Семејство или лидерство не е прашање на исклучив избор. Жените на лидерските позиции во Македонија докажуваат дека овие две сфери од секојдневното функционирање можат да бидат во совршена синтеза. Односно да не трпи ниту едниот дел, ниту другиот.

Дека приватниот и професионалниот живот можат да бидат во совршен баланс покажува и примерот на градоначалничката на Општина Кисела ВодаБети Стаменкоска – Трајкоска. 

Сепак празниците го истакнуваат семејството во приматот и тие се асоцијација на времето кое го поминуваме со најблиските и слободното време кое повеќе го имаме токму поради празничните одмори.

Иако како градоначалничка, нејзиниот позив е континуирана грижа за граѓаните и нејзината работа нема работно време од – до, сепак Стаменкоска – Трајкоска признава дека празниците се време кога ги полни батериите и кога е пред сѐ мајка и сопруга, а членовите на нејзиното семејството се клучните фигури кои ѝ ги полнат батериите и даваат поддршка и ѝ покажуваат зошто сето она за што се залага и професионално има тежина и смисла.

Функцијата на која се наоѓам со себе носи малку слободно време, особено во празничниот период, но семејството за мене е силна и стабилна поддршка во сè што работам. Како мајка на деветоодделенецот Борјан и средношколката Лина и како сопруга на Горан, тие моменти ги доживувам како основа од која ја црпам смислата на сѐ , па и на јавниот ангажман, вели Стаменкоска – Трајкоска.

Празниците во нејзиниот дом не се разликуваат многу од празниците на повеќето луѓе. И покрај тоа што понекогаш има повеќе обврски и нејзината работа подразбира отсуство од дома заради должности кон граѓаните, вели дека за празниците семејните моменти ѝ се најважни, а малите семејни ритуали од украсување на елката до подготовка на празничната трпеза се најдрагоцени.

Во тие моменти, научила како да ги менаџира работите така што секој член од семејството ќе си ја знае својата задача и улога. Кога секој го работи тоа што најдобро го знае и може, како и во општеството, така и во семејството, резултатите се неверојатни.

-И во секојдневните, но и во празничните денови, во нашето семејство сè се прави заедно и секој има своја улога во тие мали, но важни ритуали. За време на празниците тоа заедништво уште повеќе доаѓа до израз: од украсувањето на елката и домот, до подготовката на празничната трпеза. Секој знае каква задача има, но заедно го градиме чувството на сплотеност што го носиме низ целата година. Седењето на маса и заедничкиот оброк не се само празнична традиција, туку вредност што ја негуваме секојдневно. Токму тие моменти ја создаваат топлината и стабилноста, кои за нас се најважни, истакнува таа.

Во разговор за „Мој збор“ Стаменкоска – Трајкоска ни откри и дека празничните периоди ги користи за да зготви специјалитети со многу љубов за најблиските како би придонела за поголемата топлина во семејството, што домашната храна дефинитивно сама по себе ја носи.

-За празниците трпезата ни е полна со традиционални јадења како руска салата, кифлички, сарма, за Бадник, посни специјалитети и секако, лепче со паричка.

2025 година за неа беше година со многу обврски кон граѓаните. Во првите месеци од нејзиното менаџирање со општината беше фокусирана на воведување ред во нашниот на функционирање на општината, дополнително празничните периоди кога се реализираат поголем број проекти кои се во служба на тоа да им обезбедат на граѓаните пријатна атмосфера и празнување.

Но во 2026 година Стаменкоска – Трајкоска откри дека има низа планови и посветеност на функцијата, пред сѐ во интерес на граѓаните, кон кои чувствува огромна одговорност.

Смета дека со својот пример има обврска да покаже дека жените на лидерските позиции можат да бидат пример за другите и да докажат дека политиката има многу што да научи од женскиот хабитус на размислување и женското битие.

-Искрено посакувам Новата година да донесе повеќе жени на лидерски позиции, бидејќи верувам дека секое општество напредува кога се создаваат еднакви можности за вклученост во носењето одлуки. Убедена сум дека тоа и ќе се случи, бидејќи самата јас сум пример дека на жените веќе се гледа како на еднакви и способни за одговорни улоги. Ова го чувствувам како одговорност, но и како голема чест.
Сакам преку мојот пример да покажам дека жените можат успешно да водат, да одлучуваат и да создаваат резултати. И повторно, не говрам за поделби, туку за можности и еднаквост. Посебно сакам младите жени да видат дека со знаење, труд и личен интегритет можат да стигнат далеку. Вистинската инспирација доаѓа кога резултатите зборуваат сами за себе, велите Стаменкоска – Трајкоска.

Ова интервју покажува дека луѓето на лидерските позиции за кои единствено знаеме од нивните јавни настапи кои се проследени со голем број протоколи во суштина се луѓе кои се слични на нас. Со слични предизвици, навики, желби, начини на кои ги празнуваат празниците. Хуманата страна на лидерството го доближува политичарот до граѓанинот и тоа е вистинската смисла на демократското општество.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов