Во овие времиња е тешко човек да објасни зошто е важно да си доблесен, а разликување на добро од зло е скоро невозможно да се направи. Кај нас стануваат легални работи кои не се морални. На пример, стана легално да крадеш, оние кои најмногу украле се парадигмата за „wanna be“ општествена фигура. Никој во Македонија не завршил во затвор затоа што украл и сите завршиле во затвор поради политичко неистомишлеништво во еден момент. 

Додека брутално ни се напаѓа и она малку душа што останала во нас, што во главно ја храниме со геврек, паштета и по некој јогурт, парадигми за успех ни се луѓе кои имаат скапи коли, луксузни очила, часовници на кои се отчитува некое друго време. Сега е поентата да го живееш македонскиот сон, а не американскиот. Оти во Америка тук тамо и може да се најдат примери на луѓе кои работеле по 2 наместо една смена во сендвичара и засновале бизнис од кој станале милионери, ама македонскиве милионери не работеле три смени во книжара за да имаат милион евра на сметка на 25 години.

Додека ги гледате тие насмеани лица од вештачки заби и фацијална мускулатура забетонирана од хелиурон, погледнете им ги малку очите на нашите милионери. Уморни и несреќни. Оти оној што чесно изработел 12 часа во сендвичара, мирна му е навечер постелата. На оној што украл и измамил му треба шака бенседин, многу алкохол или по некоја дрога да спои 5 часа сон. Совеста не можете да ја подмитите со златни часовници, во неа сите живееме во исто време.

Пласманот на луксуз и брз живот се идеалот, оние кои фотографираат патлиџан и паштета на плажа се исмејуваат за „патлиџан туризам“, а тој е реалност за најголем број граѓани. Кога последно во медиумите некој се занимавал со социјалн-ранливите категории? Ама затоа политички дебатни емисии на кои во главно гледаме апаши од политичари и етичко дно од луѓе се најпожелни медиуски продукти.

На луѓето од страна им е ексремно чудно што Македонците не гледаат во иднината. Ретко кој човек од Македонија го знае одговорот на прашањето каде се гледаш за година дена од денеска? Нив им е кул што ние живееме повеќе во сегашност, оти странците не знаат дека ние немаме иднина. Нашите идеали се закопани одамна, го имаме само овој ден на кој во главно му се радуваме како да ни е последен, оти утре ни е далечно и неизвесно.

Измамата и предавството се пречести оти живееме во сурова борба за опстанок. Лесни пари и многу амбиции. Како да се дојде полесно до пари ако не преку измама? Пошто се радувате затоа што сте го „заебале“ продавачот на пазарската тезга за кило патлиџани вишок и пошто во Македонија се краде од глава до опашка и секој од секого гледа да украде, се надевам само дека нема да е болно соочувањето со фактот дека и телото на човек што живеел скромно и на човек што имал милиони, се распаѓаат по ист природен процес.

Ама компромитирана душа никогаш нема да сфати каква магија се случува кога уште можете да заплачете на туѓи животни приказни со многу емпатија, кога уште можете да помогнете некому без да очекувате ништо за возврат, што уште имате пријатели кои не се дружат со вас зошто татко ви е поп, а вујко владика, кога секој ден давате се од себе на работа и го правите она што најдобро го знаете. Немате поима колку се колоритни соништата на луѓе на кои постелата не им е тешка!

Автор: Магдалена Стојмановиќ