Голем дел од од споменичната продукција на македонската уметност во периодот на 50-тите и 60-тите години на 20-тиот век, несомнено припаѓа на групата врвна европска монументална скулптура поради својот зрел модернизам.

На појавите и на поимот концептуална уметност одамна навикнавме, пред се, поради начинот на мислење и начинот на примање и толкување на едно дело, што дава можност за повеќе решенија и ангажирање на посматрачот.

Посебно место во уметничкото одбележување на нашето историско минато припаѓа на споменичната пластика на вајарот Јордан Грабулоски (роден во Прилеп 1925-1986) и неговата сопруга архитектот Искра Грабулоска, кои со својот специфичен израз развија нови комплексни потреби во македонската скулптура и архитектура, правејќи синтеза на вајарството, архитектурата, витражот и декоративната керамопластика, како и поставија нов однос меѓу традицијата и модерното.

Имено, станува збор за импозантниот споменик посветен на националноослободителната борба и Илинденското востание подигнат на Гумење, во Крушево „Македониум” (1974) споменик низ кој авторите проаѓајќи низ турбулентен период и бавен процес на создавање, направија пресврт во конвенционалното и академското сфаќање на скулпторскиот медиум.

Во креирањето на споменичната уметност од тој период, не треба да се заборави нашата историја условувана од политичките околности, кои тешко допуштале искази на ниво на индивидуален избор.

Тој факт, всушност се прелеал во исполнувањето на некои барања и очекувања во едно бескомпромисно решение, кое не било целосно во колерација со конечната замисла на авторите.

Но, самиот висок ридест предел како просторно решение на комплексот, создал размислување за решение кое адекватно ќе ја изрази нивната замисла кон ликовно-естетска и содржинска обработка изведен во три платформи по кои потоа се доаѓа до централната скулптура.

Првата платформа содржи неколку поврзани елементи на раскинати пранги , форми изведени во натур бетон што го симболизираат крајот на ропството. Понатаму, идејата на овие поедноставени форми води кон втората платформа наречена Крипта. Тука просторот е интимизирани компактен изведен со засечени бетонски конуси распоредени во низи, а врз нив се поставени бронзени дискови со излеани имиња на загинатите херои.

Всушност, како целина овие форми кои се повторуваат директно дејствуваат врз посетителот и евоцираат чувства од минатото и револуционерниот бунт,а тој впечаток е дополнет со ритмичноста на црно-белиот мозаик во форма на часовник.

Оттука, се стигнува до зарамнетата форма наречена Сцена составена од два полукружни сегмента кои со ниски ѕидни прегради и аудиториум со 272 седишта сочинуваат функционална целина. Полукружните појаси завршуваат со две странични пластични структури на декоративна керамопластика чиј автор е сликарот Петар Мазев.

Тој внесува личен печат така што преку интензивниот хроматизам и стилизираната орнаментика побудува фолклорни асоцијации.

Навидум, апстрактна, оваа формална шема не води до централниот објект тн Функционална скулптура, кулминативната точка во која не случајно е одбрана топката, како израз на ликовно-естетско и експресивно олицетворение на космичко совршенство.

Таа претставува армирано-бетонска сферна лушпа во форма на засечена празна топка која во горната површина содржи 12 перфорации просторно обликувани во засечени конуси.

Четирите средни конуси се со витражи на Борко Лазески кои со своите колористички ефекти создаваат оптичка живост во ентериерот. Впрочем, овој објект ни дава можност за разновидни асоцијации, органски и механички: срце, распукнат еруптивен цвет, вселенски брод, мина, боздоган и сл.; често нарекуван современо светилиште, модерен храм, модерен мавзолеј и др. Ричард Демарко, во една своја посета на тогашна Југославија ќе напише дека:

„Споменичната пластика потсеќа на Стоунхенџ и вклучува идеја на ритуал”.

Со својата робустност, масивност, цврстина феноменално се вклопува во географскиот амбиент и најдоследно ја изразува пластичната апстракција, тн естетска трансцеденција за македонското како историја, како бит.

Се има чувство како посетителот да се наоѓа на свето место каде што човекот не чувствува страв и понизност како под високите готички катедрали, туку во тој низок кружен,аскетски бел изведен модерен внатрешен архетипски простор, со асоцијации на пештера и утроба, човекот доживува интимни реминисценции и спиритуализација како во средновековните цркви во Македонија.

Овој споменик ги изразува противречностите низ кои уметничката визија ја надраснува средината во која создава и, со својот професионален дискурс отвора нови односи на релација уметник, уметничко дело – општествена средина.

Автор: Марија Стојческа No description available.