дома прашуваме други интервју Зоран Пеневски: Суштински ми е важно како страда автономниот поединец поради неговата...

Зоран Пеневски: Суштински ми е важно како страда автономниот поединец поради неговата духовна доследност и автентичност

Интервју со Зоран Пеневски, српски писател, сценарист и преведувач

691
0

Во новиот роман „Елегија за белото девојче“, познатиот и признат српски писател и преведувач – Зоран Пеневски, ја претставува личноста на Ксенија Атанасиевиќ, првата жена која докторирала филозофија од овие простори. Покрај тоа што романот е базиран на вистинска историска личност, со инкорпорација на вистинити случки, контекстуално прецизно конотирани, сепак авторот тврди дека голем дел од романот се базира на фикција, односно на негова претстава. Во пишувањето на делото, тој е исто толку личен и субјективен, колку што е ликот на Ксенија Атанасиевиќ. 

Преку романот „Елегија за белото девојче“ ја запознаваме Ксенија како интелектуалка, читаме за начинот на кој филозофира, ја аргументира нихилистичката теза на Горгија, ја претставува теоријата на Џордано Бруно во геометриски равенки, има системски однос кон метафизиката, но и ја запознаваме нејзината личност, стабилна, етична, естетична и потполно оригинална, таква што го осветлува универзалното битие на животот. Овој роман, напишан од Зоран Пеневски е вечното враќање кон идеалите на Платон, кон вистината, кон заборавеното, наменет за сите кои размислуваат критички за човекот, кој е тој, од каде дошол и каде оди?!

Зоран Пеневски, српски писател, сценарист и преведувач

1. Романот „Елегија за белото девојче“ е посветен на Ксенија Атанасиевиќ, првата жена која докторирала филозофија на нашите простори. Како што и самиот наведуваш Ксенија не припаѓа на ниту еден идеолошки, паланечки и социјален круг, туку таа е интелектуалец со свој идентитет и се потпира единствено на своите етички принципи и на својот разум. Дали сметаш дека можеби филозофијата е таа која го гради интелектуалецот и ја поттикнува неговата независна мисла поддржана со етички принципи и убедувања и дека доколку Ксенија била доктор на некоја друга наука, можеби нејзината дејност би била повеќе ангажирана, а нејзиниот мислечки субјект ќе остане засенет од научничкиот ангажман?

Пеневски: Несериозно е некој да сака да зборува за светот без да знае филозофија, односно археологија на знаењето. Со текот на времето, јас лично созреав од бунтовничкиот став дека моралот е секогаш само моралот на мнозинството што те турка кон просечност, дури и кога се зборува за големото херојство (ја сакав репликата на Рембо „моралот е слабост на мозокот“) до став кој ми се чини несомнен токму затоа што звучи сомнително – а јас секогаш наоѓам потврда во негова корист – дека нема естетика без етика. (Во овој поглед, треба да се каже дека српската култура има среќа – без разлика на приговорите што може да се упатат кон неа – да има книга како „Филозофијата на Паланка“ на Константиновиќ.)

Ксенија не би можела да биде научник од друг вид, таа може да биде само уметник – поради нејзините маки, често се враќа на музиката и жали дека помалку ќе се мачеше ако станеше пијанист, што исто така ја влечеше. Занимавањето со филозофија само по себе не е доволно за некој да се занимава со општествени проблеми и статус, тоа е прашање од лична природа. Ксенија била ученичка на класичната школа, а исто така и на класичната школа на мислата, а со тоа доаѓа и општествениот ангажман, па вистинско чудо е како го издржала сето тоа и постигнала толку многу.

Ксенија Атанасиевиќ (1894-1981)

2. Ксенија Атанасиевиќ и покрај тоа што е првата жена филозоф на овие простори која често морала да се бори со коментари од типот дека „има машки ум“ во рамките на феминистичката теорија не е често препознавана. Што мислиш дека е причината за тоа? Дали можеби идеолошката неоптовареност на нејзината мисла и чистата умствена работа и независна мисла е таа што не ја квалификува во феминистичката теорија?

Пеневски: Ксенија е интелектуалец со силен морален кодекс, но секогаш се приклонува кон уметноста без која не може. Таа свири многу добро, посетува концерти, уметнички изложби, театар и опера, оди во кино, многу чита и пишува за други книги, не само филозофски или социолошки. Самата доживеала што значи да се биде успешна, образована и непопустлива жена во свет воден од машки кругови. Мислам дека Ксенија денес е препознаена како феминистка и во нејзините дела и во нејзиниот активизам, почнувајќи од анализата на улогата на жената кај Платон и завршувајќи со бројни настапи на национални и меѓународни конференции за подобра положба и права на жената.

Но, таа е свесна за одговорноста на своите постапки, бидејќи колку што е отворена во приватните дневници, таа се грижи за умереноста во јавните текстови.

Не е жесток фанатик, но не дозволува несериозно да се преминува покрај нејзините ставови кои секогаш се базираат на аргументи. Би рекол дека феминизмот за Ксенија бил еден од нормалните и важни текови на нејзиниот социјален живот, а не единствениот.

 

3. Што покажуваат твоите биографски истражувања на животот и делото на Ксенија Атанасијевиќ. Дали нејзините филозофски трудови и фрагменти се разликувале од другите на катедрата по филозофија со однос на тоа што таа е единствената жена филозоф? Дали можеби има разлика што таа ја покажува во начинот на кој филозофираат мажите и жените, или тоа се сосема погрешни претпоставки дека во филозофијата и етиката има „машки“ и „женски“ поглед на светот?

Пеневски: Машки и женски дискурси постојат, но поинтересно е како се препознаваат и како се разбираат. Ксенија ги гледа овие дискурси во однос на моралниот концепт кој е над овој делумнот. Што е уште поважно, Ксенија го поминала целиот свој живот во сенка на болка – од смртта на нејзината мајка до постојаното малтретирање на универзитетот до војните и забраната за работа во јавност. Оттука, таа ги исполнува своите филозофски фрагменти со лично искуство повеќе од другите современици и е сосема поинаква од етаблираните луѓе во тоа време.

Таа се враќа на почетоците на човечката мисла, верува во враќањето на душите затоа што не може да разбере дека толку многу страдања во животот може да се нанесат на невино суштество, го гледа светот од нејзина перспектива како сцена на правда и неправда и на таков начин што не може да го исцрпи конечното битисување.

Постоењето не е конечна категорија за неа. Животот е страдање, но ова е само една од неговите фази.

Ксенија не сака ова да биде крајот. Тоа е бела (во романот има алгоритам за боја) светлина која минува низ оваа реалност и ја осветлува внатрешноста на битието. Затоа, таа е пример за тоа како личниот концепт на светот е поставен како она што нè штити од оваа светска несреќа.

4. Колку од романот „Елегија за белото девојче“ е создаден по вистинска историска и биографска приказна и дали има делови на фикција каде треба како автор да доловиш некоја поента за читателот?

Пеневски: Романот е структуриран како читање на нејзината прва (или барем една од првите) објавени раскази, Елегија на белото девојче (за која верувам дека е заснована на вистински настан), која е целосно дадена како рамка, така изгледа дека секој параграф од таа приказна е наслов на одредено поглавје. Ксенија Атанасијевиќ остави зад себе голем број текстови, подредени и неуредени, прочитани и непрочитани, но ме интересираше да ја видам како личност, како жена која се бори против налетот на секојдневието и злобата на неталентираните и необразованите.

Оттука, предизвикот беше да се доближиме до нејзиниот светоглед и ракопис за да не може да се повлече строга линија меѓу неа и авторот. Структурата на романот вели дека делото на вистинскиот уметник ја содржи неговата судбина (уметноста на интерпретацијата е всушност врвна интелектуална дисциплина), а од друга страна, многу блиску и суштински ми е важно како страда автономниот поединец поради неговата духовна доследност и автентичност.

5. Зошто тебе лично Ксенија Атанасиевиќ ти беше инспиративна, за токму неа да и го посветиш својот најнов роман?

Пеневски: Би ја избегнал употребата на зборовите „инспирацијата“ и „посветувањето“ и би рекол дека тоа сум јас. Јас сум роман за Ксенија, односно таа е дел од мене исто колку што сум претстава за неа. Ксенија во „Елегија“ е исто толку реална, колку што е измислена, затоа што не е „романтирана биографија“ туку пат на битие, самосвесно и мудро, нежно и непоколебливо, чисто и страдално, вредно и прекрасно.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ

 

Можеби ќе ве интересира:

Матеј Богдановски: Зошто сакаме голем дел од нашето човечко да го препуштиме на компјутерски софтвер кој не може да ги поими убавото, доброто и лошото?