Денеска ќе слушнете мал милион животни приказни во кои луѓето се претставуваат како големи жртви на животот. Во целата таа агонија не се предале, што ги пресликува како народни херои, учители на животот или луѓе кои имаат вредна приказна да ја раскажат на човештвото.

Во секоја смисла, тажните човечки судбини предизвикуваат емпатија и сожалување, понекогаш и заштитнички пристап кон жртвата.

Но тој однос на општеството кон животните жртви и тоа како ги стимулираше луѓето да создаваат приказни ex nihilo, да ги преувеличуваат своите животни приказни, да мислат дека се најобесправени и дека треба да добијат награда затоа што животот бил неправеден кон нив, по стариот добар принцип на „Све че то народ позлатити“.

Манипулација со болести

Многу е тешко, луѓето кои имаат органска слабост или кои се разликуваат од другите поради болест, да опстанат во општеството и да дадат високи резултати.

Тие во самиот старт на животната трка носат многу поголем товар од другите, со самото тоа и резултатите од тркате се неправедни.

Но, општеството, со својот однос, стимулира манипулација со болести, за да се обезбеди сигурна позиција од другите или апсолутно отсуство на борба.

Наместо да се учат луѓето со болест или хендикеп да го даваат најдоброто од себе и да продолжат да се борат бидејќи убавината е во борбата, општеството ги учи дека е доволно што се болни и нивната животна борба е веќе завршена, а тие треба да се туѓа грижа.

Од таа причина често се случуваат и манипулации со болест, лажирање на лекарски извештаи, собирање средства преку хуманитарни организации за непостоечки проблеми или злоупотреба на социјалните примања за туѓа нега и други болести.

Односот на општеството кон болните е сосема неправеден. Многу луѓе кои живеат со тешки болести, имаат многу поголем креативен потенцијал од другите и тие се животни херои, а не жртви. Нивната болест за нивните успеси е минорна, а тие се посветуваат на значајни работи, не на акцентирање на своите болести.

Од таа причина и се инспиративни.

Ван Гог не одушевува затоа што бил психички болен, туку затоа што бил генијален сликар. Малку од неговата биографија ја обележува болеста, многу повеќе креативноста.

Акцентирање на болестта

Акцентирањето на болеста, го прави човекот болен, а не неговите симптоми.

Кога човекот ќе ја прифати улогата на болен човек, тој во суштина почнува да ја игра (глуми) улогата во која се облекува.

Тоа е теорија на функционалистичкиот социолог Талкот Парсонс. Но болеста како медицинска состојба со клиничка дијаноза нема врска со општествената болест.

Општествената болест е улога, збир од правила кои ги следи болниот за да ја направи „видлива“ за сите околу неговата болест.

Затоа во болниците, како и во затворите обично луѓето се униформираат. Тоа има врска и со целите и намената на униформата, но има врска и со детектирање на „пациент“ и негово препознавање надалеку.

Колку една болест е општествен феномен покажува и следниот пример: Во афричка енклава цело население има дијареа поради лош квалитет на вода за пиење. Дијареата во тоа општество не се третира како проблем прво бидејќи сите ја имаат и второ бидејќи со дијареа луѓето живеат без некои поголеми потешкотии.

Дијареа во западно општество бара третман – пробиотици, тестови за интоксикација, антибиотици и сл.

Сите сме пациенти 

Епидемијата со коронавирусот особено ни ја наметна титулата „пациент“. Денеска сите сме пациенти, потенцијални, актуелни или поранешни пациенти.

Болеста демнее од сите страни, а со болеста и смртта. Лекарите станаа најважната професија во општеството и највидлив во овој период е токму нивниот општествен учинок.

Од перспектива на епидемија сите сме пациенти, без разлика дали сме болни или не, нам ни треба третман.

Третман за јакнење на имунитет, превентивна терапија и имунизација и сл.

Освен што сме пациенти сме потенцијални злосторници, нашето дејство може да има фатални последици по здравјето на многумина. Затоа во доба на пандемија освен тоа што никој не е здрав, никој и не е невин!

Заклучок: Болеста е многу поширока категорија од она што медицината го пружа како сознание за болеста, потеклото, дијагнозата и терапијата. Пред се болеста е општествена категорија. Понекогаш општеството наметнува етикета на болест – на пример некој потполно функционален поединец кој по животен стил се разликува од другите може да бидат етикетирани и стигматизирани како болни (обично психички).

Од друга страна некои поединци кои немаат реална причина да бидат општествено нефункционални се самоприкажуваат како болни со цел да си обезбедат егзистенција преку вредносните механизми на општеството на солидарноста.

Вистина е дека сите сме болни, инфицирани со вирусот на смртта. Секој нареден ден сме поблиску до смртта, а подалеку од животот. Но здравјето е вредност бидејќи ја покажува човечката непокор и борба против неговата дефектна и смрттна природа.

Затоа за херои треба да се сметаат луѓето кои се прикажуваат како здрави или барем ја занемаруваат сопствената болест на сметка на нивните напори да го промовираат здравјето и другите вредности на прогрес.

Автор: Магдалена Стојмановиќ