Пратениците во македонскиот парламент ја прогласија короната за умрено. Да ми простат историчарите од бугарскиот дел од мешовитата историска комисија, ама македонскиот парламент си е македонски и морам да повлечам дека пратениците што го сочинуваат овој собраниски состав никогаш не биле пообединети. Изгледа водени од бугарското државно мото „Съединението прави силата“, покажаа колку силни и кооперативни можат да бидат во вакво време невреме.

Во случајот најмал проблем е популизмот на пратениците од „Левица“. Од нив друго и не може да се очекува. Нивната партија има потреба од делот што ѝ следува. Сепак тие не сакаат да бидат финансирани од олигарси нели, а волонтерските испади со „духовити“ амандмани не можат да траат вечно. Снемува инспирација, снемува мотивација, страшно е.

Прашањето е принципно.

Македонија или заевистичкиот Северџанистан како што ја нарекува бранителот на плебсот сè уште мака мачи со коронавирусот, а еве од вчера и официјално влезе во рецесија. Македонските пратеници не најдоа сили да ги жртвуваат овие пари на граѓаните и да се откажат од нив, затоа што легендата вели дека чадорот што ги чува пациентите на болницата во Битола може да стои таму додека Бугарија не го повлече ветото за Македонија, но партиските каси не смеат да останат празни, за да не му текне на некој олигарх како Орце Камчев например да почне да ги полни…

Страшно е.

Се наоѓаме во војна, но и во такви услови парите се послатки од честа и достоинството. И пак ќе речам овде не се само проблематични популистите од Левица, тие ете решиле дека покажале доволно „духовитост“ со амандманите што ги предложија за да ги блокираат измени на Деловникот за онлајн работа на заразени и пратеници во изолација. Може им се потрошиле идеите… 1400 амандмани па макар и по една реченица не се мала работа. Каде беа газдите на Македонија во последните 30 г. СДСМ ДПМНЕ и ДУИ? Ете Левица се голтари им требаат пари за да си ги отвораат дувлата, каде беа ненајадените пратеници од големите партии? Ги нема никакви. Но тие не се тема на муабет, нив си ги знаеме нели и оп ете ја Левица, не плукајте по големите, плукајте по целуфанените левичари кои на следни избори ќе газат… Некако не ми мириса дека ќе газат, бидејќи се прекрасни вака мали, накурчени полни со самодоверба и што е најважно можат да се пофалат со следбеници кои без да жалат прсти и тастатури ќе ги бранат на социјалните мрежи од овде до месечината и назад. Се додека народниот гнев и фрустрација се насочува кон малите и накурчени, големите и сталожени ќе бидат раат. Па да се вратам на муабетот за газење на следните избори… кој би им дозволил на Апасиев и Крмов да бидат нешто друго освен симпатични на една разочарана група луѓе врескала кои се закануваат со стрелања? Тој што ги создаде и ги направи фактор во нивниот сегашен вид без Савески и Јовановиќ ќе ги уништи во првиот момент во кој тие ќе сакаат да ја напуштат улогата на галамџии.

Можеа ли партиите да не ги земаат тие 4 милиони евра? Можеа. Можат ли да ги донираат? Можеби некоја од нив ќе го направи тоа. Мене повеќе ме боли фактот што воопшто се нашле тие пари на дневен ред, баш во ова ужасно време, баш во време на војна.

Држава се прави со жртви, а не со супсидии. Додека не го научат тоа македонските пратеници, ниту Македонија ќе стане нормална држава, ниту нив ќе им смета дека во 21 век болниците ни се гнезда на зарази. Си велам дека ќе го бараат и Каракачанов секој ден да дава изјави. Додека главна тема е тој, меѓу капките ќе поминуваат токму нивните сопствени срања што одамна се мерат во пари, овие 4 милиони се само уште една бројка во таа статистика и ништо повеќе.

PS: Додека ги трпите овие ејакулации во вашите лица, ве молам не ја споделувајте онаа фотка со малото детенце на нивата со тутун. Зборете си за Каракачанов и Захариева, барем нема да бидете лицемерни во насочувањето на вашите оправдани фрустрации.

Автор: Атанас Величков