Постоењето на еден човек не завршува со неговата природна смрт, но со неговиот заборав. Луѓето се во постојана борба да се спротистават на заборавот. Тие творат, градат големи дворци, го материјализираат своето постоење, имаат пород… Но во борбата против заборавот го губат онтолошкиот континуитет.

Ксенија Атанасијевиќ е последното дете на својата биолошка мајка Јелена, која брзо по раѓањето на своето шесто дете, Ксенија добива сепса и умира. Јелена Атанасијевиќ го завршува животот, во борба за чување од заборав раѓајќи го своето шесто дете. Ксенија има врска со смртта на нејзината мајка, но и голем удел во одржување на доследноста во осмислување на животот. Таа има среќа по својата биолошка мајка, да биде згрижена и чувана од својата маќеа Софија. Софија е клучна личност во животот на Ксенија, баш поради тоа што е име на мудроста, егзистенцијалната грижа и вина која е централна во филозофијата на Ксенија.

Ако едно дете на 12 години денеска прашате, што сака да студира или со што сака да се занимава во животот, сигурно е дека нема да добиете еден одговор, или барем ист одговор доколку му го поставите истото прашање после некое време. Но Ксенија на 12 години знае дека ќе студира филозофија, затоа што филозофијата е таа што и помага да ја преживее смртта на својата мајка, потем и татко, да ги преживее војните и сите неправди нанесени од злите луѓе и суровите полтрони на идеологиите и доктрините. Филозофијата на Ксенија и служи да каже едно големо „НЕ“, како што и самата вели при посета на една книжарница, на злото во светот и на притисокот некаде да припаѓа и по секоја цена некаде да биде сврстена.

Нејзината биографија е инспиративна, за Зоран Пеневски кој во својот роман „Елегија за белото девојче“ ја нарекува „белото девојче“. Ксенија е вечно девојче, кое го задржува детскиот оптимистичен дух, а како бела боја ги осветлува и тонира сите потемни бои од спектарот на животот, додека и самата не е боја, туку тон. Значењето на белта боја, Пеневски ја опишува пренесувајќи го разговорот помеѓу Ксенија и сликарот кој го насликал првиот и најзначајниот портрет на Ксенија. Токму тој портрет во кој се огледуваат нејзините очи полни со занес и страв.

Извор: Laguna.rs (https://www.laguna.rs/n5902_knjiga_elegija_o_beloj_devojcici_laguna.html)

Зошто Ксенија е инспирација за Пеневски? Неговиот писателски порив има стабилен континуитет, поради што делува како романот да е напишан во еден здив. Така и се чита, од почеток до крај, по отворање на првата страница. Личноста на Ксенија е исто така континуитет, идентитет, непрекината оска доследна единствено на себе си. Ксенија од првото свое филозофирање и обид да се разбере Горгија и односот на битието и небитието до последното нурнување во егзистенцијализмот и монадологијата на Епикур, останува филозофина посакувана од машките професори на својот оддел за филозофија, премногу интригантна за феминистките, пожелна за комунистите, непријателка на нацистите, омажена во зрели години, но личност која не припаѓа никому и никаде. Како што вели просторот на битието е тоа што го одредува битието на просторот, во никој случај не е обратно. Притисокот да стане нечија љубовница како услов да стане доцент на Филозофскиот факултет во Белград, преку притисокот на гестапо да престане со пацифистичките предавања и предупредувања за злото кое се врши над Евреите во Втората светска војна, па се до притисокот да има деца и да продолжи да пишува за да биде зачувана од заборав, Ксенија го дочекува со една крем пита, никогаш на колена. Секој период од нејзиниот живот за неа претставува нов предизвик и нова инквизиција, можеби затоа и докторската дисертација ја работи токму на тема – Џордано Бруно. Ниту еден животен пламен не ја заобиколува, дури и затворските решетки и прогласот дека е народен непријател, не го скршил духот на Ксенија. Неа постојано најмногу ја загрижува смртта на „белото девојче“ (односно откажувањето од себе и својот идентитет), а најмногу од се ја загрижува што би правел светов без филозофија. Затоа што, како што и Пеневски вели, филозофијата за Ксенија Атанасиевиќ е роман на нејзиниот живот, нејзината биографија, која нема да се заборави, затоа што е зачувана од заборав токму преку вакви дела како што пишува и Пеневски.

Романот „Елегија за белото девојче“ од Зоран Пеневски е посветен на првата жена која докторирала филозофија на овие простори. Тој детално влегува во сите делови од нејзината биографија и ни ја прикажува како личност, мислител и посебен тип на постоење во духовни размери. Ксенија Атанасиевиќ е странецот во животот на своите современици, енигма и мистерија за своите следбеници и Љубица за својата покојна мајка. Таа е асоцијација на христијанска светица која машки го издржува постот и стоички ги издржува коментарите „дали е се во ред со нејзините хормони“ во мизогиниска средина интелектуализирана од мажи – врвни и единствени интелектуалци на одделот за филозофија во тоа време, кои со секое менување на власт, ја менуваат и својата идеологија.

Магдалена Стојмановиќ – Константинов