Многу често, во поголем број случаи современите светски правци и стилови во уметноста се доведувале во директна врска со индивидуалното творештво на одредени уметници, посебно што се однесува за извесната димензија на естетската егзистенција во која свеста повеќе не ја објективизира реалноста, туку таа преоѓа во состојба на едно несвесно ниво на био-психичка комуникација кадешто уметникот воспоставува витална конекција со посредство на симболот.

Како во психоаналитичката теорија, така и во уметноста она онирично искуство во кое нештата се логички неповрзани а во свеста се јасни, се од големо значење во историјата на уметноста, бидејќи воделе кон создавање на сосема нов правец во уметноста – надреализмот.

Во констелацијата на овој уметнички правец кој во техничка смисла произлезе од дадаизмот, покрај Рене Магрит, Џорџо Де Кирико, Макс Ернст, Андре Масон, Хуан Миро, Ив Танги и др., клучна улога има сликарот, поет, дизајнер на мебел, накит, изработувач на костими за балет и претстави, филмови, пишување, режија е уметникот кој остави длабока трага во свеста на широката светска публика на 20-от век и еден од поважните симболи на надреализмот, е Шпанецот и Каталонец по потекло Салвадор Дали (1904-1989).

Она со што се карактеризира сликарскиот опус на Салвадор Дали во основа е неговата силна онирична визија исполнета со сексуални содржини, својот делириум на големина, надуената шпанска реторика на необарокот, страшната мешавина на бесрамното, шокантнотото и светото на платното, како и циничниот осврт кон Андре Бретон, претворајќи го неговиот болшевизам во нејасна призма на реакција и анархија.

Во својата рана возраст Салвадор Дали се запознава со француските импресионисти, поентилисти и футуристи, стекнувајќи особено познавање на нивната сликарска техника за да подоцна со запишувањето на Ликовната академија во Мадрид стане близок пријател со истакнати интелектуалци: Луис Буњуел, Федерико Гарсија Лорка, Педро Гарфијас, Еугенио Монтес и Пепин Белјо. Неговата иконографија, воглавно се состои од реминисценции на неговото детство и младоста, како на пр: во раниот пејзаж може да се осети неговиот виолентен темперамент-екстатичен, полн со фантазија, страв и меланхолија. Потаму, составен дел од феноменот на неговиот темперамент е егоцентричната и нарцисоидната природа, која му овозможува да ја искористи уметноста како медиум за провокативно изложување на најинтимните делови од својата личност за што вели:

Јас сум егзибиционист. Животот е навистина премногу краток за да останам незабележан.

Во фокусот на неговото внимание е сликањето предмети кои ги користи како појдовна точка за својата раритетна визионерска реалност која ја интерпретира како слика од сонот и спомените ( „Раѓање на Венера”, „Марсовецот Дали” и сл.). Всушност, тие препознатливи мотиви на растопен часовник, инсекти, телефон, клавир, јајце го индицираат Далиевиот фетишизам кој на ингениозен начин создал ланец од метаморфози што ги преобразил во своевидни кошмарни слики. Во таа насока, експлицитноста на неговата дилириумска состојба, јасно ја искажува Филип Копнес:

Идејата беше заснована на неговото знаење на теоријата на Ајнштајн дека времето е релативно…

Имено,  инспирацијата за издолжување и искривоколчување на екстремитетите од човечкото тело кои наликуваат и се исполнети со извесни асоцијации на испреплетени чудовишни фигури кои како во транс да го играат својот еротски, страствен и сексуален танц, Дали ја црпи и од другите надреалистички сликари. Исто така, магичниот и фантастичен свет на Дали е присутен и во неговите скулптури изработени во мали димензии, но и во керамиката кадешто повторно тој е показ за уметник кој на невозможен начин прави трансформација на субјективниот свет на сонот во објективен-вознемирен свет.

Своевремено, благодарение на напорите на Музејот на современата уметност во Скопје и ние бевме сведоци на можноста да ја видиме генијалната природа на Далиевото творечко битие, и тоа во три техники на уметноста: керамика, графики и скуплтури. Поточно, она што и беше предочено на нашата публика е создавањето илустрации/графики (1960 год.) на текст за книги: „Божествена комедија” од Данте Алигиери, „Дон Кихот” од Мигел де Сервантес и „Алиса во земјата на чудата” од Луис Карол. Во креирањето на овие цртежи ( „Имитатори”, „Џиновите”, „Луѓето кои се јадат едни со други”, „Невидливо” и сл.) може да се согледа градење на автентичен халуциноген надрелистички метод, на тн „параноична-критичка постапка “, чиишто темели се засноваат, впрочем, во психоанализата и автоматизмот.

Од гледиште на историјата на уметноста она што е мошне важно да се напомене е дека надреалистите не се занимаваат со проблемот на реалното, неговата структура и толкување кое ни го пружа свеста, туку се окупирани со навлегување во замрсените лавиринти на потсвеста, чии извори се наоѓаат во сонот како психолошка категорија, но и на сконцентрираното истражување на ониричните димензии и мистификацијата на предметите во сликата, што се производ на бујната фантазија на авторот. Аналогно на Карл Јунг („Толкување на соништата”) и психоанализата на Сигмунд Фројд, корените на оваа уметност се конструирани низ несвесното, автоматско функционирање на мислата во отсуство на секаква рационална контрола. Значи, станува збор за една специфична состојба на умот за која пишувале и првите основачи на надреалистичкото списание Андре Бретон и Филип Супо. Меѓу другото, треба да се потенцира револуционерниот и спротиставен дух на припадниците на ова движење потикнато од општествените услови на 20-век, во кое зеле учество и дадаистите познати како негатори на се што е елитистичко и класично убаво во уметноста.

Уметничката, вонсериска дарба и имагинација на Салвадор Дали се чини неповторлива за 20-от век, која претставува голем придонес за понатамошниот развој и инспирација на идните надреалисти, и воедно, е појдовна точка и  препознатлив урнек во новите создавања на идните уметници.

Автор: Марија Стојческа