Живееме во време во кое техничките средства кои ги користиме имаат можности за меморија, го управуваат нашето време, ни ја мерат физичката активност на дневно рамниште, го проценуваат ризикот од здравствени заболувања, вршат сложени пресметки наместо нас или со еден збор се „паметни“. 

Зголемувањето на перформансите на технологијата во обид да се објективизира знаењето, човештвото го прави покомотно. Често знаеме да кажеме дека нашите мобилни телефони се „попаметни“ од нас бидејќи може да го паметат текстот кој денеска сме го напишале наместо нас или да употребат сложени алгоритми да го конструираат.

Но атрибутот „паметно“ што го користиме за мобилните телефони и воопшто смарт технологија го нема еквивалентното значење како кога ќе речеме дека некој човек е паметен. Постојат неколку системи на вреднување дали некој е паметен и тоа: социјален, културен и писхолошки систем на вреднување.

Под социјален систем на вреднување ги следиме интерперсоналните односи на поединецот и начинот на кој тој комуницира со другите луѓе од заедницата, под културен систем ги сметаме навиките на поединецот, манирите во изразувањето, јадењето и одржувањето хигиена и психолошки систем на вреднување дава фокус на начинот на кој поединецот се справува со своите афекти, начинот на кој ги покажуваа емоциите и сл.

Релевантност 

Паметните луѓе не разговараат за нерелевантни работи, туку се упатени во контекстот. Дали сте се нашле во ситуација кога некоја личност ќе каже реченица која воопшто не е во контекст и после тоа настанува целосна тишина во друштвото.

Едноставно паметните луѓе знаат да разликуваат важно од неважно и да најдат суштина во било која тема. Тие не се површни, туку го разбираат она што самите тие, но и другите го говорат.

Прикладно однесување 

Паметните луѓе не одат во читална и разговараат гласно бидејќи се свесни дека со нивното однесување ја нарушуваат хармонијата и правилата на однесување што важат за сите.

Но исто така, паметните луѓе нема да одат во кафана и да се однесуваат како да се на црковен исповед. Едноставно знаат како да го прилагодат своето однесување на контекстот и секогаш добро владејат со секоја ситуација и во секоја ситуација нив им е пријатно.

Умереност 

Умереноста е уште една карактеристика што ја имаат паметните луѓе. Тие не претеруваат во зборување, но и не молчат постојано. Знаат како да го дозираат своето присуство во друштво и да создадат атмосфера на успешна комуникација.

Ниту водат монолог, ниту седат настрана како воајери и го посматраат само туѓото однесување. Едноставно паметните луѓе се пријатни за нивната околина.

Доследност 

Паметниот човек е предвилив затоа што е доследен на своите принципи. Не можете да очекуваате од паметен човек вербално да нападне некој на улица од било која причина.

Едноставно тоа е спротивно на неговите принципи и сте сигурни дека кај и да појдете со паметен човек нема да доживеете некаков срам или непријатна ситуација создадена од негова страна.

Достоинство

Паметните луѓе немаат потреба да се споредуваат со другите, другите да ги коментираат, а уште помалку понижуваат. Тие имаат свое достоинство и не дозволуваат и со нив некој да се однесува спортивно од нивното однесување.

Доколку повредите паметен човек со вашето однесување и ја изгубите неговата доверба, бидете сигурни дека веќе никогаш нема да се најдете во негово присуство. Отсуството на паметните луѓе се чувствува најмногу бидејќи тие се базата на добрите социјални односи.

Пријателство

За среќа е потребно малку, а животот е прекраток за во секој човек да гледате потенцијална опасност. Паметните луѓе прават проценка на тоа дали некои луѓе се опасни за нив или не, но не се параноични.

Тие на секого му пристапуваат на пријателски начин и очекуваат за возрврат искрена пријателска рака, но доколку забележат дека не сте искрени во вашето пријателство ќе ве дистанцираат со километри од себе.

Едноставно паметните луѓе ги ценат добрите пријателства и се лојални пријатели кои само може да посакате да ги имате во своја близина.

Не предизвикуваат болка

Паметните луѓе нема да предизвикаат болка на друго човечко суштество, животно или растение токму затоа што се емпатични.

Имаат способност да ги разберат туѓите емоции и учат од своето искуство поради што можат да се стават „во сечеи чевли“. Затоа паметните луѓе се добри слушатели, но од нив може и да ги добиете најкорисните совети кои тие ги искусиле преку нивниот живот.

Затоа присуството на паметните луѓе во нашето опкружување е корисно за целата средина.

Имаат голема контрола над своите емоции

Во ниту една ситуација нема неартикулирано да плачат или неартикулирано да се смеат. Едноставно постои констранта во начинот на кој ги покажуваат емоциите.

Паметните луѓе имаат блага манифестација на емоциите, знаат да ги препознаат своите емоции и да ги контролираат.