Уште еден Осми март пред нас. Го дочекуваме со ужасна трагедија која ја потресе целата јавност. Додека сите се почувствуваа повикани да дадат свој суд и коментар на социјалните мрежи, медиумите како да беа во натрпревар за најсензационалистички наслов полн со шпекулации. Дури и овој пат малку простор имаше да се чујат раузумни забелешки кои ќе донесат промени и решенија, а не нови проблеми.
Очигледно е дека во последните години, ако не и деценија во јавниот простор, особено оној од сивата зона на социјалните мрежи владее страшна мизогинија и осуда на жените, но и осуда на мажите. Што и да се случи на ниво на семејна трагедија, секогаш се вперува прст во мажот и така појавата добива пол, а не суштина.
Ако жена убие маж, или повеќе мажи, повеќето од коментарите се дека тоа го заслужиле, или дека „така им требало“ кога не знаат да си ја покажат вистинската машкост, ако жена се самоубие скокајќи со дете, мажот е крив затоа што вршел семејно насилство, ако маж убие жена тој треба да се ликвидира, ако жена убие маж таа треба да се ослободи.
Современиот феминизам заборава на своите темели, на својата иницијативна идеја. Формиран за унапредување на женските права и еднаквост помеѓу половите, почна целосно да ја промашува сопствената улога. Користејќи аргументи дека насилството има пол, дека жените се обесправени затоа што не се на моќни позиции и дека тие се единствените жртви на партијархалниот систем од убедувања, стануваат пристрасни, субјективни, а за многумина со право и неподносливи.
Вистинскиот феминизам, не вели дека жените се единствените жртви на патријархатот. Феминизмот вели дека патријархатот како уредување е погрешен, затоа што привилегира. При тоа како жртви на привилегијата, можат да се појават и маж, не само жени. Затоа и првичниот изблик на феминизмот наишол на големи одобрувања и подршка токму од мажи со либерални идеолошки убедувања. Класичен пример за тоа е Џон Струјард Мил кој заедно со неговата сопруга Хариет Мил се смета за еден од основоположниците на феминизмот.
Традиционалниот феминизам вели дека жртви на партијархалните стеги се еднакво мажите колку што се и жените. Мажот кој е растен во патријархален систем често се подготвува да преземе голема одговорност за своето семејство, да биде негов финансиски столб, да ја преземе грижата и заштитата на своето семејство како своја највисока должност. Во тоа има, машките деца се „челичат“, се праќаат на сурови битки, се учат на сурови спортови во кои владее бескрупулозна борба, се изложуваат на телесна казна, за на крај да научат дека не смеат да плачат кога ги боли, зошто тоа е индикатор на слабост, а општеството ги презира слабаците.
Да се биде маж растен во патријархално општество е еднакво сурово колку да се биде жена. Аргументот кој го користат современите феминистки дека системот е создаден да привлегира, го пропушта моментот на борба за еднаквост. Ниту една жена на светот, особено ако е двојно или тројно дискриминирана, како африканска жена или жена од пониската класа, нема никаков бенефит што во тој еден процент од најбогати луѓе во светот на листата ќе се појават 50% женски имиња. Таа и понатаму ќе бере кафе на плантажи, ќе одгледува деца и ќе биде закрепостена. Вистинскиот феминизам не се бори помеѓу привилегираните да има повеќе жени, тој се бори за суштинска еднаквост помеѓу половите.
Кога современиот феминизам, зборува за семејно насилство, говори за средина каде владеат тесни и интимни меѓучовечки односи, во кои е најлесно да се „изгуби разумот“. Затоа и бројката на пријавени случаи за семејно насилство далеку повеќе ја надминува бројката на докажано. Додека институциите, и онака неагилни и кадровски неекипирани се борат да направат проценка за основаност на пријавата, не стигнуваат навреме да спасат детски живот кому му треба навистина најголема заштита и будност. Современиот феминизам говори за тоа дека насилникот треба страшно да се осуди, да не види бел ден, да му се одзема родителското право и уште голем број креативни идеи како да се подобри казнениот систем и да се обесхрабрат случаите на насилство.
При тоа, целосно го испушта од видик фактот дека насилникот, ако ѝ се верува на психолошката и социолошката теорија, исто така е производ на своето опкружување и општество колку што е и жртвата. Насилникот денеска, можеби е она исплашено дете кое плаче во ќошот додека татко му го тепа со каиш и притоа му забранува да покажува емоции. Да се каже дека насилникот ја избрал својата патологија е еднакво примитивно како да се каже дека жртвата сама избрала да биде жртва или дека треба да се носи со последиците од својата лоша проценка на партнер.
Апсолутно лудило владее денеска од изманипулирани жени кои околу себе имаат браќа и синови, до тотално мизогини мажи кои се користат како пример за разни генерализации загорзувајќи им го правото на мислење и живот на нормалните мажи, но дефинитивно современиот феминизам мора многу да се занимава со својата интринзична критика. Се додека насилството има пол, се оправдува убиство во зависност од тоа кој го сторил, на феминизмот се гледа како на борба за место помеѓу привилегираните, ние обичните смртници нема да видиме никаква промена и директен импликација во нашите животи.
И овој Осми март, кога ќе кажете дека „Жена на жена ѝ е волк“, тој хобсовски парадокс побарајте го и кај себе. Запрашајте се колку штета можеби сме направиле во борбата за женски права додека се расправавме за тоа дали жената треба да биде ексклузивен субјект на заштита – не само од правото, туку и од институциите, а во последно време и од некакви апсолутни морални судови кои не оставаат простор за разум и нијанси.
Борбата за еднаквост никогаш не била борба за привилегија, ниту за монопол врз жртвата. Таа е борба за правда што важи за сите. Ако дозволиме таа идеја да се претвори во натпревар кој ќе биде поголема жртва, тогаш ја губиме суштината на она за што првично се бореле генерации жени и мажи кои верувале во еднаквоста.
Затоа овој Осми март треба да биде и момент на саморефлексија. Наместо да бараме виновници по родова линија, можеби е време повторно да се вратиме на основното прашање: како да изградиме општество во кое никој – ниту жена, ниту маж, ниту дете – нема да биде жртва на насилство, предрасуди или институционална негрижа.
Магдалена Стојмановиќ – Константинов


















