Пратениците, тие на блокови смртно спротивставени политички непријатели – патриоти против предавници, чесни против измамници и лажговци, тие што се за – против тие што се против Македонија, кога се гласаше измената на законот за финансирање и за враќање на 4 милиони евра на партиите, кои заради Ковид кризата им беа задржани – сите сложно, едногласно и без дискусија гласаа За да им се дадат тие граѓански пари од буџетот. Никој тогаш не кажа тие пари да се пренаменат за купување на новата вакцина против Ковид за граѓаните, да се купат амбулантни возила, да се реновира некоја болница, да се купат лаптопи за децата од сиромашни семејства за да ја следат он-лајн наставата…

А пред некој ден на медиумите се појави слика со Ангела Меркел, премиерката на најсилната Европска држава Германија, како самата си купува намирници од супермаркет, и дека рекла дека самата си пазари, пере, домаќинисува, а не со куќни помошнички за да глуми величина. На новинарско прашање дека го носи истиот фустан од лани – одговорила дека нејзина животна цел е да им служи на граѓаните, а не да биде модел.

Дали со овие два едноставни примери не е толку пластично јасно и видливо што се случува кај нас? Веќе треба и на најнаивните и најлековерните да им е јасно дека во Македонија главна цел на политичарите не им се идеалите, граѓаните или не дај боже земјата – МАКЕДОНИЈААААА, туку – ПАРИТЕ! Од авион се гледа дека тие во политика не влегле за да остварат некоја возвишена цел, не дај боже да им служат на граѓаните, туку – заради парите!

А кој е крив за тоа што ни се вакви политичарите, па тие не дојдоа сами на тие позиции, некој ги изгласал. И покрај толку укажувања од паметните и добронамерни луѓе какви ни се политичарите и што ни се случува во политиката – граѓаните повторно на избори гласаат за истите партии, и им даваат можност и легитимитет на политичарите да продолжат на ист начин да ВЛАДЕАТ со нив. Жалната вистина е дека граѓаните во Македонија сѐ уште не се доволно освестени, дека со научни методи се манипулира со нивните емоции и размислување, им се окупира мозокот со интерните конфликти – нашите против нивните, како со навивачки групи, и не им се дозволува да ја согледаат големата слика, што навистина се случува. И затоа како гром од ведро небо стигнува веста дека смртните политички непријатели – така братски и сложно си изгласале враќање на 4 милиони евра пренаменетите граѓански пари.

И зошто сега нема некоја поголема реакција на граѓаните против ваквата одлука на пратениците, зошто граѓаните не излезат на протест пред собранието, онака сложно и братски како пратениците, и не побараат, сите заеднички од сите партии, пратениците да ја поништат оваа расипничка одлука? Зошто само иронично помеѓу себе коментираат колку пратениците и партиите се лакоми за пари? Затоа што големото мнозинство граѓани на Македонија се малодушни и себични, зошто повеќе ги боли за своето отколку за заедничкото, и затоа што знаат дека да се на нивно место – не 4 туку 40 милиони евра ќе си вратеа, и повеќе ќе крадеа.

Сепак повторно граѓаните не се криви, затоа што таа малодушност и себичност кај нив исто така систематски се развива и одржува од страна на партиите, и тоа е дел од тоа научно перење на мозоци кое партиите го прават со помош на скапо платените советници, остручувани за тоа на меѓународни универзитети. Интересно е зошто партиите се толку мотивирани да им ги перат мозоците на граѓаните, која е причината да се толку бездушни и безмилосни? Како е можно парите да им се поважни од луѓето? Па тоа се мафијашки правила: целта ги оправдува средствата, парите се поважни од луѓето, секој човек има цена и точка на топење итн. Зарем е така лесно луѓето да влегуваат во организиран криминал (мафија) само од личен интерес, за пари, преку „наивно“ ангажирање во партија?

Одговорот е лесен и едноставен, и повторно се сведува на исто – изборниот систем со затворени листи создава услови за авторитарен мафијашки систем, во кој лидерите на партиите решаваат за се во државата, се и сите зависат од нив. За се поважно што се случува во државата одлучуваат тие а не граѓаните, и затоа тие се заинтересирани да им се перат мозоците на граѓаните, заради нивна полесна контрола, а крајната цел на сите лидери се – парите на граѓаните од буџетот.

Епа како тогаш Меркел не се расфрлува со граѓанските пари и се доживува себе како нивен слуга? Затоа што таму изборниот систем е со отворени изборни листи, и ако Меркел не им служи на граѓаните – тие ќе ја сменат, од нив зависи кој ќе биде премиер на Германија а не од лидерите на партиите. А кој смее да лаже, краде или работи против интересите на граѓаните – ако премиерот е граѓански слуга? Ете затоа Германија е локомотивата на ЕУ, и ова е пластичен пример за сите најлесно да разберат кои се резултатите од промената на изборниот систем и воведувањето на ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ.

Под притисок на јавноста едно време се зборуваше дека сега е вистинско време за промена на изборниот закон, некои медиуми известија дека се покренува иницијатива за промена на изборниот закон, сега пред локалните избори кои се догодина – но се некако оди споро или стои во место заради несогласувањето помеѓу партиите, опозицијата го блокира Собранието, Ковид криза е… Ама за враќање пари се оди експресно! Јасно е дека ако се остави на нашите локални партиски мафии да го променат изборниот закон и воведат отворени изборни листи – ќе се изначекаме, и нема да дочекаме.

Втората опција за воведување отворени изборни листи беше почеток на преговорите со ЕУ. Ама ете, каков малер и случајност – се најдоа прашања од историјата, и Бугарите ни го блокираа почетокот на преговорите. Дали е ова случајно? За наивните да, ама за тие што ја гледаат големата слика и ја сакаат вистината – никако!

Што ќе правиме ние овде со овие наши сложни политички криминалци, кои на сцената глумат борци за Македонија, за правата на граѓаните – а зад сцената сложно си ги делат парите за добрата глума? Ако не се освестиме што поскоро и почнеме преговори со ЕУ, ако што поскоро не го промениме изборниот закон и воведеме отворени листи – црно ни се пишува. Зошто сега во Македонија е мафијашко време и се има цена, а парите се поважни од граѓаните, идеалите или Македонија.

Автор: Елизабета Најдоска – Величкова