дома прашуваме други колумна Метафизички осцилации на почувствуваното

Метафизички осцилации на почувствуваното

Колумна на Марија Стојческа

315
0
Кога македонската уметност доживува преродба и кога одделни уметници стануваат и пошироко познати, човекот има потреба од враќање назад, потсетување на оние творци што ги поставиле темелите на македонската модерна, кои направиле пробив и создавање во средина која не била подготвена да ги прими новите движења, посебно не од сликарска природа. Показ за една таква сликарска вредност е еквивалентна на сликарот Спасе Куновски (1929-1978), уметник кој преку валоризираните уметнички квалитети јасно го потврдува своето место во историјата на македонската уметност. Станува збор за современ уметник кој вешто ги апсорбира современите ликовни средства, фантастично сврзан со современото сфаќање на уметноста.

Спасе Куновски работејќи ги делата во техника масло на платно, создава еден надреалистичко-метафизички свет кадешто во алогичноста на поставените нешта пробува да пронајде нови хоризонти во потсвесното. Имагинативниот свет на овој уметник осцилира од надреалното и фантастичното, до магичен реализам и метафизичко сликарство. Неговата преокупација со сликање на кукли, тотеми, маски и фигури без идентитет, кои езгистираат во широк празен хоризонт или лебдат во бескрајниот простор, се јасен показ за специфично таинствено сликарство, кое со својот мистицизам не воведува во магичен лавиринт на потсвесното и поетско толкување („Грипозна ноќ”, „Композиција-страв”, „Логор”, „Маски”, „Старец”, „Залуден предизвик” „Апсурден портрет”,„Портрет на илузионист”, „Помеѓу животот и смртта” и др.). На овој начин, чинот на автоматското творење се изменува во автоматизам на насликаните предмети и фигури, односно надреалистичкиот концепт со присутните елементи го нагласуваат необичниот распоред и однос во композицијата со цел да постигне атмосфера на иреалност и напрегнатост. Во оваа насока ќе се надоврзам на изјавата на Рене Магрит, цитирам:

Видливите слики кои не кријат ништо; тие предизвикуваат мистериозно чувство, и навистина кога некој ќе види некои од моите слики, си го поставува едноставното прашање: што значи тоа? Тоа не значи нешто, бидејќи мистеријата исто така не значи ништо, таа е непозната.

Поетската енигматичност Куновски ја доловува низ иреалното отсликување на човечката силуета и предметите, што е впрочем, резултат на некаков немир, внатрешен диктат и проектирање на некаква внатрешна праслика произлезена од сонот, потсвесното. Хроматскиот дијапазон го сведува истовремено на придушена и темна гама, но и тонски градиран колорит кој сугерира симболичност и поетичност на целината.

Всушност, поетиката на таинственото и на чуден начин тивкото постоење и преобликување на нештата, се доловени со темни акорди на светло-темно. Низ својот сликарско-метафизички објектив тој успева да постави задкулисна, куклена и сценографска претстава во која набљудувачот може да влезе и да патува, постојано да истражува и да открива нови имагинарно-реалистични простори.

Од ваквата ликовна постапка, Спасе Куновски извлекува впечаток на магично обоен амбиент, каде сликарската идеја ја презентира безличната гротеска, со колорит кој индицира енигматичност и анонимност на предметите и фигурите.

Автор: Марија Стојческа