Во ерата на социјалните платформи и жед за внимание, љубовта не умира со врисок, туку со шепот. Нејзината последна воздишка е тивка експлозија во длабочината на осамената душа. Ние, современите луѓе, веруваме дека вредноста се мери со видливоста, со бројот на „лајкови“ и аплаузите на толпата. Но, и физиката и верата ни го шепотат истото: вистинската моќ лежи во невидливото, во она што опстојува без надворешен сведок.
„Кој не се изненадува од квантната мистерија, не ја разбрал.“ – Нилс Бор нè предизвикува да ја погледнеме длабочината.
Љубовта е токму таа мистерија наречена квантна спрегнатост. Состојба во која две битија, еднаш поврзани, остануваат едно, без оглед на растојанието, времето или бучавата на светот. Тоа е врска без посредник, без публика. Чист капка вода во пустина.
Но, во мигот кога едното битие ќе одбере друг „систем“ , било да е тоа славата, парите или евтината доминација тогаш спрегнатоста се раскинува. Тоа е предавство, не морално, туку онтолошко. Предавство на односот, кое тивко ја гаси светлината на најдлабоката поврзаност.
„Само кога ќе изгубиш сè, тогаш сфаќаш што значи човекот.“ – Фјодор Достоевски ни сугерира дека вистинското просветлување доаѓа низ паѓањето на надворешните фасади.
Денес, медиумите не се само пренесувачи на пораки; тие се ковачи на реалноста, катализатори на страстите. Тие ја зголемуваат бучавата, ги засилуваат вибрациите на гордоста и нарцисоидноста, претворајќи го човекот во честичка која постои само кога е набљудувана.
„Во квантниот свет, набљудувачот е дел од набљудуваното,“ напишал Вернер Хајзенберг.
Оваа научна вистина се претвори во проклетство: публиката стана наш Бог, а нашето постоење се сведе на зависност од туѓите погледи. Кога тие погледи ќе исчезнат, идентитетот се распаѓа.
„Гордоста е најнестабилната состојба. Таа е резонанца што сама се засилува додека не го скрши системот.“
Оваа древна духовна вистина денес е поактуелна од кога било. Славољубието нè тера да ја замениме длабочината со површност, тишината со врева, смислата со бесмисленост. А Бог? Бог не не казнува. Тој само се повлекува. Како извор на енергија што престанува да го напојува системот кој избрал погрешна фреквенција. Системот може уште малку да се движи по инерција со слава, со пари, со влијание но внатре во него веќе почнал неговиот крај.
„Кроткиот и чист по срце го носи Бога во себе; гордите сами се оддалечуваат од Него,“ нè учи Свети Јован Крстител.
Овој манифест е повик за бунт. Не за гласен отпор, туку за внатрешно повлекување. За да се спаси љубовта од тиранијата на погледот, мораме свесно да ги исклучиме надворешните сигнали. Да ја вратиме вредноста на невидливите врски. Да ја негуваме верата која не бара доказ, љубовта која не бара публицитет и благодатта која не се рекламира.
„Најголемата благодат се наоѓа во тишината, а не во зборовите,“ нè потсетува Свети Јован Лествичник.
Тивката експлозија завршува кога човекот ќе најде мир во невидливото, длабоко во своето срце. Таму, каде што нема „лајкови“ и каде што нема публика, постои единствената вистинска слобода.
Тоа е слобода да се биде поврзан без сигнал, да се сака без потреба од аплауз, да се живее без зависност од туѓите потврди. Затоа, да ја избереме невидливата врска. Да го вратиме достоинството на тишината. Да ја живееме квантната љубов!
Автор: Гоце Кузески
*Авторот е професор по физика и колумнист


















