Во време кога медицината не е само професија, туку и општествена мисија, приказните на луѓе кои успеале да ги надминат личните и системските бариери носат особена тежина и инспирација.

Разговорот што следи ја открива животната и професионалната патека на една жена која со знаење, упорност и силна лична визија го гради својот пат во здравствениот систем, истовремено останувајќи доследна на своите корени, семејни вредности и општествена одговорност.

Таа зборува искрено за љубовта кон стоматологијата, за предрасудите со кои се соочувала како жена и Ромка, за мајчинството, за мултикултурниот семеен живот и за потребата од поддршка и охрабрување на младите генерации. Ова е приказна за истрајност, емпатија и верба дека секоја борба има смисла кога е водена со чесност и посветеност.

Што ве инспирираше да се посветите на стоматологијата и како таа професија ве обликува како личност?

-Јас сум Салија Љатиф Петрушовска, доктор по стоматологија и магистер по јавно здравје. Љубовта кон медицината се роди во мене уште како многу мала, од кога паметам за себе.

Мојата покојна баба и татко работеа во тогашната Воена Болница (а сега ЈЗУ ГОБ 8ми Септември), додека тетка ми исто така го беше започнала средното  медицинско образование.

Така што, јас сум растена со приказните за ноќните дежурства, ранети партизани, операционите сали, белиот мантил, докторите и останатиот медицински персонал.

Во однос на стоматологијата која е наука и гранка на медицината со фокус  на оралното здравје, која вклучува неколку сродни гранки: биологија, хемија, физика. Истата бара умешност и добра поткованост од аспект на севкупната анатомија и физиологија на човековото тело. Голем број на системски заболувања, можат да дадат одредени промени во лигавицата на усната празнина и да се пантогномични знаци. Таквото рано препознавање од страна на стоматолозите особено оние кои се занинмаваат со орална патологија можат да превенираат односно со рано откривање на првите знаци од одредени болести и да доведат до нивно рано и успешно лекување.

Стоматологија, според мене е применлива во секоја возраст и е широко поле за научно истражувачка работа. Покрај тоа таа е и уметност и естетика и сето ова за мене е комплетен пакет и е мој избор на професија.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте како млада жена Ромка во медицината?

 –Јас бев првата жена Ромка, назначена за директорка на јавна здравствена установа. Оваа позиција беше голема чест, но истовремено и голем предизвик. Додека ја извршував позицијата директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември’’ – Скопје, во период од 7 години, научив многу, но сметам дека и многу придонесов на установата.

Уште од почетоците на моето назначување, се соочив со многу стереотипи и предрасуди кои се однесуваат на моето формално образование и на самиот факт дека сум Ромка – истите ми послужиле како дополнителна мотивација за докажување, а мојата младост и енергија ја посветив максимално за раст и развој на установата.

За жал, во нашата држава но и во светот, жените Ромки се секогаш двојно или тројно дискриминирани. Првин, затоа што се Ромки, потоа затоа што се жени и сл.

Ние жените, сметам дека сме многу паметни и снаодливи и имаме способности кои освен преживување и прилагодување на ситуацијата, поседуваме многу квалитети кои ни овозможуваат да истраеме кон патот на успехот, кој знае да биде и многу долг и тежок.

 Како мајка на мало детенце, како успевате да го балансирате работниот ритам и грижата за семејството?

 –На почетокот, кога се роди син ми, јас не користев породилно отсуство. После 40 дена откако се породив, веднаш се вратив на работните обврски (тогаш се уште бев директорка), па обврската околу бебето додека бев на работа ја превземал сопругот.

Сопругот, мајка ми и сестра ми, се моја најголема поддршка и многу ми помагаат околу грижата со Давид, кој сега за неколку месеци ќе наполни 3 години. Сега е малку полесно, Давид е малку пораснат, оди во градинка а јас имам друго работно место, работам како доктор по стоматологија во Службата за детска и превентивна стоматологија во ЈЗУ Здравствен Дом – Скопје, во Поликлиника Чаир.

Сега имам повеќе време и можам повеќе да се посветам на син ми и уживам во улогата на мајка. Секој ден со Давид е посебен, расте сѐ повеќе и јас растам и учам со него.

Покрај формалната работа и мајчинството, сепак мојата посветеност кон унапредување на правата на жените особено жените Ромки во делот на здравствена заштита, се сѐ уште  моја пасија и се обидувам да балансирам со секојдневните обврски и да се посветам и на оваа работа.

 Вашиот брак спојува различни културни и религиски вредности. Како ги пренесувате овие вредности на вашиот син Давид?

 –Да, ние сме мешан брак, сопругот Александар е православен христијан а јас потекнувам од семејство кое го негува Исламот. Никогаш во нашата врска која траеше долго и сега кога сме во брак, ние двајцата не сме дозволиле да има пречки, напротив уживаме во различностите и учиме еден од друг.

Кај нас дома ги славиме и негуваме празниците Бајрам, Божиќ и Велигден. Љубовтта, почитта и разбирањето – еден кон друг се најважни.

 Како се справувате со предрасудите или стереотипите од околината во врска со вашето потекло и професија?

 –Сметам дека сѐ уште треба да се работи на стереотипите и предрасудите кои се присутни, а сметам дека поттекнуваат од семејството (погрешното учење на децата од страна на родителите за одредени заедници) непознавањето на културолошките карактеристики и особености на останатите заедници и сл. Но, има и голем дел од не-Ромите кои позитивно реагираат за постигнатите резултати и унапредувања кај ромската заедница особено во делот на образованието.

Со достапноста на интернетот и социјалните мрежи, за жал сѐ повеќе се шири говорот на омраза а од друга страна недостасуваат: контролни механизми за заштита и спречување од институциите,  недостасуваат јавните кампањи, емитување на емисии со едукативна содржина и сл. кои ќе се справат и ќе ја подигнат свеста за штетноста на овој негативен феномен.

 Кои вредности од ромската заедница сметате дека треба да се негуваат и промовираат кај младите генерации?

 –Ромите се мирен народ и верен народ кој ја сака својата држава.

Ние имаме богата култура и традиција, која се пренесува од генерација на генерација.

Особено битно е познавањето на ромскиот јазик како најзначаен елемент на етничката припадност потоа ромската носија, која сега се користи за време на свадбените церемонии, музиката, ората, храната итн.

Како вашата професионална и лична искуственост ви помогнала да ги поддржувате другите жени или млади луѓе од ромската заедница кои сакаат да се образуваат или да се вклучат во медицината?

 –Јас работев 10 години активно во невладиниот сектор, додека бев студентка и после завршувањето на додипломските студии. Имам учествувано на многу значајни конференции, проектни активности, подготовка и пишување на публикации, истражувачка активност и сл.поврзани со Ромите особено во делот на здравствена и социјална заштита.

Како резултат на тоа, запишав и ги завршив лани моите последипломски студии по јавно здравје на УКИМ Медицински факултет – Скопје, со посвета на жените Ромки со наслов : „Зголемената телесна тежина како ризик фактор кај жените Ромки во репродуктивен период во Шуто Оризари’’, давајќи особена придонес кон оваа целна група.

 Која порака би им упатиле на младите мајки или жени кои се соочуваат со предрасуди, но имаат амбиции да остварат и професионален и семеен успех?

-Предрасудите ги има и неможеме да очекуваме со магично стапче да ги снема одеднаш.

Предрасудите започнуваат од најблиското опкружување -семејството, околината, групата/заедницата, општеството итн. Успехот нема граница, а без борба е невозможен.

Треба да се работи многу, многу долго и упорно а како велат: „Работата го краси човекот“ и една друга, од еден многу добар млад човек кој рекол „Секоја генерација си има своја борба, секое време си има свои херои“, па оттука мојот апел би бил –Бидете  херои на својата генерација!

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов