Во текот на последната деценија светот се соочи со нов облик на тероризам чијашто идеологија произлезе од воените дејствија во Ирак и Сирија, првенствено во организација или со поддршка на терористичката организација ИСИС. Во налетот на тероризмот настрадаа дури и најсилните и најбезбедните европски центри.

Имено, голем број европски метрополи беа мета на терористите, при што се истакнува дека во периодот 2014 – 2017 година во земји членки на ЕУ биле изведени дури 56 терористички напади во кои животот го загубиле 381 лице. Карактеристично за нападите е тоа што тие биле насочени кон таканаречени „меки цели“, односно без предупредување биле напаѓани невооружени цивили на фреквентни локации.

Генерално, сите акти на тероризам во Европа биле организирани или произлегле од актерите и поддржувачите на „Исламска Држава“, односно лица повратници од Сирија и Ирак или лица кои биле во непосреден контакт со нив.

Како извршители на терористички напади се истакнуваат и лица кои веќе издржувале затворска казна за активности во паравоената „ИСИС“ или други дејствија од позиции на насилен екстремизам и тероризам. На почетокот на ноември 2020 година, бевме сведоци на токму таков пример, кога австрискиот државјанин со македонско-албанско потекло Кујтим Фејзулаи изврши терористички напад во Виена, под мотото „Исламската Држава останува и се шири“. Имено, тој претходно веќе издржувал затворска казна за обид за приклучување кон паравоената „Исламска Држава“.

Засегнатите држави, односно оние од каде што потекнуваат „странските борци“ и поддржувачите на антизападната политичко-идеолошка идеја на таканаречената „Исламска Држава“, а во насока на борба против тероризмот и сузбивање на насилниот екстремизам, беа принудени да извршат промени во нивното дејствување, преку носење на нови безбедносни стратегии, нови законски решенија како и планови и програми за рехабилитација и реинтеграција на терористи.

Имено, покрај останатите субјекти надлежни за борба против тероризам и сузбивање на насилен екстремизам, голем дел од товарот го презедоа казнено- поправните установи, со што тие се соочија со нов и реален предизвик, а тоа е ресоцијализација на една релативно нова и специфична категорија на осудени лица.

Покрај самиот процес на ресоцијализација кој треба да содржи и процес на дерадикализација и исклучување на насилство како метод, казнено-поправните установи се соочуваат и со предизвик во однос на сузбивање на радикализација помеѓу осудените лица.

Опасноста од радикализацијата во затворите би ја истакнале преку случајот со германскиот државјанин со македонско потекло Филан Митрев кој во ноември 2019 година, заедно со уште 2 лица бил приведен, а подоцна и обвинет за подготовка на самоубиствен терористички напад во името на „Исламска Држава“.

Карактеристично за овој случај е тоа што истиот претходно издржувал затворска казна, но не за тероризам туку за изнуда и физички напади. Во затворот, тој „го пронашол патот до верата“, преминал во ислам, се радикализирал и воедно станал поборник на „Исламската Држава“.

Република Македонија како дел од Глобалната коалиција за борба против тероризмот, заложувајќи се за побезбедно општество за сите, во изминатиот период спроведе повеќе акции и тоа „Ќелија“ (2015, 2016), приведување на седум лица повратници од Сирија во соработка со меѓународни партнери (2018), како и последните две антитерористички акции во кои во два наврата (август и декември, 2020) беа приведени вкупно 11 лица под сомнение дека биле здружени во терористичка организација со цел реализација на терористички напади во земјава.

Неколку десетици од овие лица веќе се соочиле со затворски казни, а останатите се во тековен кривично-правен процес.

Во однос на специфичната ресоцијализација на овие лица, која е повеќе од неопходна, би потенцирале дека во македонските затвори сè уште не се спроведува програма за дерадикализација.

Како можна последица од тоа би го истакнале фактот дека дури 5 од вкупно 11 лица кои се приведени во последните 2 полициски акции, се всушност рецидивисти, т.е. лица кои и претходно биле учесници во терористички активности.

Имено, дури 4 од нив, меѓу кои и лидерот на оваа 11-члена група, веќе издржувале затворски казни после акциите „Ќелија“, а еден од нив, иако се борел на боиштата во Сирија, досега не бил осуден.

Се истакнува и тоа дека еден од рецидивистите, за време на издржувањето на затворската казна, бил проценет т.е. под третман со ризик од рецидивизам „многу низок ризик“, што само по себе укажува на слабост во пенитенцијарниот систем, како значајна и незаобиколна алка на безбедносниот систем во целина. Оттука се

поставува прашањето уште колку полициски акции за спречување на тероризам ќе изведеме и во нив повторно ќе ги приведуваме „истите“ терористи. Дали секогаш ќе имаме среќа, која, за жал ја немаа многу земји членки на Европската унија и нивните граѓани?

Преку оваа кратка анализа може да се заклучи дека тероризмот, односно насилниот екстремизам не може да се сузбие единствено со кривично-правен прогон, доколку нема соодветни затворски програми за рехабилитација (дерадикализација, исклучување од насилство), како и ефикасен постпенален третман со цел успешна општествена реинтеграција на поранешните осудени лица.

Исто така, тероризмот како највисок стадиум на насилниот екстремизам, потребно е да се идентификува, третира и сузбие во најраната фаза, а за тоа неопходно е колективно учество на сите општествени чинители. Во таа насока, за најсоодветен крај на овој мој мал општествен придонес за овој голем безбедносен предизвик би го одвоил цитатот на Малала Јусуфзај „With guns you can kill terrorists, with education you can kill terrorism“.

Автор: м-р Бојан Христовски,
магистар на науки од областа на Криминалистиката и Криминологијата