дегустација на добро вино и длабоки разговори за смислата на животот. Фотографиите на покојните на спомен плочите се најголемиот контраст од изгледот на лешот кој го осветлуваат стотици запалени свеќи.

Потребата човекот да ги разубавува работите е уникатна, но и лицемерна. Со акцентирање на убавата страна, настанот не престанува да биде исклучително грд.

Човекот дури и создава митови кои му помагаат болката да ја разбере како последица од животната борба. Разубавувајќи ја, ја репрезентира како симбол на сопствената издржливост и храброст.

Не избираме кој ќе не сака, а кој ќе не мрази. Колку луѓето ни се поблизок круг од опкружувањето, тоа се помали шансите да ги избереме.

Малку знаеме за луѓето кои ги сакаме, во суштина пропорцијата е обратна. Колку повеќе ги сакаме луѓето, толку помалку ги знаеме, а колку повеќе ги запознаваме толку помалку ги сакаме.

Најинтимните разговори ги водиме во храмовите со апстрактни суштества. Колку се поапстрактни комуникациите, толку се посуштински. Конкретните релации се болни, себични, полни со каприци и намери. Просто е неподносливо колку студенило може да има во погледот на луѓето кои до вчера ни биле најтопли.

Заблудите се раѓаат лесно и многу тешко си заминуваат. Цената на секоја заблуда ја плаќаме со нова набавка на лек од аптеките.

Ако човек биде реален се плашам дека животот ќе му стане неподнослив, а уште понеподнослива помислата дека единствен начин да ја прекине таа неподносливост, е да се откаже.

Луѓето се големи онолку колку што простуваат, но тие скоро никогаш не може да си простат себе си. Простувањето е намалување на казната на која сами сме се осудиле да ја носиме.

Во носењето на казната има нешто триумфално, аналогно на Исус кој победнички го износи крстот на страдањето.

Старата година, во нашите надежи е секогаш полоша од новата, но она што старата го направила за нас, новата не ќе може да го избрише.

Луѓето прославуваат затоа што така забораваат. Заборавот го ублажува проклетството на нивната меморичност и го активира инстинктот за живот.

Човекот е љубоморен на животното кое е предетерминирано да биде слободно, а го презира лудилот кој ја имал храброста да ги „скрати“ маките на игнорирањето и конечно да се соочи.

Ни треба малку да паднеме, и многу за да станеме, а секое следно станување е се поубаво од претходното бидејќи тркалањето на каменот на апсурдноста е сосема доволно да го исполни со смисла човечкото постоење!

Автор: Магдалена Стојмановиќ