Признанието ослободува, што повеќе луѓе пред себе или пред другите го признаат тоа што го потиснуваат во несвесното како резултат на пресилното супер его, тоа повеќе се ослободуваат.

Признавањето не е лесен процес, особено ако она што треба да го признаете има елементи на страв, срам, општеството поставило вредносен однос кон таа тема и секое отворено и искрено зборување значи виктимизација која дополнително го прави непријатен односот на општеството кон оној што говори.

Долго време размислував дали да говорам отворено за проблем кој верувам дека голем дел од нас го искусиле, но некој ги научил дека да се зборува за интимни и партнерски проблеми е срам и се треба да се чува во четири ѕида оти ако излезе надвор, околината може да приреди агонија.

Всушност најголемите непријатели во нашиот живот се тие што ја злоупотребуваат претставата за околината како опасна и не држат во 4 ѕида, тоа се нашите партнери.

Долго време останав во токсична врска во која се повеќе и повеќе се главев, како да пропаѓав во жива песок, секогаш кога мислам дека се извлекувам полека, добивам страшен притисок да се вратам во амбисот на бесконечното пропаѓање.

Прво почнав да го губам мојот идентитет, бидејќи мојот поранешен партнер знаеше што мене ми треба многу повеќе одошто јас знаев за себе што ми треба. Во тоа најпрво успеа да ме убеди.

Буквално се преиспитував за секој мој збор, одлука, секој акт на слобода беше пречекуван на нож и непријателство, се што ќе кажев или што ќе направев не бев јас, туку однесување кое треба да се усогласи со идејата на мојот тогашен партнер за мене.

Секако идејата за мене беше полна со очекувања, а јас во бесконечно трчање да ги задоволам тие очекувања, секогаш нешто недостасува, никогаш не е доволно добро.

Со идејата дека ја имам потенцијалноста да бидам совршенство, но дека секогаш малку нешто ми фали, ме стави во подредена позиција во која јас постојано морам да се реафирмирам и докажувам себе во очите на врховниот суд на мојот партнер.

Тој беше оценувачот и посматрачот, а јас бев животното кое го дресираа во циркус.

Наравоучение: Никој нема право од вас да бара да бидете совршени или да се прилагодувате на неговата претстава за вас, вие сте такви какви што сте, полни со грешки и недостатоци и некој или ве прифаќа како реални ентитети или не ве прифаќа, никој нема право да ве обликува!

Секој збор што го кажував имаше апсолутен и буквален карактер и како на суд, се што ќе кажев можеше да биде употребено против мене.

Во секоја расправија, јасно ми се даваше до знаеше што сум кажала претходно и дека немам право на отстапки од тој „нотарски“ договор.

Затоа по некое време замолчев целосно, не изговарав ниту еден збор, воопшто и не разговарав и секако и тогаш не бев добра бидејќи не го изговарав тоа што од мене требаше да се слушне, иако од денешна перспектива и самиот тој не знаеше што е тоа што сака да го слушне.

Наравоучение: Личноста е менлива категорија, имате право на покајание, на менување на вашите ставови и планови, имате право да се откажете или да се поправите. Никој нема право да ве држи затворени во вашите изјави од минатото и да ве контролира потсетувајќи ве на вашите ветувања! Едноставно секој човек мора да е флексибилен и адаптибилен во животот бидејќи животот не е предвидлива шема.

Односите што ги имав со други луѓе, веќе не беа односи на ти, туку мојот поранешен партнер се поставуваше измеѓу секој мој однос со други луѓе.

Пред сите се претставуваше дека знае што е најдобро за мене и кој е добро друштво за мене, а кој не. Секако добро друштво за мене беа само оние кои ме убедуваа дека тој е совршен за мене и дека ја сум таа што постојано бара нешто невозможно и има лошо поведение. Јас бев таа која бара премногу или која не знае што сака!

Сите кои го гледаа истото што и јас или имаше опасност да го видат беа отстранувани од мојот живот со брзина на светлината. Или ќе сведочеа на брутални кавги помеѓу нас двајцата од кои самоволно бега по принцпи – Бегај од будаливе, или ќе беа напаѓани нивните гледишта и ставови со што луѓето од премногу непријатност ќе го прекинеа контактот со мене.

Буквално ме држеше во магла од круг на луѓе и редовно ги регулираше моите односи со нив, ако му се допаѓаат ќе ги стимулира дружењата, ако не му се допаѓаат ќе направи се да ми укаже дека тие немаат добри намери кон мене.

Наравоучение: Секој човек во вашиот живот заслужува посебен однос и со ниту еден човек не можете да изградите идентичен однос бидејќи сите се различни. Секој има посебно место во вашиот живот. Партнерот е само еден тип на однос, на планетава живеат 7 милјарди луѓе кои се полни со мудрост, идеи и предизвици и никој нема прпаво да ви го регулира односот со другите луѓе или да се претставува како пречка меѓу вас и нив.

Со тек на време мојот очај и депресија растеа, бидејќи мислев дека нешто не е во ред со мене како што сите ме убедуа. Мислеа дека гледам во односот нешто што не постои, а веќе бев доволно одалечена од сите за да можам да дознаат дека уште некој го гледа истото што и јас.

Бев затворена во себе и длабоко несреќна, незадоволна од себе и од сопствениот живот, иако знаев дека надвор од тоа постои друга реалност, постои ЖИВОТ. Немав храброст да ја раскинам врската бидејќи прво имав фиктивна причина, а второ не знаев што ќе правам со својот живот по раскинување на врската, просто не гледав никаква алтернатива или јаже за кое може да се фатам и да се извлечам од тој жив песок.

По некое време почнав да покажувам непослушност и да земам повеќе слобода во свои раце, што резултираа со поттикнување на агресивно однесување. Бев затворана со часови во соба, принудувана на разговори и одговори, дури понекогаш поливана и со вода доколку се трудев да заспијам за да го избегнам сиот тој пекол што ми се случуваше пред очи. Агресивното однесување никогаш не кулминираше да имам јасна повреда на тело поради што и не можев да докажам дека сум жртва на насилство.

И секако секогаш се наоѓаше некоја причина во мене која го предизвикува тоа агресивно однесување. Понекогаш тоа беше моето смеење додека тој зборува, моето пеење или некоја потенцијална опасност која може да ме земе од него и да ме тргне.

Беше опседнат со тоа дали гледам во други мажи, дали другите мажи гледаа во мене, колкав е степенот на блискост. Што ме натера по некое време да му ги оправдувам сите сомнежи само да го натерам на скандал од широки размери кој конечно ќе ме ослободи од него, иако бев свесна дека јас ќе бев виновната, ороспијата на која и „мрда гагзот“.

Сепак барав било каков спас од тој пекол и пробував се да се извлечам.

Наравоучение: Ако мислите дека нешто не е во ред во вашиот однос или врска, не мора никому да му ја правдате вашата одлука да ја прекинете. Немојте да мислите што другите ќе кажат за вашата одлука и дали причините ви се банални. Едноставно луѓето немаат капацитет да разберат што се случува под површината на еден навидум нормален однос. Важно е да соберете сили и да преземете контрола над вашиот живот која одамна сте ја препуштиле на другите.

Почнав да добивам закани дека луѓето ќе дознаат за мене која сум, дека моите најблиски ќе ги дознаат моите тајни, кои верувам дека не се разликуваат многу од тајните на сите други луѓе.

Постојано мислев дека нешто грешам и дека таа грешка е непоправлива а откако луѓето ќе дознаат што правам ќе бидам осудена и отфрлена. Воопшто не можев јасно да видам дека не правам апсолутно ништо абнормално и лошо и веќе бев доволно слаба да се објаснувам.

Таа закана дека ќе биде изнесено нешто компромитирачно за мене, како на пример – што сум кажала за некоја моја другарка во врска со нејзиното деколте, ме правеше дополнително покорна. Морав да ги слушам сите наредби само да си ја купам скриеноста зад велот кој тој ми го наметнуваше, а кој реално не постоеше.

Многу се плашев да не бидам демистифицирана бидејќи ме убедуваше дека тоа што не се гледа за никој друг освен за него е страшно и дека малте не заслужува осуда и смртна казна. Мислев дека сум најголем грешник, се додека не видов дека моето однесување кое тој го диктираше е всушност тоа што ме прави грешник и дека надвор од тоа, моето реално јас и мојата вистинска личност не се разликуваа по ништо од другите, што ме правеше исклучително нормална личност.

Наравоучение: Никој нема право да ви суди за вашите псотапки освен суд или Бог. Луѓето кои ви судат веројатно и се поголеми грешници, прифатете ја одговорноста, но мора да знаете пред кој се одговара, а пред кој НЕ.

Никогаш не било испочитувано ниту едно мое НЕ. Буквално се силуваше и мојата волја и моето тело. Јас веќе го изгубив кредибилитетот да одговарам за себе и затоа кога ќе кажев НЕ тоа всушност за оној кој знаеше што мене во тој момент ми треба и што јас сакам, значеше ДА.

Буквално се чувствував како објект кој нема волја, сите интимни чинови беа крајно себични и во нив немаше ни трунка љубов, имаше само доказ на мојата верност!

Наравоучение: Секое ваше НЕ значи само и ништо друго освен НЕ, ако некој се однесува со вас спротивно од вашата волја тоа се вика СИЛУВАЊЕ и е кривично дело!

Кога конечно собрав храборст и сили, благодарение на мои пријатели кои ми пружија поддршка и ми помогнаа појасно да ги видам работите, се роди најголемата ЖРТВА на светов. Непоправливо заљубениот Ромео кој ќе се убива поради невозвратена љубов, на кој сум му направила косимчка неправда од која не можеше да се опорави, кој стана дел од моето семејство и беше причина моето семејство да ме отфрли, да ме отфрлат моите пријатели, буквално сите. Мислам дека таква виктимизација од себе не прават ни луѓе кои изгубиле се во војни, од болести, родители кои изгубиле деца.

Имаше маратонски драмски плач и бесконечно вознемирување кое требаше мене да ме врати на „фабричко“ и оставајќи ме беспомошна да се вратам во рацете на теророт.

Тој е подготвен на се, да ме гледа несреќна, полужива, овената, било каква, само да не сум надвор од негова контрола.

Наравоучение: Вистинските луѓе никогаш не си заминуваат од вашиот живот, се што се плашите дека ќе изгубите или ви е тешко дека сте го изгубиле, никогаш не било вистински ваше. Славете што се го исчистиле ѓубрето од вашиот живот и славете што тој тест го поминале и мал број на луѓе, но оние кои во животот многу повеќе ќе ви вредат отколку милјарда лажни!

Оваа лична исповест сакав да ја поделам со сите жени и мажи кои биле жртви на сличен профил на луѓе. Не дозволувајте некој во име на љубовта да ве уништува, бидејќи тоа не е љубов. Љубовта облагородува, придонесува да растете и да се развивате, а не да пропаѓате. Се друго е чиста манипулација, туѓ страв и комплекс на пониска вредност. Мора да видите кога вие сте ЖРТВА, а не некој кој се претставува како жртва за да добие сојузници и сожалување кај сите. Мора да запрете навреме бидејќи доколку не се борите за себе може да завршите и фатално. Мора да побарате помош од институции или од блиски луѓе, бидејќи не можете сами да се извлечете од жива песок. И што е најважно нема од што да се срамите, тоа не е ваш срам, туку туѓ, вие треба да се срамите само од тоа што сте го направиле вие и да одговарате за тоа, но не вашиот срам да ве држи во туѓо засложништво. Никој нема право од вас да бара одговорност освен граѓански институции и Бог. Толку е едноставно! Охрабрете се, борете се за себе, за вистината и за правдата!

Автор: Магдалена Стојмановиќ