Меган Маркл растела со митот кој се пренесува преку погрешното, сексустичко и родово засновано воспитание дека животната цел на секое девојче е да биде кралица.

Под влијание на сказни, филмовите на Дизни и либералните пропаганди дека социјалната подвижност е остварлива, секое девојче го замислува животот со расплет како оној на Пепелашка.

А дидактичката нота на приказната со Пепелашка е дека „колку и да ти е тежок и беден животот, секогаш постои начин да го промениш радикално“. Но, ни повеќе ни помалку, туку да заведеш некој принц кој толку ќе се вљуби во тебе што, откако ќе се венча, ќе ја добиеш титулата – принцеза, а потоа и кралица.

Универзалната правда задоволена, имаш онолку колку што во минатото си жртвувала.

Меган Маркл по ништо не била различна од секое девојче кое замислувало дека еден ден ќе стане принцеза, сретнувајќи го принцот со кој ќе основа семејство и ќе живее среќна до крајот на животот.

Но за разлика од многу други, девојчиња на кои таа замисла не им се остварила и тие останале да бидат фигуративни „кралици“ на своите деца (ретко на своите сопрузи) во осмомартовските честитки, на Меган Маркл тоа навистина и се остварува.

Интервјуто на Меган и принцот Хари предизвика големо светско внимание, а се повеќе ќе наидете на коментари кои ја обвинуваат Меган за расколот во кралското семејство и подготвеноста да жртвува се, за неколкуминутна слава.

Коментарите во главно се – дека има претерана потреба да „глуми“ жртва, дека нејзината глумачка професија и талент се манифестира и во нејзините говори и секојдневен живот, ја споредуваат со Кејт Мидлтон и ја истакнуваат важноста на аристократските корени во одржување на складен брак и однос со принцот, дури и членови на нејзино семејство како што е нејзината сестра доби 5 минути слава со тоа што ги потврди хејтерските коментари истакнувајќи дека „Меган лаже и дека депресијата и е оправдување за ужасните односи што ги има со луѓето“.

Не и е лесно на Меган да се справува дури и со својата љубоморна сестра, а нејзината приказна само потврдува дека каменот од блиску доаѓа и тоа оној најтешкиот што буквало може да те остави мртов.

Во интервјуто Меган откри како кралското семејство системски врши притисок на Меган, најмногу затоа што е различна. Во суштина Меган не откри ништо ново, во секое конзервативно семејство се врши притисок на оној што е различен и се работи организирано и смислено на негово истиснување од семејството.

Направете само паралела како изгледа животот на една рурална жена која се омажила за побогат маж, или животот на една жена која е послободна, а се омажила за маж кој има патријархална и конзервативна фамилија. Приказните како онаа што ја раскажа Меган Маркл има и надвор од кралското семејство, само што верувам дека робувањето на протоколите, безсмислените правила и моќта, кралските семејства ги направиле поригорозни во одбраната на своето „педигре“ или на својата „лига“.

Коментарите со настапот на Меган на кој беше придржувана од нејзиниот сопруг, инаку за Британците припадник на кралското семејство, откриваат колку е голема општествената и колективната осуда кон жената.

Никој не го обвини принцот Хари за ништо, никој ниту спомна дека Меган е негов избор и тој ја дели еднакво одговорноста за нејзините постапки кон неговото семејство со неа, никој не го прогласи Хари за лабилен маж поради врската со Меган и заладувањето на односите со неговото семејство. Никој ниту помисли дека Хари можеби избрал да го зачува семејството со Меган бидејќи смета дека тоа е приоритет и дека е поважно да се зачува семејството што си го создал отколку онаа што те создало.

Медиумските осуди и коментарите, ја обвинија Меган дури и за свесните и доброволните избори на Хари.

Жената е виновна за запознавањето, за стапувањето во брак, за тоа какви ќе бидат децата биолошки, за тоа како децата ќе бидат воспитани, за тоа каде ќе се живее, како ќе се готви, како ќе се менаџира со домашниот буџет, буквално за се!

Меган Маркл никогаш нема да стане кралица во кралското британско семејство, дури и поради тоа што се омажила за принц. Нејзината титула на кралица е одземена, поточно никогаш и не и била дадена. Но никој не може да и го одземе на Меган тоа што и е дадено од природата – нејзината харизма, природност, убавината на насмевката, искреноста да се зборува за проблемите кои ги има многу почесто одошто може да се замисли, и што е најважно никој не може да и ја одземе храброста која ја прави единствен кормилар на нејзиниот живот, нејзиниот личен идентитет кој не може да го создаде ниту една кралска лоза, ниту едно кралско семејство.

Ниту еден член на кралското семејство, особено Кејт Мидлтон со која често се споредува, не може да го освои вниманието на луѓето, нивните симпатии и да предизвика толкаво влијание како Меган, поради нивната маска, прикриеност под кралските стандарди, поради немање на личност, туку само функција, поради студеноста зад која се крие стравот да се направи грешка и да се открие нешто повеќе од тоа што треба да се види.

Меган Маркл одлично го игра овој театар, кој за потсетување, не го направи, туку го затекна и на сите им одржа лекција како тоа се прави!

Автор: Магдалена Стојмановиќ